Ако за скопската дискографска куќа Шарла/Sharla, 2016та беше година за хибернација, оваа 2017та е година на суптилно будење и сонливо размрдување на кревките крилца, небаре следната 2018та имаат намера навистина и да полетаат.

Неколку мошне солидни изданија, со кроткост како заеднички именител, небаре се специјализирале да истражуваат некои амбиентални димензии, или паралелни светови кои немаат ништо заедничко со нашава хистерична реалност. Морам да признаам дека сум пријатно изненаден од овој нов правец на Шарла, без разлика дали се работи за случајност, или намера.

Што се однесува до мене, тоа е одличен одговор на хитовските амбиции на домашните (тукуречи конкурентски) лејблови како Балкан Велики и PMG Recordings. Не дека е се така спокојно во Шарла, си имаат и они претставници на техно и рок агресијата, но она што мене ми тинтра во уво оваа година, се повеќе од симпатичните изданија на Mammoth & Yashem и Niskogradba, на чиј пријатен изолационизам, фантастично се надградува изданието наречено Tribute to Dead Gentleman.

 

 

Tribute to Dead Gentleman е име и на проектот/бендот, но истовремено и на албумот.

Дечките викаат дека е тоа ЕП, но според должината и особено според субстанцата кој ја содржи, за мене тоа е албум. И не само обичен албум, туку еден од најдобрите македонски албуми оваа година.

Повеќе од пријатно изненадување и сосем приватна скопска „посластица” драги мои. Со мислата „кој па сеа е овој и шомуебе?” доаѓаш во де(ц)тска (или каде и тоа да слушаш музика) и пушташ да видиш шомуе.

Музиката е спора и суптилна, но те обзема со сигурност на џин кој во цртан филм на дланка го земал Мики Маус. Токму тоа: ти си Мики Маус (да, си! биди Мики Маус!), а музикава е суптилна, промислена, емоционална и многу многу многу убава човече.

Има дури и обработка на Девојко Мала (Југословенски евергрин на Дарко Краљиќ, прославен од Властимир „Џуза” Стоиљковиќ во филмот „Љубов и Мода” од 1958 година, потоа маестрално обработена од обожуваните Идоли), една од химните на толку многу југословенски генерации и секако на мојата младост.

 

 

Обработка со интегритет и смисол. Тоа е ѓаволски тешко да се направи. Освен оваа песна, за моето срце се закачија и You Lost the Music и Newborn, а можеби најсилниот миг на овој албум е Ride the Light.

Ако стартувам со namedropping, од кого и од што се инспирирал овој итар и чувствителен скопјанец, ќе биде тоа долга и на крајот на денот бесмислена листа, најповеќе поради фактот што оваа музика не би сакал да ја анализирам според нејзините (не само музички, туку и општо културни) извори, туку само би сакал да и се препуштам.

Тоа е мојот најпријателски, но и професионален совет кон вас, драги мои читатели: препуштете се на волшебните автосексуални звуци на Tribute to Dead Gentleman и дозволете денот да склизне од вашето внимание.

Вашата децка соба, но и глава, ќе бидат исполнети со приватна, свечена и пријатно самодоволна атмосфера, а тоа е се што еден современ човек на почетокот на 21виот век би морал да си го дозволи во рамките на своето приватно култивирање.

Албумот сосем слободно спуштете го тука.

Ок, сугурен сум дека барем еднаш се прашавте кој е побогу овој маалски херој кој толку го испофалив. Дури и една величина како мене беше на момент збунета, но набрзо логиката ме врати во фокус и ја потфатив реалноста со двете раце, радосно заклучувајќи дека се работи за едно од најфините деца од мое маало (Кучкар Маало, Центар, помеѓу Собрание и Зелено пазарче).

Давид Ангелевски, понекогаш познат, а и доста успешен како Пиколомини. Едноставно е мои дами и господа, тоа е тој крај од градот од каде доаѓаат највозбудливите скопски музички решенија. Следниот пат кога ќе се прашате дали е Скопје метропола, погледнете во правец на Кучкар Маало и ќе знаете.

Останете ми во добро здравје и слушајте музика, најмили мои.

 

Comments

comments