Дали би поверувал кога би ти кажал дека ресторанот „The Lacy Nook”, лоциран во Лондон, ќе биде во сопственост на Јана и Елена, две девојки од Македонија?

Ако сакаш оваа приказна да прерасне од сон во јаве, тогаш имаш уште 3 дена да ја докажеш својата хуманост и добрина преку симболична донација. Притисни тука за да им дадеш шанса на лондончаните да го испробаат македонското гравче тавче, малиџаното, макалото и пинџурот во проект-ресторанот на Јана и Елена.

Јана и Елена се две мангупки, наши сограѓанки, кои работат и живеат во Лондон и се во дружба веќе подолги години, но со различни професии и горе-доле различни животни патишта. Пред 2 години тие решаваат да станат сами свои газди и да отворат ресторан наречен „The Lacy Nook”.

 

12912696_1694515174154528_1623259493_n

 

Приказната е дека двете девојки ги напуштаат своите работни места (Јана работела 6 години во светот на дигиталните медиуми, а Елена 10 години во авијациска брокерска компанија т.е. како организатор на чартер летови за бендови и артисти како Kings of Leon, Pearl Jam, Lady Gaga…) и решаваат сета своја заштеда да ја вложат во нивниот нов заеднички проект — отворање на ресторан преку kickstarter кампања.

За почетоците на нивниот проект, Јана и Елена за целите на kickstarter кампањата изјавуваат:

„Патувајќи по места како Америка, Индонезија, Тајланд, Европа, решивме сите тие искуства да ги канализираме во некој простор кој ќе биде нашиот втор дом, т.е. место кое ќе биде собиралиште на сите наши сеќавања, искуства и идеи. Крајниот продукт е ресторанот „The Lacy Nook”. Ова ќе биде еден маалски ресторан (сместен во квартот Stoke Newington), кој ќе ја спојува на едно место целата креативна комуна и ќе претставува место каде што секој ќе може да се опушти во една релаксирана атмосфера, да ја проба нашата храна и да ужива во благодетите на животот.

 

13181347_1685334625050830_954086434_n

 

Храната во ресторанот ќе биде сезонска и за сечиј вкус. Во превод — ќе може да се задоволат од вегани и фанови на органската храна, па се до месождери и фитнес-фанатици.

Дневното мени ќе биде составено од протеински салати, свежи џусеви, џим-шејкови, а навечер ќе има мало мени со соодветно избрани продукти. Помало мени, подобар квалитет на храната. Императив е да не се користи замрзната храна заради одбегнување на чинот фрлање на неискористената храна.

Во поглед на пијачките ќе се служи само локално пиво од пивницата Камден и органски произведени вина во мали локални винарии.

Најдобриот начин да го доживееш „The Lacy Nook” е преку „Secret Beer Garden”. Ова би претставувало една зелена оаза за 40+ луѓе која би била во функција низ целата година. Опремена со зелена површина, природни растенија и билки засадени и одгледувани од самите идни газдарици, овој дел од „The Lacy Nook” е место за релаксација на мозочните неврони.

 

13408787_259319147761604_1439582708_n

 

Градината е навистина нешто посебно, бидејќи во Лондон нема многу места со комотен отворен простор. А за Британците времето никогаш не е пречка и секое време од денот е добро за некое опуштено пивце со друштво.

Иако е тешко е да се биде уникатен во град како Лондон, девојките сметаат дека „The Lacy Nook” ќе прерасне во впечатливо место само по себе и според третманот што гостинот го добива. Од пречекот, до љубезноста, вокабуларот, пријателскиот однос, професионалноста и насмевката.

Желбата на Јана и Елена е нивниот простор да биде место каде што гостите ќе го сакаат и ќе му се радуваат на животот. Бидејќи ресторанот не се наоѓа во централен Лондон и нивните гости во најголем дел нема да бидат туристи, нивната цел е да најдат начин како да допрат до локалното население, соседите, семејствата, младите.

 

Comments

comments