Се чувствуваме особено храбро летово.

Некои од нас во обид да изгледаме подобро на плажа, а некои затоа што веќе со години живееме на здрава храна, решивме летото да го поминеме на добра салата. И не ме разбирај погрешно, малку работи се подобри од Наџак-шема со шопска и нафора, ама време е да „разбиеме“ малце, нели?

Доколку и ти размислуваш да го зачиниш салата-животот (што би рекле Американците – pun intended), разгледај ги нашите три најнови и едноставни хитови за летово.

 

 

Салата со кељ и црвен грејпфрут

 

После неколку години на Инстаграм преплавен со кељ, се решивме да му дадеме шанса. За разлика од смути со кељ кое дури ни на непријател не би му го препорачале, оваа едноставна салата е бомбона. (Да, знам, бомбона од кељ не звучи добро.)

 

Состојки:

  • 1 црвен грејпфрут исецкан на долги парчиња
  • 2 супени лажици маслиново масло
  • 1 црвен кромид исецкан на парчиња
  • Сол и бибер
  • Кељ
  • 1 авокадо исецкано на парчиња

 

Начин на приготвување:

Во голема чинија измешај кељ, црвен кромид, маслиново масло, сол и бибер. Измешај ги и остави ги да отстојат 10-ина минути. Потоа измешај ги уште еднаш и одозгора додади ги парчињата грејпфрут и авокадо.

 

 

Салата со пченка, мента и пармезан

 

Можеби летна скара не е скара без патлиџан и сирење, ама не иде и без пченка. Иако, уште подобро, салата со пченка можеш да направиш и кога си „играш скара“ дома, на тавче. 

 

Состојки:

  • 1/2 чаша крупно исецкани лешници
  • 3 пченки
  • 1 чешне лук, ситно исецкан
  • 2 супени лажици свеж сок од портокал
  • 2 супени лажици осет
  • 1 кафена лажичка ситно изрендана кора од лимон
  • Сол
  • 2 супени лажици масло
  • 50 грама крупно изрендан пармезан
  • ¼ чаша крупно исецкана мента
  • Црвен пипер (по вкус)

 

Начин на приготвување:

Загреј го тавчето или грил тавата. Во голема чинија измешај лук, сок од портокал, оцет, кора од лимон и сол.

На загреаната грил тава готви ја пченката, 10-12 минути, повремено вртејќи ја, додека не стане мека и не се појават црни точки. (Доколку немаш грил тава, можеш зрната пченка да ги загрееш на големо, суво тавче, повремено мешајќи, додека не се појават црни точки. Отприлика 4 минути.)

Извади ги зрната пченка и додади ги на салатата заедно со лешниците, пармезанот и ментата. Измешај убаво и додади сол по потреба.

 

 

Италијанска панцанела салата

 

Додека ние сме навикнати не-толку-свежиот леб да го претвораме во тост со многу кашкавал, во Италија често знаат да го исецкаат на парчиња и да го претворат во летна panzanella салата. 

 

Состојки:

  • 1 црвен кромид, излупен и ситно исецкан
  • 5 парчиња леб во стилот на ciabatta, по можност 1-4 дена стар, исецкани на коцки
  • 1 кафена лажичка сол
  • 1 килограм домати, исецкани на парчиња
  • 4 краставици, излупени и исецкани
  • 1 жолта или црвена пиперка исецкана на парчиња
  • 5 супени лажици маслиново масло
  • 3 супени лажици оцет
  • 1 чаша свежи ливчиња босилек

 

Начин на приготвување:

Во чинија за цедење (како онаа за цедење паста) убаво измешај ги парчињата домат и солта и остави ги да се цедат 15-ина минути. Во меѓувреме, загреј ја рерната на 180 степени. Во голема чинија измешај ги парчињата леб и маслиновото масло. Печи ги кубетите леб на 180 степени околу 15 минути, додека не станат цврсти и не добијат кафена боја и тргни ги на страна да се оладат.

Во голема чинија измешај ги доматите, краставиците, пиперката, оцетот и свежите ливчиња босилек. Убаво измешај ги и откако кубетите леб целосно ќе се оладат, додади ги и нив.

 

Comments

comments