Младоста е најдобрата информација.

Таман си се заиграл конструктивност и се трудиш да градиш поквалитетна средина, забораваш на време и околности… кога од аголот на чудно непозната скопска улица се појавува екипа клинци со свеж модел на градска слобода, извојувана преку музика.

Имаат по 21-2 години, културни се, воспитани и свират како да се таму родени. Свират некоја своја музика, автентичен свет, безмалку не ти е јасно каде постои таа атмосфера, а комотно би се обвил, буквално зачаурил во безбедноста на оваа психоделична авантура.

Психоделија без тронка тупење драги читатели. Изненадувачка одмереност за така енергетски напната возраст. Младост. Чиста, искрена, вљубена во музиката. Борба за простор во кој се живее поквалитетно од сервираната пропаганда која би не товела со црна хроника 24/7. Младост полна со креативен дух, без намера да се троши по лажната сигурност на квази рокерската тезга-култура, ами ќе понуди своја сонична приказна. Урбана скопска бајка, која ќе се обиде да убеди доволно луѓе дека уметноста е подобра идеја од корупцијата, но и подобар бизнис од позицијата во државна администрација. Виртуозноста на изведбата е аргумент повеќе за градење на доверба, а кој ги слушал во живо е заштрафен за убедливоста на овие момчиња со бубњеви, гитари, бас.

Но каде отидов? За кого тоа побогу зборувам?

Кристијан Новковски, Кристијан Савик и Панде Евтимов кои заедно настапуваат како The Local Blue.

 

 

Нивниот супер деби албум, Project Blue Beam, излезе на 9ти мај 2018 година, како 154-то издание на ПМГ Рекордингс. Отсвиреа и промо концерт, од кој публиката си отиде пресреќна. И јас бев презадоволен. На ЦД моментално ми се свиѓаат повеќе одошто во живо. Стар човек. Но тоа е најмалку важно во оваа приказна.

Она што се брои е неизвалканата младост, музичката и човечка култура и спонтаната енергија која ја почувствував од бендот и нивната публика. Ме воодушевува кога сум сведок на сцена која резонира култивираност. Сакам да бидам дел од овие продуховени џебови на отпорот. Привремени автономни зони каде владее чистата убавина и паметната наша младина. Свет кој вреди да се живее, а започнува со ставање слушалки во ушните школки и пуштање на албумот на The Local Blue.

Breaking News: бендот концертира оваа сабота на 2 јуни, во рамките на прекрасната Reborn улична интервенција, која милуваме да ја викаме Музеј Дебар Маало. Музеј на живата уметност. Победа на младоста против примитивизмот. The Local Blue ќе бидат на платото пред реномираниот скопски локал Винил. Go! Go! Go! and become spiritualized. ♥️

П.С. Драг читателу… дури и да не ја поседуваш онаа редовна количина на неизбежна македонска експертиза, да не речам итар пејовска остроумност, веднаш ќе заклучиш дека сум пристрасен. Во право си. Но во отсуство на музичка индустрија која на овие талентирани луѓе ќе им овозможи да живеат од својата музика, или министерство за култура кое ќе им створи услови за работа (ко у Швецка, да)… останува да ја искористам својата скромна позиција во нашиот музички свет и да бидам фанатично пристрасен во случајот на The Local Blue. Предлагам да ми се придружиш… ма сите да ми се придружите во фанатична пристрасност кон сировиот квалитет на современата македонска музика.

 

Comments

comments