Фотографии: Елена Фиданска

 

Нема потреба да го претставуваме Вело Кафе. Веруваме дека нема човек од Скопје, па и пошироко, што не држел во рака од нивното еспресо, додека шетал низ скопскиот градски парк во недела наутро.

Уживаме кога зборуваме за работи и бизниси кои инстантно прават да се чувствуваме добро. Вело кафе нè потсетува на убави работи – на пријатни моменти и сончеви викенди. Од друга страна пак, уживаме во нивната приказна и поради фактот дека е бизнис за кој имаше сериозна потреба и за кој сите лесно ја забележавме промената која ја направи.

Токму затоа овој успешен и симпатичен бизнис предводен од Дарко Јовчевски и Димитар Димитровски го сместуваме во серијалот на текстови со инспиративни бизнис приказни, поддржан од програмата за млади – „Старт-ап бизниси за млади“.

Во рамки на оваа програма, лица на возраст до 29 години може да добијат неповратна финансиска помош дури и до 10.000,00 евра за да основаат свој бизнис. Повеќе информации за програмата има тука.  

Во интервјуто кое го направивме со тимот на Вело кафе се кријат многу корисни совети и лекции кои секој следен претриемач вреди да ги знае.

 

 

Колку време постоите, колку години имавте тогаш, како дојдовте до идејата и како се формиравте?

Постоиме од Јули 2013 година, што значи 4 години и 5 месеци педлање и правење кафе и сокче за скопјани. Во моментот кога започнавме, двајцата имавме по 25 години. Идејата дојде како резултат на нашата желба да направиме нешто уникатно и интересно во Скопје, а воедно и нешто што на нас многу ни се допаѓа. Трицикл придвижуван на велосипедски погон, прилагоден за подготовка на кафиња и свежи сокови беше нешто што ги задоволи сите наши критериуми и желби. Се фативме за работа и после 6 месеци излезе финалниот продукт, односно првото Вело Кафе во Скопје.

 

Гледајќи наназад, дали има некои работи кои би ги направиле различно доколку би започнале сега од ново? Кои се најважните лекции кои ги научивте од тогаш?

Нескромно би кажале дека голем дел од работите кои ги направивме на почетокот, а и во овие 5 години, се покажаа како исправни и наидоа на голема поддршка и позитивни реакции на луѓето од нашиот убав град. Единствена причина за да се вратиме и започнеме од ново би било повторно да сме во можност да ги гледаме реакцииите на луѓето кога за прв пат го гледаат Вело Кафе и кога за прв пат ќе го пробаат нашето кафе. Кога сме кај лекциите, една од поважните што ја научивме е дека секој почеток е тежок и дека мора да верувате во себе, во својот производ и во неговиот квалитет затоа што сè што е квалитетно кога-тогаш ќе биде препознаено од луѓето и ќе биде наградено.

 

 

Сите успешни претприемачи од серијалот ги прашуваме да споделат со нас и со читателите по неколку совети за младите кои се одлучуваат на сличен чекор. Кои се неколкуте работи кои би ги советувале пред да започнат свој бизнис?

За почеток, најважната работа што треба да ја направат младите претприемачи е да одберат нешто што навистина го сакаат и што би ги направило среќни. Притоа секогаш треба да веруваат во себе и во својот производ. Ако се движат по овие „правила и начела”, тогаш успехот е неминовен.

Вториот совет, од економска перспектива гледано, е да ја истражат потребата за пласман на идниот производ на нашиот пазар и нормално да се доволно информирани и да имаат одредено познавање од областа во која би го започнале бизнисот. Да се потрудат да направат нешто ново, креативно и различно и секако да бидат спремни дека секој приватен бизнис бара целосна посветеност и жртвување на голем дел од своето време.

 

 

Еден од најголемите проблеми со кои секој храбар млад човек кој се одлучува на ваков чекор се соочува е наоѓањето на средства потребни за започнување на бизнис. Како вие се справивте со ова кога го започнавте Вело Кафе? Дали имате нешто поврзано со ова да ја советувате следната генерација претприемачи?

Во принцип, и покрај тоа што и двајцата бевме посветени на студирањето, во истиот период бевме поприлично активни учесници на пазарот на трудот од каде и дојдоа сите средства па и знаење за да го започнеме Вело Кафе. Секогаш е добро да се започне бизнис со сопствени средства, но нашиот совет за помладите е да ги истражат сите опции за аплицирање за грантовска и било каква финансиска помош за започнување бизнис, бидејќи со тоа би имале подолг тест период и поголеми шанси за успех.

 

Кои се според вас 3-те најголеми предизвици во основањето и водењето на еден мал бизнис?

Најголем предизвик е секако финансискиот и институционалниот. Исто така подеднакво важно е да се биде целосно посветен, иновативен, креативен и постојано да се воведуваат новини во водењето на бизнисот. И секако, позади секој успешен бизнис стои сериозен и одговорен тим.

 

 

Дали постои некоја личност која би можеле да ја наречете свој „ментор“ кој ви помогна (уште ви помага) да се надградите професионално и можеби во менаџирањето на Вело Кафе и носењето на паметни одлуки?

Двајцата еден на друг сме си ментори во различни области, секој со своите квалитети.

Постојаната работа на себе и комуникацијата со успешни луѓе од нашата област секогаш помага. Тука е и нашиот Вело Кафе тим, нашите фамилии и блиски пријатели на кои во секое време можеме да се потпреме.

 

Дали имате во план да се „проширите“ и Вело Кафе да стане поголемо?

Започнавме со еден Вело Кафе трицикл сега имаме два, но секако постојано размислуваме за превземање на нови чекори и предизвици, бидејќи така е поинтересно. Не би откривале премногу во кој правец би се движеле затоа што сакаме да го изненадиме Скопје.

 

 

Кој ви е омилен светски бренд за кафе?

Hausbrandt, поточно Hausbrandt Gold, затоа што најмногу ни се допаѓа на двајцата, има совршена комбинација на арабика и робуста зрна, која одговара за вкусот на кафе-уживателите во Скопје. Покрај очигледниот квалитет на кафето исто така и соработката со дистрибутерите ни е одлична.

 

Во последниве неколку години се отворија неколку бизниси слични на вашиот. Од една страна, на тоа може да гледате како закана зашто други бизниси земаат „парче од истата пита“, а од друга страна можеби е добро затоа што ја потврдува потребата на пазарот за производ како вашиот. Што мислите за ова?  

На почетокот кога се појавија првите конкурентни фирми не ни беше сеедно. Но со тек на време сфативме дека конкуренцијата е позитивна мотивација затоа што нè натера постојано да растеме, напредуваме и да сме иновативни и различни во тоа што го работиме.

 

Comments

comments