Скратена верзија објавена во „ПОРТРЕТ“ (Октомври 2016)
Фотографии: Лилика Стрезоска

 

Кој си ти кога никој не те гледа?

Често размислувам за ова, па ме фасцинираат луѓето кои успеваат да отидат „во длабокото”, да си ја најдат својата пасија и потоа да ја негуваат, без компромис кон околината. Во нивна чест, доаѓа следната наша тема.

Овој пат ќе ти претставиме неколку ликови кои имаат своја интимна, силна врска со музиката на свој начин, во своето секојдневие. Ние само ги лоциравме и едвај ги натеравме да го споделат своето музичко патување со нас, со надеж дека некому ќе дадат инспирација, нова насока во сопственото (музичко) ослободување на умот.

 

 

Игор Спироски

Игор, за тебе слушнав од Адо, еден од екипата на Пекинезерите (Летечки Пекинезери не е само бенд), како нивен драг истомисленик. Заедно со Адо и Бојан Чакра пуштате музика на Sunday Listening Sessions секоја недела во Vinyl. За музичко-слушачките работи, знам дека си станал особено сериозен во последните неколку години, што беше клучно за оваа промена?

Хм клучно за оваа промена? It’s a destiny call. Да, може да се каже дека запознавањето со нив како друштво ме измести од шарка, многу помлади од мене со огромна љубов и почит кон музиката. Пишуваат, свират, селектираат, во константен процес на откривање и уживање во различна музика. Се споија неколку работи. Запознавањето со Летечки Пекинезери, страшно вкусните музички селекции на Адо, Чакра, Сол, Шамба, престојот во витешкото музичко гнездо на Чика Љупчо од Jazz FM радио каде ги совладуваш основите на џезот преку неговата љубов кон Duke Ellington, неколку ноќи во теќето на моите драги пријатели Зоран Лазороски и Христијан Масевски, музичкото студио на Дуке Бојаџиев каде ги слушавме аранжманите на Шпато, Масевски, Бојаџиев, и тоа е тоа… Навлечен си. Сигурен сум дека секој еден кој умее да го почитува интелектот, индивидуалноста, естетиката и слободата, при ваква презентација ќе потоне во магијата на музиката.

 

 

Имаш ли истомисленици во твојот музички свет или претпочиташ да го чуваш само за себе?

Ах да… Браќата, сите погоре спомнати. Споделуваме, знаеш ние сме ти нешто како Dead Poets Society. Сите имаат милји поминато музика и се одлични музички селектори. Тоа е битен дел од секојдневното живеење, имаме ритуал кој го нарекуваме теќе. Споделуваме добра музика и животни сознанија, учиме еден од друг, си помагаме да останеме нормални. Се собираме кај некого и тоа е посебно доживување, секое теќе има посебна атмосфера и најбитното од сè: различна музика од онаа која си ти навикнат да ја слушаш. Треба да заслужиш просторот да добие титула теќе, најмногу со музиката што се слуша и атмосферата што се создава. Се вртат новите плочи и почнуваат разговори кои вообичаено се поголеми од животот, буквално. Тоа се собирања каде спиритуалното има приоритет над материјалното и така за момент го напуштаме реалниот свет и градиме наш паралелен свет, микрокосмос базиран на добра музика. Некогаш музиката е толку добра што саат време освен некој извик на задоволство, глас не можеш да чуеш. Е тоа е добра плоча, потврдена од критичко друштво кое уопште не е наивно… Хаха, таа одма иде на посебна полица.

 

 

Слушањето музика на плочи е посебно самото по себе, дали го комбинираш со некаков ритуал? Од што се состои твојата колекција на музика?

