Денес, 1 јуни, со почеток во 21.00 часот, во Кино Култура ќе се одржи промо-настанот за „Викендот на гордоста Скопје 2018“, наречен „СРАМОТА! – Вечер на раскажување квир-приказни“.

Неколкумина раскажувачи од јавната културна, политичка и општествена сфера ќе раскажуваат кратки приказни за телесниот, родовиот и сексуалниот срам кој ја обележал нивната општествена ненормативност – оттаму, „квир“ како она што излегува од рамките на прифатливиот општествен код.

Со овие јавно изговорени приказни, срамот се превртува и трансформира, исмејаниот станува исмејувачот – срамот се враќа назад кон оние кои занесени
 во својата арогантност и привилегија, претпоставуваат дека го имаат правото да бидат родова, сексуална и морална полиција, и да понижуваат.

„Со овие приказни, од срамот за нашите желби, задоволства, однесувања, движења и размислувања градиме наративи на отпор. Нашиот срам станува нашето задоволство и среќа. Наместо сведнатата глава и преплавувачкото црвенило, пркосиме. Наместо неподносливото гушење навнатре во себе, експлодираме од смеа.“

Овогодишни раскажувачи ќе бидат: Артан Садику, Никола Гелевски, Ивана Драгшиќ, Кирил Поп Христов – Кили, Маја Марковска и Лејла Каламујиќ. Модераторки, како и минатата година, се нашите пријателки од Пич Прич: Румена Бужаровска и Ана Василева.

 

 

„Викендот на гордоста Скопје 2018“ се одржува по шести пат, во организација на Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет на РМ. Целта на серијата настани во рамки на „Викендот на гордоста“ е да креираат простор за, и да промовираат, ненормативни форми на светоградење, односно релации, афекти, идентитетски позиции, телесни стилови и сензибилитети кои во рамки на хетеронормативното, националистичко и неолиберално капиталистичко опкружување се означени како настрани, изопачени, неуспешни, патолошки, чудни итн.

Носечката идеја позади „Викендот на гордоста 2018“ е „НАСТРАНО. ПОЛИТИЧКО.“ и ќе се оддржува од 7 до 10 јуни.

Деталната програма за фестивалот е достапна тука.

„Скопскиот викенд на гордоста 2018“ е реализиран со несебичната поддршка на Heinrich-Böll-Stiftung, Фондација Отворено општество – Македонија, Министерство за култура, Европската унија и Civica Mobilitas.

 

Comments

comments