Изминативе неколку години, на светски музички план, имам чувство дека сè е поврзано и дека сè орбитира околу електронската музика.

Па и не само на светстко, туку и на локално ниво, каде за право чудо сме во континуиран тек со светските електро-трендови. Доказ за тоа е отворањето на новиот електро клуб „Епицентар“, фантастичните минатогодишни журки на Водно, ребрендирањето на Станица 26 во сериозен електро-клуб како и популаризацијата на старо-новите продуцентски куќи и лејбли.  

На оваа кул листа пред 3 години се приклучи и Pata Pata Recordings, продуцентска куќа формирана од тројца аудиофили и зависници од музика – Ѓорги (Ted Dettman), Славе (Sal Sonder) и Александар (HAAJ). По тој повод, трети роденден, на 18 март, тие, ќе прослават со добра журка во Клуб Индустријал, Струмица.   

 

 

Се работи за веќе етаблирана музичка платформа чија основна цел е да воспостави свој експресивен начин на размислување, да пренесе до публиката уникатен звук и да понуди единствена приказна – нешто што дефинитивно и фалеше на македонската сцена изминативе години.

Досега, тие вкупно имаат издадено 90 изданија, од страна на афирмирани имиња од techno и house сцената, вклучувајќи ги „Тed Dettman“, „Dani Sbert“, „Phase Difference“, „53 Hz“, „Gaga“, „Phaedon“, „Magitman“, „TKNO“, „Silvina Romero“, „Massiva“ и многу други.

Наскоро тие ќе го промовираат и EP-то на легендарното британско техно дуо Spektre, заедно со ремикси од основачите Ted Dettman и Sal Sonder и на уште едно големо техно име, кое го држат во тајност. Во наредниот период, на оваа етикета ќе бидат присутни и германскиот суперстар диџеј и продуцент Lutzenkirchen и словачкиот техно продуцент, Criminish.

Дечкиве со сигурност нема да сопрат тука, но за понатамошниот нивен прогрес повеќе од потребна им е нашата поддршка. Затоа на 18-ти овој месец сите масовно да се упатиме кон Струмица.
Нормално не до толку масовно, еден по еден, без туркање, сите ќе влеземе.

 

Comments

comments