Повеќе го доживувам како слобода, немам некој посебен ритуал освен предизвикот да најдам плоча која кореспондира со моето расположение и да ги прочитам убаво liner notes. Вообичаено слушам музика околу полноќ, кога ќе си легнат малите и рано сабајле пред да отидам на работа. Е да, имам ритуал, доколку може да се нарече ритуал, покрај професионалните обврски уживам на патувањата да се мувам низ продавници за стари плочи. Мојата колекција генерално ја делам на 4 категории: џез, блуз, боса нова, World Music, но она што е навистина мое и при срце е музиката од касните 40ти и 50ти години на западниот брег на САД наречена West Coast Jazz. Ја сакам целокупната естетика од тоа време и тоа место, вибрира со живот и слобода.

 

Ти си всушност доктор и работиш како интервентен кардиолог. Каква музика го убрзува, а каква го забавува чукањето на срцето?

Да, има сознанија дека музиката влијае на здравјето кај луѓето. Слушањето на повторувачки ритам во времетраење од 10 секунди ја намалува срцевата фреквенца и срцевиот притисок (пример се делата од класичната музика), се лачи повеќе од среќниот молекул Допамин и затоа убаво се чувствуваме додека слушаме музика, но на крајот веројатно влијае слично како и љубовта. Центарот на мозокот каде се случува љубовта граничи со центарот на мозокот кој ја регулира срцевата фреквенца. Неговата возбуда при вљубување го вознемирува и центарот за срцева фреквенца и така срцето трепери па љубовта ја имаме сместено во срцето како орган.

Одговорот на прашањето како и дали музиката влијае врз здравјето е верувањето дека влијае. Тогаш за сигурно влијае…

 

 

 

Издвој артист/и кои ти се актуелни во моментов – светски и македонски.

Bob Zieff – езотеричен автор и аранжер на џез музика, и два од Македонија: целокупното творештво и проекти на Летечки Пекинезери и The Јohn and the Space Rebel Gang by The Јohn and the Space Rebel Gang.

 

 

 

Божидар Христов

Се познаваме скоро 20 години, доволно долго за да ја препознаам твојата интензивна врска со музиката. Дома имам едни слики од екскурзија во основно, сите деца се на купче за слика, а Бошко некаде во позадина е со слушалки и дискмен :). Како се случи музиката да стане толку голем дел од тебе, имаше ли влијание од некого?

Прв пат алтернативна музика слушнав од братучед ми, ми пушти Moloko. Како дете не ме влечеа игри и компјутери, туку ме завлече музиката. Долго време парите за доручек ги трошев на музика, најчесто во петок одев по продавниците за дискови, со собрани пари од цела недела и си купував по два-три диска. Во Чув Де Чув имаше музика што на други места ги немаше, локалните диџеи (Шурбе, Бушава Азбука) снимаа музика што се продаваше таму. Музиката да биде голем дел од мојот живот се случи одеднаш, во основно и од тогаш секогаш е со мене.

 

 

 

За „аудиофилите“ жанровите не прават разлика, тие без предрасуда ги истражуваат музичките правци и на неочекувани места наоѓаат нешто што им се допаѓа. Како дел од тој тип на луѓе, можеш ли да опишеш како твојот вкус за музика се развиваше и се менуваше и до каде е дојден денеска?

Секогаш сум бил воден од љубопитноста да слушнам нешто ново и во различни периоди од животот сум имал различни инспирации за да осознаам различни правци на музика. На почетокот, барав луѓе што се разбираат во музика и пробував да дознаам сè што знаат тие и зошто го вреднуваат тоа што го вреднуваат. Први влијанија ми беа PMG Dance 20 и Розе Кадилак. Поради тоа што музиката што се пушташе на овие емисии на 103ка не беше атрактивна за моите врсници, почнав да слушам гоа транс паралелно со сето она што го слушав претходно. Успеав да засакам музики од два различни светови и до ден денес не сум сретнал некој што до толку сакал и транс и техно во исто време. Оттука, кога ми се отворија вратите на клубскиот живот со полнолетството, музичкиот вкус почна забрзано да еволуира. Од прогресив и минимал, ја открив класичната хаус музика, а семпловите користени во хаус музиката ме доведоа до диско, соул и хип хоп кој истотака користи семплови слични на хаус. Отсекогаш знаев дека има нешто што го немам осознаено во експерименталната и техно музиката, ама ми требаше долго време и многу обиди пред овие стилови да ги чувстувам како свои. Денеска, зависно од расположението скокам од еден на друг правец откако ќе се заситам.

