Фотографии: Симоне Калица

 

Михајло Димитриевски (Тхе Мичо) го запознав пред 10 години во Пивница, кога за две минути, пред мене, го нацрта Punisher на таблет, дури паралелно ми објаснуваше квантна физика и нејзината поврзаност со уметноста.

Михајло е цртач кој досега има работено на толку многу проекти, што време е некој да му посвети страна на Википедија. За оние кои не го знаат – познат е под псевдонимот „Тхе Мичо“, по професија е илустратор, а во реалност е машина за цртање. Црвенобрадест витез од Битола, мудрец и гуру, кој живее на планината „Кафеводванајсе“, која откако стана татко, е прекрстена во „Кафекоќемом“.

Во продолжение е мојот разговор со Михајло за проектите на кои досега работел, ситуацијата со илустрацијата и уметноста во Македонија и неговите планови за во иднина.

 

 

Има милион прашања што може да ти ги постави човек, а сепак на сите твои интервјуа се повторуваат истите, кои се секогаш поврзани со тоа дека си најдобриот македонски илустратор и дека никој не знае за твоите почетоци. Зошто мислиш дека е тоа така и дали се сметаш за најдобриот македонски илустратор?

Никој нема речено дека сум најдобриот македонски илустратор, а дури нема ни толку многу интервјуа со мене, искрено. Плус, не е многу важно како сум започнал, ниту сум доволно стар за да зборувам за тоа. Супер се интервјуата што досега ми ги имаат направено, само нека продолжат. Инаку што ќе читаме – Facebook? Не сум најдобриот македонски илустратор, ама сигурно сум илустраторот со најубава брада. Има подобри илустратори од мене, ама мислам дека јас најдобро цртам гоблин што јава на варга.

Шала на страна, земјичево ни е такво какво што е. Раскажуваме за штетното влијание на холивудската филмска индустрија врз младите, а 150 евра плата зимаат луѓето, на рака. Нема баш место за веселење и разговори за илустратори, стрипаџии и играчи. Тоа се занаети и хобија за среќни луѓе. Има илустратори и кај нас, но ете, може дека јас повеќе постирам на Facebook се добива впечаток дека сум најдобар.

 

Знам дека си колекционер на различни предмети. Дали може да споделиш со нас што сè собираш, од кога почна да собираш и дали мислиш дека просторот кај што ги чуваш сега ќе ти биде доволно голем во иднина?

Пред сè, просторот каде шо ги чувам е добро обезбеден. Собирам сè шо можам да најдам, трампам, измолам или евентуално купам од областа на филмот, стриповите и игрите. Што би се рекло со едно име – поп култура. А не знам од кога собирам, најверојатно од кога станав (малку) финансиски независен.

Нема поубаво од, на пример, да работиш илустрации со змејови, а да бидеш опкружен со змејовите од „How To Train Your Dragon“ и од GOT. Сакам да работам во простор кој инспирира, па отсекогаш сум сакал да гледам такви студија. Тоа го работам и со тоа сакам да сум опкружен. Среќа што не работам во јавно ВЦ.

Просторот во моментов е таман, наскоро нема да биде, но има капацитет да се прошири. Дури можев да ги редам по некоја логика работите, ги редев. Сеа само ги калапам. Значи сè што е со монстери или специјални ефекти и тракатанци, е повеќе од добредојдено. Воркрафт, Стар Ворс, Марвелолјни, Дисијојни, Штрунфој, Хелбој Мињони, Нинџа Желки, Лорд оф д Рингс, Гад оф вор, Теккен, СтарТрек, Инфинити итн… сè собирам. Сакам сè шо сакаат и младите.

 

 

Дали мислиш дека е подобро да се фокусираш на еден стил на цртање или да бидеш отворен на повеќе стилови и начини на работа?

Секој со среќата, а и тоа е лична преференца. Јас пробувам да работам на неколку различни стилови паралелно – колку успевам во тоа, не знам… Но затоа што ме бараат, претпоставувам дека е океј.

Има луѓе што сакаат да работат само на еден начин и тоа е за респект. Јас сакам да шлакам. Во последно време наводно ми го препознаваат стилот, а и да не ми го препознаваат во глобала секогаш се потпишувам. Така што, задоволен сум. Но би преферирал да работам на различни начини.

