Пастув

мн. пастуви
Вид збор:  Именка, машки род
Нескопан коњ.
Англиски: stallion
Примери:  (нар. поез.) Попленила зелена пастува, / одбегнала во гора зелена.

Вардар е мошне лош пример за река. До Скопје некако и тече, а во Скопје поприма облик и квалитет на високо токсична аморфна маса, опасна не само по физичкото здравје, туку и психата на луѓето, особено локалците.

Освен сета таа фабулозна содржина на скопската канализација, Вардар во себе го синтетизира целиот отров кој се цеди од градот и луѓето, целата болна есенција на епицентарот на нашето неуспешно општество. Онака лаконски, без дискусија или противење, по него се слева целата злоба, глупавост и недоделканост на локалните примероци на хомо сапиенсот.

Како што Вардар не е убава глетка, така ни коњите кои пасат околу него не се во топ форма. Исцрпени раги со отсутен поглед на кои им се бројат ребрата, или пак глупави ждребиња кои бесцелно трчаат во круг. Понекоја кобила да се оплоди, колку да не секне семката уште оваа година барем. Но, тие се коњите што ние за трка ги имаме. Тоа се нашите ПАСТУВИ. Вардарски пастуви.

Неретко под нивниот дискутабилен надворешен изглед се крие големо срце кое бие со љубов, надеж и борба за самоподобрување.

Нашата скопска (балканска) потреба за компарирање со најдобрите и подигање на повисоко ниво е токму таа карактеристика која ни дава на моменти натприродна сила и ни овозможува да се видиме, но и оствариме подобри од просечната слика која се генерира за нас.

Сме го покажале тоа многу пати во минатото, а го покажуваме и во овие денови на масовна хистерија и системско самоуништување. Го прикажуваме тој луциден скопски дух преку нашата истрајност и нашите дела. Уметнички дела. Бидејќи уметноста и културата не се луксуз, туку централните нешта кои ги чиниме/живееме.

„Вардарски Пастуви“ е театарско дело, синтетизирано од нашиот мега популарен и во последно време на касите најпродаван театарски режисер (но и музичар) Синиша Евтимов, поставено во (од сосем погрешни причини контраверзниот) Театар Комедија.

 

 

Полнокрвна комедија, која буквално ќе ви го одземе здивот, додека хистерично се смеете во континуитет. Комедија која се служи со ликови од дното на нашето намачено општество и со еден грандиозен режисерско-хуманистички мастерстроук, преку споменатото скопско самонадминување, ги дига на ниво на вистински пастуви на духот, моралот и напредокот.

Концентриран на, но и претерано успешен во смешното, режисерот од втор план успева не само да раскаже и предизвика топла хумана приказна, туку и да ја подигне македонската комедија на ново ниво, кое се одликува со интелигенција на највисоката светска продукција.

 

 

Во тоа добива несебична асистенција од ансамблот на Театар Комедија, предводен од првенците Тино Костадинивски и Атанас Атанасовски, кои својот неверојатен потенцијал, ингениозно го трансформираат во А класа перформанс.

Вистинско ром-ком ремек дело, локализирано во утепана скопска приградска населба, изведено во театар. Досега најдобро дело на Евтимов и сите инволвирани.

Безрезервно и најтопло ви го препорачувам во овие денови кога на сите ни треба многу смеење, како основа за едно приватно и општествено самонадминување, без кое нема 21ви век за нас овде, Вардарските.

Се разбира, ако успеете да набавите билет.

 

Comments

comments