Фотографии: Мартин Саровски

 

Овој петок се отвора новата летна сезона на Сектор.

За што ние сме особено возбудени, затоа што веднаш, вториот ден по отворањето на сезоната, односно оваа сабота, во Сектор ќе се одржи after-party на „Музеј Дебар Маало“, фестивалот на македонска уметност, организиран од Reborn.

Но дефинитивно и без тоа би биле подеднакво „потресени“, затоа што програмата на оваа летна сезона е неверојатно добра. А со цел да дознаеме нешто повеќе за неа, разговаравме со Огнен Узуновски (Оги), сопственик на Сектор 909 и еден од главните промотери на скопскиот ноќен живот и Сашо Узуновски, млад, талентиран и перспективен ДЏ. Оги и Сашо заедно го формираат новото ДЏ-ско дуо наречено Uzun Brothers.

 

 

Оги, овој петок се отвора летната сезона на Сектор. Кажи ни нешто повеќе за програмата, новостите и што се ќе се случува ова лето во Сектор? Кои се 3 „must see“ евенти летово?

Сектор тимот секогаш при отворањата се труди максимум да воспостави нешто различно од претходното. Затоа верувам дека оваа летна сезона ќе се издвои од претходните во повеќе сегменти – како музички, декоративно, така и со особен акцент на инволвирање на наши домашни артисти од различни генерации.

Можам слободно да кажам дека со некои од новите артисти кои ќе настапуваат во Сектор, генерациски од постарите се разлика скоро едно полнолетство… Преку таа комбинаторика сакаме да допреме до различни генерации кои се љубители на квалитетна музика. Од осумте артисти што ги имаме букирано ова лето не би можел да одвојам три од нив, сите се суперкул артисти кои претставуваат различни жанрови квалитетна музика.

 

Веќе подолго време си активен на македонската диџејска сцена. Дали би можел да издвоиш 2-3 млади перспективни македонски диџеи кои МОРА да ги знаеме?

Секогаш ми е предизвик да слушам млади домашни артисти, а особено периодов можам и морам да го споменам братучед ми, Сашо Узуновски, за кој викам дека по крв ми е братучед, а по музика брат. Покрај него, морам да ги споменам Бојан Јанев, Бошко (Ulterior) и сите други кои ќе ги претставиме пред публиката летово.

 

 

Летово одбележувате 18 години од постоењето Balance, една од најквалитетните македонски музички продукциски куќи. Како ќе прославиме?

На 15 јули одбележуваме 18 години од првата забава во организација на БАЛАНС како дел од проектот „Точка на топење” со Дерик Меј. А на 12 јули, единствена дата која ја добивме за летово, ќе ги прославиме овие 18 години со повеќе од познатиот артист за техно публиката DVS1 (САД).

 

Сашо, ти си прилично нов на дџ-сцената, раскажи ни нешто повеќе за твоите почетоци во светот на диџејувањето. Кој и како те зарази?

Сè си дојде некако природно. Уште како дете почнав да слушам електронска музика, прва house трака што ја чув беше French Kiss од Lil Louis, на една касета што ја најдов додека буричкав по фиоки кај вујко ми. На прилично мала возраст со другарите започнавме да одиме на журки, каде што секогаш со големо внимание се обидував да дознаам што прави ДЏ-от позади пултот. Како пушта музика, на што пушта, кои се траките кои ги врти…

Морам да напоменам дека Излет кафе за мене беше еден вид неформално музичко школо, додека работев таму пред 6-7 години, бидејќи ми ги отвори видиците кон нови музички правци: диско, фанк, соул, џез. Таму за првпат се запознав со артисти од типот на Roy Ayers, Moodymann, Miles Davis, Gerardo Frisina, чии музики нон-стоп вртеа во кафичот. Исто така имав прилика да ги чујам сите ДЏ-и што доаѓаа и вртеа музика во Излет и во Сектор 909 во тој период и мојата љубопитност кон музиката некако природно се трансформираше во желба и јас да станам ДЏ.

Имав можност првите диџејски лекции, околу начинот како се користат грамофони и миксер, да ги добијам од Нино Flooder. Нарачав 20-30 плочи и околу еден месец се обидував да ја совладам beatmatching техниката. Од денешна перспектива сум прилично среќен што не сум започнал да пуштам музика од лаптоп со контролери, туку баш на оној old schnool начин со плочи, два грамофона и миксер.

 

 

Од кога постои Uzun Brothers, како се најдовте и споивте? Кога и каде се случи првиот настап на Uzun Brothers? Сашо, дали ова за тебе беше прв настап или имаш и претходно искуство?

Uzun Brothers си постои уште од кога ние постоиме, зошто нели крв сме, додека како ДЏ колектив неколку месеци. Тоа е првично идеја на Оги, која се роди додека пуштавме од време на време музика back2back во студио. Првпат настапивме заедно како Uzun Brothers на 27 јануари оваа година во клубот Минус Еден, каде што имаше супер енергија и одличен фидбек од публиката.

Мојот прв настап се случи минатото лето на 6 јули во Сектор 909. Два-три дена претходно се будам сабајлето од спиење и си го читам името на флаер. Не ми се веруваше кога го прочитав. Оги не ме ни праша дали сум спремен или слободен таа вечер, буквално ме фрли во оган. Ме фати невидена трема бидејќи немав допрено опрема неколку години и имав само два дена за да се подготвам. Супер пројде, тоа беше дефинитивно една од најубавите вечери во мојот живот.

 

Колку се разликува изборот на музика што го правите кога пуштате музика за себе, од оној за пред публика. Со други зборови – каква музика слушаат Оги и Сашо моментално?

Музиката се разликува во зависност на амбиентот, многу нормално дека во кафуле и дома слушаме поопуштена музика, додека во клуб поенергична. Многу не зближи тоа што и двајцата не се ограничуваме жанровски. Слушаме од џез, фанк, афро и диско до хаус, техно и електро.

 

 

Може ли да споделите една добра трака од вашите плејлисти периодов (нешто што во последно време ви има оставено добар впечаток) – специјално за нашите читатели. Ако сте расположени, може и цел микс.

Оги: https://www.youtube.com/watch?v=hFiReyAoJTw
Сашо: https://www.youtube.com/watch?v=UysjVKm8dKA

 

Comments

comments