Весна првпат ја запознав пред повеќе години на планина. Но не како скијачка, туку како уметница, кога бевме заедно на ликовна колонија.

Таа ниту еднаш не ги спомна своите спортски успеси. Всушност, само еднаш накратко ми нафрли дека се има бавено со скијање, но ништо подетално. Затоа беше големо изненадување кога, многу подоцна, дознав дека токму Весна била првата македонка која настапувала на Зимски олимписки игри.

Списокот на нејзините успеси е долг: Била апсолутен шампион на Македонија во слалом и велеслалом во своите категории. Во 1986 година го освоила второто место во слалом на Балканското првенство во Бурса, Турција, а во 1990 година третото место на Националното првенство на Бугарија. Во 1990 година била државен шампион на Македонија во повеќебој, гимнастика. Во 1992 учествувала на Југословенското првенство на Бјелашница, Босна и го освоила првото место во слалом и второто место во велеслалом.

Денес успешна уметница, специјално за нас се прошета низ мемориите и ни пренесе што значи за една 15 годишна девојка од Битола да учествува на Олимпијада, за тоа зошто заврши нејзината активна спортска приказна и каде е денес како ликовен творец.

 

 

Колку години имаше кога настапи на Зимските Олимписки Игри? Беше ли свесна за големината на овој настан? Имаше ли трема?

Учествував на ЗОИ, ’92 во Албертвил, Франција, на петнаесет години. Бев втора година гимназија, а старосната граница во тоа време за учество на ЗОИ беше седумнаесет години. Нo, ни прогледаа низ прсти, како на деца од „третиот свет“ – како на натпреварувачи вон конкуренција. Не претставувавме опасност за висок пласман.

Ја претставував Југославија (без Словенија и Хрватска) на ЗОИ, додека пак Македонија веќе една година си беше самостојна, но не и потполно независна со секој сегмент на институциите, како спортот. До тогаш, јас не бев дел од Југословенската репрезентација.

За да се ре-формира нова репрезентација, скијачката федерација мораше да организираа квалификации за официјализирање на репрезентацијата која еден месец потоа ќе отпатува на Олимпијадата. Никој не се надеваше дека македонската репрезентација може да победи на квалификациите, отидовме чисто формално.

Со две извозени трки во еден ден, животот ми се смени засекогаш. Во еден момент станав и репрезентативец на Југославија и прв учесник во историјата на зимска олимпијада од Македонија.

Товарот го носев врз себе и не можев да ја видам неговата големината. Во тој момент се обидував само да се снајдам во ситуацијата. За тоа треба друг збор да му се најде, трема е малку да се рече. Сега ми е јасна старосната граница која тогаш сè уште ја имаше за учество на ЗОИ.

 

 

Раскажи ни подетално за самите припреми за ЗОИ, колку тренираше, имаше ли посебен режим на исхрана, беше ли премногу напорно? Каков беше престојот и самиот натпревар, на што се сеќаваш најмногу?

Посебни припреми, откако станав дел од ЈУ репрезентацијата, во тој краток период помеѓу квалификациите и настапот на олимпијадата, немаше. Сите припреми беа претходно, од моја две-годишна возраст. За време на зимата скијавме на Пелистер, а кога немаше кола одевме во градот на две ритчиња на старите еврејски и турски гробишта. Така, станав државен првак во гимнастика „вишебој“.

Режимот на исхраната пред олимпијада го подготвуваше мајка ми во соработка со татко ми… Најчесто леб во изобилство, сирење, домат и пиперки зготвени во зависност од месеците. Па, од изобилието и изборот на храна за време на 5-те дена од Олимпијадата, сериозно ми се слоши.

Напор при тренингот не чувствував, со тоа живеев, нормално ми беше, ме болеше сè ако не тренирав…. А најмногу се сеќавам, кога ќе си ја вратам сликата, на дете кое е само и со партал-опрема чека на стартот да си дојде на редот за трката. Само, а сите околу него со приватни тренери, масери, сервивери, психолози, брендирана опрема и што уште не.

 

 

Која беше причината да прекинеш со професионално бавење со спорт? Осеќаш ли некогаш носталгија за тој дел од себе?

Кога човек ќе ја разбере слободата на создавањето, ќе сфати дека формата е минлива, тој во еден момент ќе се наполни а во следен испразни, додека мислата е таа која патува.

Кога на 17 години престанав да одам на натпреварите тоа не беше прекин, туку само поминато искуство низ едно патување кое продолжува низ животот, ни помалку ни повеќе, како и сите други детски игри кои носат до созревање. Интензивното доживување на искуството е важно, какво и да е, тоа е она што ја продлабочува мислата. А носталгијата е содржана токму во наоѓањето на смислата на емоцијата, кон појавното кое повеќе не постои.

 

Твоите успеси не завршуваат со спортот, туку продолжуваш како успешна ликовна уметница. Можеш да направиш некоја паралела помеѓу спортот и уметноста?

Сосема случајно и не по мој избор тој облик на духовно самоспознавање бил преку спортот, а можело да биде и преку нешто друго. Па во насоката на една линија, а не како паралела, се развивало созревањето во уметноста, како искуство стекнато низ: индивидуалноста, поминување долго време со себеси, со музиката, љубопитноста, различен поглед на обичното, фокусирање на мислата, подоцна интерес кон театарот, филмот… Сето тоа ме доведува на патот што она денес го работам во уметноста.

 

 

Кажи ни нешто повеќе за Весна како ликовна уметница. Кои се најчестите теми на интерес во твоите дела? Подготвуваш ли нешто наскоро, каде ќе може да те видиме?

Работам како визуелен уметник во повеќе медиуми, а наоѓам уметнички интерес во премостување на визуелниот говор кон реалноста, во комуникацијата со/околу себеси и другите. Димензионирам облик на акција, разговор, импровизација, ритуал или друг вид на креативно изразување, забележани најчесто во рамките на видео документ, видео перформанс, текст, фотографија и друг облик/јазик/медиум.

Во последните пет години низ уметноста патувам заедно со моите колеги Ѓорѓи Крстески и Станко Павлески под името „ПАТЕМ“, создавајќи индивидуални и колективни дела.

На 21 септември во галерија Чарлама, Сараево, Босна и Херцеговина, која ја води уметникот Јусуф Хаџифејзовиќ, „ПАТЕМ“ друштвото ќе го изложи својот проект „Радиус на кривина“. Додека пак на 6 октомври во Музеј на Град Скопје ќе го изложиме проектот „Читање заедница“, во рамките на манифестацијата Бела ноќ.

Тука може да се добие поголема претстава за „ПАТЕМ“ друштвото.

 

 

Галерија од уметнички дела на Весна

Comments

comments