Без што не може човекот да живее? Без храна и вода, така?

Не, човекот не може да живее без да гледа безначајни видеа на YouTube секој ден барем по еден час. Постои научно истражување на оваа тема кое можам да го цитирам, ама затоа што сум зафатен со гледање YouTube клипчиња во моментов и немам време да пребарувам, ќе мора да ми верувате на зборот.  

Ах, YouTube. Првиот медиум преку кој веројатно сте дошле во контакт со нешто што се вика „стенд ап комеди“ или на македонски, со мала доза на поетичност – „стоечка духовитост“. Всушност претставува акт на стоење пред аудиториум и кажување досетки, анегдотски приказни и вицови.

Како уметничка форма, начин на израз и некоја прилично забавна форма на јавно говорење, стоечката духовитост ги има своите зачетоци во Велика Британија некаде во 18-тиот век. Тоа што потекнува токму од ова врнежливо островче е директен показател за тоа како еволуцијата преферира механизми кои имаат за цел да ја направат временската прогноза поподнослива за единките врз кои таа има влијание. Освојувачките подвизи на Британците со себе ја носеле и културата, а со тоа и оваа форма на уметност, па така брзо се проширила во земјите од Комонвелтот и Соединетите Американски Држави. Како и се друго, со развојот на технологијата и моменталниот пристап до информации, стоечката духовитост добива на популарност и се шири во сите делови од светот. Јас и вие, заради географско-културолошки причини со стоечката духовитост генерално доаѓаме во допир преку YouTube. Ако имаме доволно среќа, можеби во живо.  

Би можел да го намалам размерот на показателот на лентата со лизгач на вашиот Интернет пребарувач со тоа што ќе продолжам да додавам уште многу текст во овој напис, но наместо тоа ќе ви ја презентирам мојата тотално пристрасна и крајно субјективна листа на луѓе кои се занимаваат со стоечка духовитост, популарно наречени комичари, чиј лик и дело вреди да го проверите.

 

1. Дилан Моран (Dylan Moran)

Дилан Моран е ирски комичар кој плени со својот повеќеслоен пристап кон хуморот и досетките. Главен заштитен жиг на неговиот стил на достава на досетките е хиперболизиран од  до апсурдот. Интелектуален, на моменти и претенциозен и зајадлив хумор.

 

2. Џими Кар (Jimmy Carr)

Ако сте една од оние личности опседнати со политичка коректност и вашата кама и револвер се ненавредливост и коректност, ова не е комичарот за вас. Брилијантно досетлив уметник на кратките досетки кои скоро секогаш се на границата на невкусноста.

 

3. Бил Бур (Bill Burr)

Бил Бур е просечен, средновечен, лут њујоркчанец. Ако некој комичар си поигрува со табуата во главната струја и ја испитува нивната рационална основа, тоа е Бил. И да, може го имате видено во Breaking Bad.  

 

4. Габриел Инглесиас (Gabriel Iglesias)

Габриел Инглесиас е несекојдневна појава која има додадена вредност со тоа што човеков има способност да имитира гласови и звуци од природата. Иако хуморот му е претежно ситуациски и анегдотен, неверојатно е забавен за гледање.

 

5. Кевин Харт (Kevin Hart)

Кевин Харт е моментално највлијателниот афро-американски комичар. Сигурно сте изгледале барем еден филмски хит со него, несомнено многу талентиран и духовит. Вели дека Вил Фарел (Will Ferrell) му е „брат од друга мајка“.

 

6. Луис СиКеј (Louis CK)

Луис СиКеј е во центарот на стоечката духовитост. Ако не го знаете неговиот материјал, време е.

 

7. Ентони Џеселник (Anthony Jeselnik)

Ентони Џеселник е многу сличен по наравот на Џими Кар, можеби за нијанса поцрн и подрзок. Пис на јазик и со неверојатно дијаболични кратки шеги.

 

8. Ејми Шумер (Amy Schumer)

Иако не сака да биде нарекувана „секс комичар“, нејзиниот материјал во главно се состои од тоа – перверзна, политичка некоректна, дрска перспектива на личните сексуални искуства кои не може да се разграничат дали се само шега или имаат некаква реална основа.

 

9. Џим Гафиган (Jim Gaffigan)

Еден од ретките отворено религиозни комичари, кој плени со својата непосредност и опседнатост со храна. Важи за „чист“ комичар кој не користи валканици во своите досетки. Дури и настапуваше за Папата оваа година при нговата посета на Филаделфија.

 

10. Рики Џервејс (Ricky Gervais)

Претенциозен, навредлив, снобест и неверојатно бистар англиски хумор. Можеби еден од најкреативните комичари кои излегле од островот во последно време.

 

Откако ќе изгледате се или додека ги гледате видеава, корисен совет: препуштете се на поврзаните содржини кои YouTube ви ги нуди.

 

Comments

comments