 

Мислиш ли дека музиката влијае на продуктивноста во работата?

Имало периоди кога сум знаел дека музиката ми влијае на концентрацијата и колку и да сум се обидувал да ја тргнам музиката од секојдневието, не сум успевал. Така со тек на време, музиката стана толку голем дел од мене што ми помогна да ја подобрам продуктивноста. Значи мислам дека има влијание, само треба да се искористи.

 

 

Што мислиш за промените кои технологијата и интернетот ги направија на музиката? Има ли разлика во тоа колку се вреднува музиката сега, со промените, наспроти во минатото пред интернетот?

За мене технологијата, особено интернетот ми отвори врати кон музика од целиот свет. Порано, се случувало да менувам по два автобуси за да преснимам нешто ново. За да добиеш музика, пред интернетот значеше дека треба да се откажеш од некое друго уживање. Така добиваше вредност поради тоа што за неа се потрошени пари. Таа музика добиваше и повеќе внимание, еден албум се преслушуваше по многу пати. Од друга страна сега сè ни е достапно на еден клик и тоа нè прави мрзливи да дадеме шанса на нешто што не ни се допаѓа на прва.

 

Пушташ и музика под името DJ Ulterior, но никогаш не си бил особено активен за да те запознае пошироката публика. Поврзан си и со низа настани и музички друштва (BTKRSH, MASH радио, ја направи групата Микс на денот и др.), но повторно твојот ангажман е дозиран. Колку се разликува изборот на музика што го правиш кога пушташ музика за себе, од оној за пред публика?

Никогаш не сум решил дека музиката ќе биде мој главен извор на приход и мое занимање. Меѓутоа, секогаш кога сум добивал шанса сум ѝ го презентирал на публиката најдоброто од мене. Сите шанси што сум ги имал да се презентирам како ДЈ сум ги искористил и оние кои имале прилика да ме слушнат никогаш не заборавиле како сум направил да се чувствуваат. Кога пуштам музика, мојата цел е тоа што јас сум го открил во музиката да им го доловам на слушателите. Тоа значи дека не правам компромис во изборот за пред публика.

 

 

Издвој артист/и кои ти се актуелни во моментов – светски и македонски.

Поетот Gil Scott-Heron, продуцентот на оригинална хаус и електронска музика John Roberts и нашиот Димитар Додовски.

 

 

 

Марија Величкова

Родена си во Скопје и веќе 8 години живееш во Лондон, активно присутна на музичките настани таму, особено во електронската сцена. Колку таа средина го промени твојот музички живот?

Нормално е дека самиот град ме дефинира во повеќе аспекти. Сакам да кажам, Лондон не е она што е ако не ти го расцепи мозокот на милион парчиња за да ти го состави по нов распоред. Ми го смени начинот на живот (неам запалено телевизор од 2008 година), смислата на животот, музичките преференции, како и приоритетите по кои се водев. Секојдневно се поместуваат границите на нормалното, излегува нешто ново, па пливајќи во ова море од уметност, музика и култура, ти се отвараат сетилата. Растев со него и замисли уште растам (стигнав до 183цм)! Она на што сум му најблагодарна е можноста да пронајдам која сум и што сакам на најискрен и најсладок начин. 🔊 за да раздрма спомени.

Како и секое будало дете на 18 години што првпат се запознава со Лондон, се бутав кај не во толпата и уживав во сè што ми е ново и неискусено. Со секое искачање се доживува нова енергија на луѓе, нови звуци, па те поплавува бран од прекраснотии и стануваш заразен од истото чувство. Без разлика дали станува збор за вечерите на Лондон Џез Фестивал, хип хоп журка со хероите од детството или рандом вечер со електронска музика во складиште, ритамот кој ти останува во главата е оној по кој си во потрага наредниот ден.

