Нашите редовни читатели многу добро знаат дека Reborn постојано одржува отворен временски портал и е во близок дослух со минатото, небаре тоа континуирано постои во некоја паралелна димензија.

Ете на пример имаме потпишано ексклузивен договор да бидеме официјални застапници на 80-тите години за Македонија и се чини, совршено одговараме на тој прекрасен предизвик. 80-тите се волшебно време, во кое се покренати мошне значајни културни процеси и настанати огромен број од уметничките дела кои го претставуваат токму јадрото на денешниот урбан начин на живот кај нас, во Скопје, Македонија.

Пионерско време, во кое преку снагата и ентузијазмот на прогресивните поединци, а поретко и организирани групи локални култур-херои, нашава сцена/држава, се обидува да фати духовен приклучок со развиениот свет. Можеби скромни по број, но фантастични по квалитет се овие уникатни изблици на креативност, или можеби демонстрации на потенцијал, или моќ. Една од најнеочекуваните, но најлогични микрореволуции во поновата македонска музичка и културна рамка, носи волуменозно име: Бастион.

Во време кога џез рокот, гитарите и одушевувањето од вештината на нивното свирење владеат со македонското музичко секојдневие, комплетно осамен и речиси несфатлив е потегот, да се формира сосем електронски бенд. Ок, имаат жив бас, што од мое лично искуство го сметам за ужасно паметно решение.

Сепак се работи за цветот на скопската (македонска) интелигенција концентрирана во еден бенд. Милчо Манчевски го составува бендот и одигрува улога слична на ингениозниот Andy Warhol во случајот со Velvet Underground, во еден од дефинирачките современи њујоршки мигови кон крајот на 60-тите. Резултат на церебралната активност на Манчевски се и текстовите на Бастион, кои речиси никој тогаш ги нема разбрано, а и денес нема да се појават премногу поединци кои би можеле да се пофалат на темата.

 

 

Убавото лице и сноби-силуета не се единствените фасцинантни карактеристики на Кирил Џајковски во тоа време. Тој е еден од ретките скопски шизици кој има машини за „правење” музика, но и способност да ги употреби up to date со моменталната светска продукција. Композитор на главниот дел од музиката на Бастион албумот, кој не се плаши да биде ниту модерен, ниту авангарден, ниту поп. Карактеристики кои јасно укажуваат на висока духовна наобразба, но и артистички потенцијал, кој во децениите кои следат, ќе го искачат Џајковски до една од најсјајните ѕвезди на нашето музичко небо.

Ана Костовска е приказна за себе. Нејзиниот дотогаш нечуен глас, останува да биде уникат и денес. Неверојатно висок регистар на резонантност – на ивица на пискање, но со пакосно зрел став и софистицираност, па бравурозни пресврти во нежност, тукуречи детскост. Животот завлекува по загадочни патешествија, но за мене останува нејасно, па и поразително, како овој глас и оваа автентична скопска дива не се денес на пиедесталот.

Љубомир Стојисављевиќ – Кучкар е последната коцкичка која совршено го комплетира мозаикот наречен Бастион: живиот бас во сосем електронската приказна, генијалната идеја… не само поради оригиналниот соничен резултат, туку и поради неговата свирачка и креативна бравурозност; своевиден џез – ритуал насред летечки електро – поп. Овие денови мошне фин, културен и љубезен господин, кој за жал, одамна не се занимава професионално со музика.

Имав 12/13 години кога ја купив оваа плоча (1984 година, ПГП РТБ) и френетичниот, силно сугестивен, па сепак секси вокал на Ана Костовска, буквално ме извади од патики. Не само заради тој глас, туку и заради целата фасцинантна музичка слика, ми требаше време да се приберам и поверувам дека овој бенд е од Скопје. Да, неверојатно, но мојот град Скопје има ваков бенд!!!

 

 

Во тој миг почнав да верувам во чуда. Мислам дека тогаш се случи оној дијаболичен пресврт во мојата глава, од типот СКОПЈЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ДОБАР КО ЊУЈОРК, ИЛИ ЛОНДОН!

Навистина наивен изблик на тинејџерска енергија во потрага по сопствениот автентичен идентитет. Некаква потреба од себепрепознавање како дел од напредниот свет. Всушност, гледање себеси во многу подобро светло. Ова последново стана основа на начинот на кој се гледав и сè уште се гледам себе си во/и Скопје. Повеќе од доволна причина да дефинитивно се занимавам со музика и поп култура и секако го посветам својот живот на идејата дека Скопје може да биде добро како Њујорк. Можеби некому ова е смешно, но еве ме на 45 години, сè уште ја живеам, уживам и развивам идејата, преку сеопфатно занимавање со музика.

Бастион за мене беа атомска бомба. Но нивното значење и влијание штотуку започнува да се разбира и евалуира. По реизданието на нивниот албум (со новите ремикси од тогашните актуелни мкд бендови) во 2007 година за PMG Recordings, сериозно нарасна бројот на луѓе свесни за богатството кое го синтетизирал овој град во 80тите.

Целата мината деценија, а тоа се прелеа и во оваа, едуцираната градска екипа, полека ги поставува нештата на своето заслужено историско место. Изданија, реизданија, трибјути, книги, документарци, енциклопедии… се надевам наскоро и филмови.

Ете во петок албумот Бастион доживува винилно реиздание. Вистинскиот потег го повлекува дебитантската дискографската куќа A Colder Consciousness. Промоцијата е во фоајето на Кино Фросина, 21 часот, во храмот на македонската напредна култура МКЦ, Скопје. На кратко дами мои и господо: уникатна можност да си купите ремастерирана плоча, како доказ дека приказната не завршува. Напротив, таа тука одново почнува. А мојата приказна за Бастион, ќе продолжи со серијал текстови/интервјуа/рецензии, во вашиот омилен културен магазин Reborn.

 

Comments

comments