Ова се нашите 5 причини да го гледате филмот „Еј!“ кој може да го погледнете на 2 декември во КОТУР.

 

1. Еј! е направен за инает, со многу ентузијазам и без ич пари

Филмот е направен пред 10-тина години за инает на тогашните власти кои и покрај огромниот успех на субверзивната театарска претстава „Мара/Сад“ ја тргнале од репертоарот. Наместо да западнат во апатија, режисерот Васил Христов – Вуси и огромен дел од екипата (околу 50-тина ‘конспиратори’) се обединиле под името „Hey! Колектив“ и решиле да снимаат целовечерен игран филм кој ќе ја сатиризира тогашната политичка ситуација. Снимањето траело шест недели, а некои денови се работело и по 16 часа. Се разбира, за финансиска поддршка од филмскиот фонд не можело ни да се помисли и актерската екипа единствено била платена со добрата забава.

 

 

2. Еј! подмладува

Необично освежувачки и симпатично е да се види една цела генерација актери кои денес имаат успешни домашни и меѓународни кариери како безрезервно и несебично го прават тоа што највеќе сакаат да го прават и се најдобри – а тоа е да глумат. Често славните ги земаме здраво за готово без да го цениме целиот вложен труд , енергија и љубов – „Еј!“ е убав потсетник дека и најголемите некогаш имале скромни почетоци.

 

 

3. Еј! е носталгичен филм за „урбан народ, убави луѓе“

Еј! е буквално филм за „урбан народ, убави луѓе“ пред фразата да стане меме на Фејсбук… всушност филмот е толку стар што тогаш и Фејсбук бил кул (патем, филмот има официјална MySpace страница). Од полокалните предели на носталгијата, треба да се напомене дека филмот е направен токму во она наше „Скопјенце“ пред гротескната антиквизација да метастазира врз градот како „Скопје 2014“, во она наше „Скопјенце“ со нешто повеќе зеленило и со многу повеќе музички и… други содржини во клубовите, во она наше „Скопјенце“ во кое луѓето уште веруваат дека нешто како претстава или филм може да направи промена…

 

 

4. Еј! е забавен и целосно непретенциозен

Наполнет со либерална енергија и актерски ентузијазам, филуван со shaky движења на камерата и со експлозивни и треш специјални ефекти како шлаг на психоделичната торта „Еј!“ веројатно понекогаш ќе ве збуни, почесто ќе ве насмее, но сигурно никогаш нема да ве остави рамнодушни. Филмот дефинитивно не боледува од синдромот на „типичен македонски филм“. „Еј!“ НЕ е специфично дизајниран да ве остави со тегоба во душата.

 

 

5. Еј! бизарно се поклопува со бегството (киднапирањето?) на Премиерот

„За време на една ноќна забава, група пријатели имаат спиритуална сеанса во која на шега се обидуваат да го повикаат духот на Александар Македонски. Наместо него, меѓу нив се материјализира премиерот на земјата. Набргу низ целиот свет се шири веста за исчезнувањето на македонскиот премиер.“ Ова е официјалниот синопсис на филмот кој феноменално се пресликува со една друга крими-трилер-политичка ситуација која ја имаме во моментов. Тешко е да се одвои дали фикцијата е поапсурдна од реалноста. Затоа и кино проекциите на „Еј!“ се најавени како „колективни спиритуални сеанси“ во обид #ДаГоВратиме исчезнатиот Премиер.

 

Бонус причина: Ej! Има фантастичен саундтрак од Дарко Спасоски и Огнен Анастасовски (Окац од Bei the Fish).

 

Филмот можете да го погледнете во КОТУР.

 

 

Comments

comments