Инаку, работам на компјутер, нали… Што не значи дека програмирам, туку наместо лист и пенкало, користам дигитален лист и пенкало. Значи, компјутерот ми е алат.

 

Досега имаш постигнато многу успеси. На што работиш моментално и дали имаш планови за иднина?

Кои успеси? Добро е засега, се јавуват луѓе, бараат илустрации, имам на лагер, така да сега за сега ќе тераме. Би сакал кога-тогаш, да поработам малку Star Wars и евентуално Marvel, но ќе видиме накаде ќе ме однесе патот. Моментално мојата најголема цел е да ја изиграм „God of War“, да почнам да играм boardgames, да стигнам да ги завршам сите проекти (што би рекле музичарите) и евентуално – да одморам. Моментално сè е под контрола и сум презадоволен.

 

 

Дали мислиш дека има шанси твоите дела еден ден да завршат во музеј, како што е случајот со KAWS (кој претходно беше street-artist) и слични на него уметници? Исто така, дали воопшто мислиш дека на илустрацијата и е местото во музеј?

На илустрацијатa, како на секое ликовно дело, сигурно местото и е во музеј. Кај нас во музеј нема од оние што треба, а уште помалку од нас илустраторите. Секцијата „музеи и изложби“ според мене е за „среќни луѓе на кои поголемиот дел од животот им е погоден“. Можеби еден ден кога ќе се договориме која нација е најстара и до каде стигнал Александар, ќе имаме време и за по музеи и за претстави. Плус, треба да поминат неколку стотини години за музеј да наполниш, инаку вака многу нови ќе бидат експонатите. Хе, хе.

 

Каква е според тебе уметничката сцена (конкретно – илустрација) кај нас моментално и дали мислиш дека недостасуваат стрипови, филмови (цртани, анимирани и обични) и плакати за филмови и театарски претстави од македонски автори во Македонија?

Добра е. Оние кои се мачевме, сè уште се мачиме, поради секцијата со среќни луѓе што ја спомнав во минатото прашање, но се издржува. Јас среќа не работев многу во Македонија во последно време. Сега има некои нови струи, па ќе видиме како ќе биде.

Инаку, реално, кај нас малку потешко е. Особено во однос на заработувачката, од едноставна причина што е многу мал пазарот и луѓето се сиромашни. А кога нема работи сработени, нормално дека нема да има ни пазар, па се вртиме во некој круг. Но благодарение на издавачи-ентузијасти, млади претприемачи, храбри мали бизнисмени и слично, работата почнува да се движи последниве неколку години и се надевам дека ќе продолжи во ист правец.

Исто, треба и другата страна да разбере дека – на доброволна база не се работи и дека комшијата Рики, на Лилето, кој најубаво знаел Corel во маало, нема да направи убав постер за филм или игра. Иако е наш и за сè го бива.

 

 

Какво е твоето искуство со заштита на правата на уметниците и нивните дела во Македонија и во странство?

Не постојат. Пред неколку години, да не речам, ми украдоа дело. Без моја усна или писмена дозвола, решиле да направат изложба на која ќе бидат поставени мои стрип табли.

Технички, не можеш ништо да направиш, освен ако не пробаш да го решиш проблемот приватно. Кога ги информиравме институциите ни рекоа, парафразирам: „Тоа е“. За другите земји, што да кажам? Има и таму секакви, но во глобала, кога сака некој да употреби моја илустрација на cover photo, прво ми пишува мејл. Не дека е неопходно за такви ситуации, ама фини се.

 

Мислиш ли дека технологијата ќе ги замени работните обврски и позиции на илустраторите?

Не, зошто? Само ќе го олесни процесот на изработка. Од цртање, до комуникација, сè е олеснето до максимум – секој ден пишувам и се слушам со луѓе од целиот свет. Оние кои мислат дека со компјутер се црта поубаво – доколку не знаеш да црташ на рака, нема да знаеш да црташ на компјутер. Не знам како попластично да објаснам.

Технологијата општо, користена за паметни и вистински начини, го олеснува животот и отвора нови хоризонти. Како ќе ги смени позициите? Зар некој во издавачката куќа ќе напише во Word „3 илустрации од јаболка и круши“ – и ќе излезат? Не функционира тоа така, иако имаат пробано.

 

Comments

comments