Ти си млад (ок, можеби и не толку млад), убав, паметен, прогресивен човек (жена), имаш отворено срце и јасно диференцирано чувство за естетика, слушаш cool музика и сакаш да истражуваш, Винил Фетиш ти е омилена рубрика во Reborn и го трошиш последниот тешко заштеден денар на плочи….Е оваа ПЛОЧА е токму како за тебе!

Blla Blla Blla е бенд кој подолго време се наоѓа во првата лига на современи македонски бендови.

Ужива високо реноме, свири фестивали и е вистинска музичка сила во регионот. Всушност, во Косово и Албанија полнат сали како ниеден од тамошните алтернативни рок бендови. Без тронка резерва, можам да напишам дека ова е најуспешниот бенд кој твори на ним мајчиниот албански јазик и еден од нашите најуспешни музички извозни продукти во поширок контекст. Но секако, не е случајност што Blla Blla Blla е на ова ниво денес.

Бендот постои уште од далечната 1988 година, што значи нивниот звук се кова и кали речиси 30тина години. Нивниот прв самонасловен албум Blla Blla Blla излезе во 2000тата година, а многу добро се сеќавам како мега хитот Babayaro (насловен по тогаш популарниот фудбалер) непрекинато се вртеше на култната скопска радио станица Канал 103. Следат Oversky Balkanishe Re-Form во 2005 година и Lamtumire во 2011 година. Овие денови на мојот грамофон непрекинато се врти нивниот најнов, четврти по ред долгосвиречки проект Brum për Мedioferr. Аха, си ја купив плочата и најтопло ви препорачувам да го направите истото.

Brum për medioferr е современ, еклектичен албум со чист рок став, кој не се срами да уфрли по некој клавир, или пак виолина во миксот. Лаконското користење на балканскиот (албански) фолк исто така не е ништо ново во звукот на Blla Blla Blla. Всушност, мислам дека Idriz Ameti (срце и душа на бендот) го прави тоа мошне промислено и паметно дозирано и комплетно успева да изгради мостови за својата локална, но и интернационална публика.

Композицијата Bad People е најсветрол пример за интелигентен и со вкус одработен крос-овер, она што го прави бендот уникатен и препознатлив. Мој апсолутен хит од оваа плоча е темата Komandant Skita, која без дискусија влегува во најдобрите македонски песни за 2017.

 

 

Заразна trip hop indie структура, која буквално заведува и завлекува уште во првите 40 секунди. Më puth веќе доживеа и ремикс за Балкан Велики, а Fato е уште една извонредна песна со радиски потенцијал. Dua në shtëpi të jetoj е најдиректниот punk-rock ангажман на плочата и се чини ќе биде фаворит на концертите кои Blla Blla Blla редовно ги свири во и вон земјата.

Кога сме веќе кај живите настапи, запаметете го следново: во четврток на 2ри ноември 2017, во Младинскиот Културен Центар Скопје, со почеток во 20 часот, Blla Blla Blla ќе го отсвират промотивниот концерт за албумот Brum për medioferr. Idriz Ameti (вокал), Krenar Ismaili (виолина, вокал), Arsim Iljazi (тапани) и Egzon Leka (бас) се прекалени во живо и го заслужуваат вашето целосно внимание. Бидете паметни колку што сте убави и набавете си карта на време.

Имам само еден мал проблем со овој албум. Целиот е напишан и отпеан на албански јазик и речиси ништо не разбирам. Всушност, не е тоа мал проблем туку голем и не е само мој, туку на најголемиот број граѓани на оваа држава од македонска националност. Не знаеме албански. Крајно време е да научиме. Ете нека албумот Brum për medioferr на Blla Blla Blla биде првиот чекор во таа едукативна сфера.

 

Comments

comments