 

 

Мислиш ли дека музиката може да биде терапија за еден човек? Да се потсетиме на вечното прашање на Ник Хорнби: „What came first, the music or the misery?“. Дали обрнуваш внимание на текстовите во музиката или оставаш таа да добие свое значење, во твојот ум?

Да ти вратам и јас со извадок по кој се водам: „If i can’t dance to it it’s not my revolution“. Верувам во моќта на музиката, па ја оставам сама да ме води. Секоја етапа на мојот живот има свој саундтрак и свој правец на музика. Растев во хип хоп од 90тите години, па преку џез стигнав до електронската музика, преку која некои артисти ме доведоа до копање на музика од Бразил или Колумбија од 60тите години, па од таму се доближив до Балеарската музика од Ибица во 80тите, ама без разлика. Нема крај. Не знам како оди распоредот, дали ти ја бираш или таа тебе, но секако има намена да делува терапевтско, дури и на сред подиум кога се тресе клубот. 🔊 во позадина се слуша.

 

 

На два пати се пробуваш како номад низ Југоисточна Азија. Направија ли азиските култури промена во твојата врска со музиката и има ли разлика кога исти звуци се слушаат на различна географска положба?

Азија љубов моја. Се чувствувам како номад од многу поодамна и да ти кажам искрено, толку ми прилега она во Азија што веќе ми е испланирано следното патување таму. Не сум човек што е многу организиран, па како што не букирав ниеден хотел однапред во тие 5 месеци така и не ни помислив на спремање на фолдери со музика. Одиш и наоѓаш што ти треба на лице место, јадеш што јадат, слушаш што слушаат, се дружиш со мештани, па тие ти се смеат на тебе, ти на нив и така. Патување низ звуците, вкусовите, идеите, карактерите и што сè не на една земја е вистинско богатство. Инаку што бараш да одиш во Азија? Најдобрата музика ја слушав низ автобусите на Шри Ланка, по хостелите во Камбоџа, на религиозните церемонии на Бали и низ реге баровите во Тајланд. Обожавам традиционална музика и заљубена сум во онаа на Југоисточна Азија. 🔊 пуштај.

 

Како активен зависник од звук, музика и движење во ритам, претпоставувам дека колекцијата што ја имаш е голема, знаењето е веќе акумулирано, вкусовите горе-доле изделкани. Добиваш ли желба ова да го споделиш со другите во некоја форма?

Ако ме прашуваш дали ќе станам DJ или ќе почнам да правам своја музика, одговорот е не. Има толку добра музика во светот за уште 10 животи да ги поткрепува и инспирира моите вистински амбиции, како јогата, нутриционизмот и фотографирањето. Пуштам музика од неодамна во Скопје сосема рекреативно само колку да си ја слушам музиката што ја сакам и да си поминам топ во град. Во моментов планирам хуманитарна забава каде што би ги продавала своите фотографии направени низ светот за да им помогнам на Анима Мунди и нивната борба за правата на уличните животни. Мора да се подигне свеста на народот, па ние сме сите одговорни за тоа што чекори низ нашите улици. Инаку, кога ќе заминам во Лондон, ќе ја завршам и кариерата како ДЈ (смешки).

 

 

Издвој артист/и кои ти се актуелни во моментов – светски и македонски.

Прашање што не знам баш да го одговорам, ама ќе ти кажам дека вечна инспирација ми се Intergalactic Gary поради диверзноста во неговото пуштање, Timothy J Fairplay за психоделиите и хаусот во слоу моушн во неговите траки и пуштањето, Alexander Nut заради огромниот изакумулиран спектар на музика, Andrew Weatherall за пост панкот, пост рокот и електрото.

Колку и да сакам, не следам никаква друга сцена освен електронската во Македонија. Најчесто доаѓам на две-три недели во Скопје и тука ми е кругот на пријателите. Најчесто ќе ме најдеш во Капан Ан на журки и имам љубов и почит за сите наши артисти што ја одржуваат сцената во живот. Скопје ми е секогаш омилена дестинација. Дома си е дома, не?

 

Comments

comments