Фотографии: Елена Фиданска
Спонзорирано од Swatch SISTEM51 Irony

 

Генерална вистина: Никој од нас не е свесен колку стотици пати досега поминал низ улиците на Дебар Маало.

Сите сме оделе во ДМ на шарска со кајмак или на компир. Сите сме го загледале кул логото на Think, закачено на фасадата на една од можеби најубаво новогодишно накитените куќи во Скопје. Сите сакаме да поседуваме барем едно од столчињата или фотељите на Think. Сите сакаме да дознаеме нешто повеќе за Think.

Ако ниедна од претходно наведените вистини не е твојата и сè уште не знаеш за Think (што значи не си читал доволно Reborn или не си по кафаните). Не осудуваме! Сигурно си се дружел некогаш со Дина во Old School, а со Теа си пиел пиво на истиот шанк во Балет. А можеби најверојатното сценарио е дека девојките ти се/ биле/ ќе ти бидат симпатии. Двете девојки, архетикти и сопственички на овој изложбен салон за ентериер кој од тротоарот пред Министеството за одбрана те поканува да влезеш и погледнеш што има внатре. А кога си внатре посакуваш да ги соблечеш чевлите и тоа да биде твојот дом.

 

 

За оние што не се запознаени со Think, може ли да се претставите преку неколку реченици?

Think претставува архитектонско студио кое ја оплеменува сопствената концепција на творење и создавање со изложбен салон за мебел. Како комбинација од пасијата кон современиот мебел и дизајн, и желбата за креирање на предмети и простори кои го предизвикуваат конвенционалниот начин на размислување, Think цели кон дефиниција за бренд кој би создал една подлабока комуникација помеѓу архитектурата и дизајнот.

Иако во суштинскиот карактер на Think се цврсто втемелени принципите на класичниот модерен дизајн, карактеризирајќи се како едноставен, функционален и безвременски, се стремиме да презентираме еден нов и освежен пристап во индустријата.

Ние веруваме дека луѓето не купуваат само парче мебел со кое ќе го надополнат својот дом, туку тие на тој начин оплеменуваат или креираат еден комплетен животен стил.

Токму и од таму започна, а и сè уште се базира визијата на Think, да презентираме еден поинаков пристап на раскажување и пренесување на приказната за архитектурата и дизајнот, присутни во секој сегмент на нашето секојдневно функционирање, создавајќи простор кој ги нуди комплетните алатки за една естетска и функционална реализација.

 

 

Think се отвори точно пред една година. Како помина оваа прва година?

Како еден нов концепт на продавање на мебел, сместен во специфично избраниот автентичен амбиент, за оваа година Think ги надмина сопствените очекувања и е позитивно прифатен од клиентите.

Креирањето на нечиј сопствен универзум преку стилскиот дизајн и ентериерот претставува многу повеќе од разместување на мебелот во просторот. Инспирацијата и мотивот за успешна реализација на овој концепт, како и стремежот кон тоа да парчињата мебел кои се продаваат бидат презентирани на еден специфичен и креативен начин, придонесоа за една година да успееме да изградиме сопствен универзум наречен Think, кој постојано расте и се менува според потребата и интересот на клиентите.  

 

 

Како  за вас започнува процесот на креирање, без ралика дали станува збор за ентериер или архитектура?

Дефинитивно сме инстинктивни архитекти. Започнуваме со инстинкт при креирање на идеите. Најчесто, процесот на инспирација започнува од моментот на запознавање на самите клиенти, продолжувајќи со нашата понатамошна интеракција со нив. Генерално, тој процес е органски и секогаш претставува реакција на нешто што предизвикува меѓусебен дијалог, разбирање и препознавање. Канализирањето на инспирација и идеи се темели на тимската работа, по што миксот на искуства и инвентивноста резултираат со креативен и за секого автентичен и пријатен дизајн.

 

 

Што може да очекуваме од Think во иднина?

Еден од примарните концепти на Think е неминовната поддршка за развојот, препознатливоста и вреднувањето на македонските дизајни. Подготвени за креативни предизвици, како продавница за мебел, се стремиме постепениот прогрес да резултира со креација и пласирање на наша линија на парчиња мебел, која би придонела за зголемување на автентичноста на функционирањето на Think.

 

Кои се најпопуларните/најпродаваните елементи во Think?

Не постои некое особено популарно парче мебел кое преовладува како фаворит помеѓу клиентите. Воглавно доминира еден широк диверзитет на интереси и барања, кој секогаш се преточува во еден совршен избор за секој од клиентите. Со претходно обмислената филтрација при изборот на парчињата мебел, како и внимателната селекција при секоја нарачка се стремиме да ја издигнеме перцепцијата за дизајнот, презентирајќи ги светските трендови, преведни за потребите на локалниот дух.

 

 

Омилени дизајнери на мебел?

Оние кои никогаш не би можеле да ги занемариме и заборавиме се секако архитектите од модерната. Charles Eames, Hans J. Wegner, Arne Jacobsen, се само едни од имињата кои се пример за безвременски извор на инспирација. Скогаш огромен предизвик претставува нивното парче мебел соодветно да се вклопи и искористи во ентериерот, а воедно и да го задржи својот доминантен израз.

Наспроти креаторите во модерната, постојано ги следиме и младите дизајнери кои пласираат нови материјали и се поиновативни дизајни.

Како поомилена би ја издвоиле дизајнерката Ника Жупанчич, која пласира еден свеж и поразличен неконвенционален дизајн на мебел.

Исто така, современиот скандинавски стил и дизајн е сеприсутен како неисцрпна инспирација, дали при креирањето на парче мебел или еден ентериер како целина. Како исклучителни дизајнери би ги издвоиле скандинавските компании за мебел Muuto и Hay.

 

 

Кој е вашиот омилен објект / парче мебел од моменталниот инвентар на Think?

Во принцип, никој од нас не се фокусира на одредено омилено парче мебел. Секоја поставка и композиција зрачи со сопствен дух и различно придонесува за перцепцијата на амбиентот во просторот, меѓутоа нормално, често се склони кон промена. Идејата ни е што почесто да ја менуваме концепцијата на амбиентот, со цел постојано да се презентираат диверзибилни поставки, во кои секој наш клиент би можел да се пронајде.

 

Кој би бил идеалниот град во светот каде би го отвориле вториот Think?

Едно подобро Скопје во кое нашиот импакт и придонес кон индустријата би помогнал за издигнување на свеста за вреднувањето на архитектурата и дизајнот на ниво кое го заслужуваат.

 

 

Галерија

Проект на Think за печатница ProPoint. За повеќе посетете ја Facebook страната на Think.

 

Comments

comments