Ние гледаме, па ти препорачуваме.

Овој текст е дел од серијалот текстови во кои тимот на Reborn еднаш неделно ти препорачува филмови кои мисли дека вреди да ги изгледаш. Секој петок со тебе ќе продолжиме да споделуваме четири филма поделени во следните категории: (1) Нов филм, (2) не-нов-не-култен ама добар, (3) култен филм што лажеш дека го имаш гледано, и (4) документарен.
А зашто добриот филм е безвременски (добро клише, добро) тука можеш да ги провериш нашите минати препораки.

 

 

13 Hours: The Secret Soldiers of Benghazi (2016) 

Нов филм

Препорака на Бане
IMDB 7.3

Воен филм каде местото на злосторот е Либија, цирка 2011 година, град Бенгази, еден од најбруталните градови кога станува збор за насилство и терор. Синопсисот е една мала група на американски војници т.е. специјалниот кордон наречен The Annex останува заробен во Либија и се обидува на било кој начин да го спаси американскиот амбасадор и да спаси жива глава. Бенгази станува премногу тензичен и опасен дури и за најголемите професионалци во оваа област. Особен впечаток кај филмов ми остави моментот на градење на приказната која не е како во класичните воени филмови, од прва акција и пуцање, туку има тензија од прва минута, но повеќе психолошка него физичка. 

 

 

 

The Connection (La French) (2014)

Не-многу-нов-не-култен ама добар

Препорака на Бане
IMDB 7.1

Одличен филм за мафија, дрога, проституција и правниот систем во Марсеј, Франција. Дејството се одвива во 70ти и 80ти години од минатиот век, каде Марсеј е главното упориште на хероинот и сите негови пропратни елементи како диско клубови, мафија, проституција, судии, полиција итн… Одлична приказна, каде судијата Pierre Michel (Jean Dujardin) решава да се спротистави на најголемиот нарко бос во Марсеј и пошироко Gaëtan ‘Tany’ Zampa (Gilles Lellouche). Сценариото е пишувано по вистинска приказна, која е премногу реално прикажана, без Холивуд клишеа од типот „сите ги убива, а нема ни гребаница”. Одлична глума, јака и моќна приказна и сето тоа „полиено” со европски шмек. Одличен 5, седи!

 

 

 

Spirited Away (2001)

Култен филм што лажеш дека го имаш гледано

Препорака на Мери
IMDB 8.6

Девојчето Chihiro е пред огромен предизвик. Заглавена во маѓепсан свет полн со духови и чудовишта, таа бара начин како да ги спаси своите родители кои вештерката Јубаба ги претворила во свињи.   

Помеѓу суптилна и тесна врска помеѓу фантазијата и реалниот свет, гледачот се соочува со неверојатни ликови и карактери, бои, симболи и халуцинации.

Со ова ремек дело Hayao Miyazaki раскажува за љубовта, лакомоста, доброто и злото, раскажува за слободата и храброста, боговите и смртниците. Едноставно ти ја буди љубопитноста за новите магични светови кои се тука околу нас, но не секогаш имаме очи за нив.

Овој блескав анимиран филм кој сам по себе е прекрасно склопено уметничко дело во јапонската кинематографија е најуспешниот филм со најголема заработка.

 

 

 

Few Words (2012)

Документарен

Препорака на Васил Кајчевски
IMDB 8.4

Јас би го сменил насловот во No Words. Феноменален документарец за најдобриот free skii rider на планетава земја, Candid Thovex. Целосен животен приказ на генијалниот Candid во не повеќе од 1 час. Нема потреба од понатамошно пишување, едноставно пушти си го на YouTube (да го има во HD) и спреми се за снежна магија.

 

Comments

comments