Електролиза е серија од клубски настани, организирани и реализирани од група на посветени електронски музички ентузијасти, од 2006 година па наваму.

Дом на овие настани е легендарниот љубљански клуб Channel Zero, кој е и самиот дел од автономниот социјален центар, култната Метелкова. Успевајќи да пополни една празнина на словенечката електронска денс сцена, вечерта станува хит уште од самиот почеток.

Целиот концепт доживува прилично брз развој, фокусирајќи се на современо, квалитетно и возбудливо electro, acid и dark техно. За повеќе од една деценија постоење, Електролиза успева да угости голем број впечатливи диџеи и live актови, артисти кои доаѓаат од интернационалните музички инкубатори, како Гетеборг, Хаг, Берлин, Детроит. Уште поважно е што успеа да обедини продуценти и музички екипи од поранешните југословенски републики Словениа, Хрватска, Србија и Македонија.

Во мрачните андерграунд простории на Метелкова, поранешна касарна на ЈНА – сега еден од најпознатите европски сквотови, започнува ново обединување, преку музика. Ова движење, пријателство, соработка, во еден момент добива автентична форма и свое име во Electro City Ljubljana. Токму тоа име го носи двојната винилна компилација, која ги содржи творбите на голем број од артистите, чија интеракција токму ја опишував во овој текст.

 

 

Плочата излезе на 30 мај оваа година, во лимитирана едиција од 300 примероци, а е изрежана на 180 грамски винил. Ова е информација, која кај фетишистите директно предизвикува засилена работа на жлездите кои лачат течност во устата, која потоа неконтролирано истекува од двата нејзини краја. Приказната станува уште повозбудлива кога ќе се преслуша музиката на оваа одлична компилација. Веднаш е јасно дека се работи за резултат на години љубов, интеракција и танцување на квалитетна музика по мрачни визби. Уметничкиот став е бескомпромисен и во потрага по возбуда и авантура, наспроти денешниот комерцијален и идеолошки разлигавен свет на електронската музика.

Музичкиот квалитет е на мошне високо ниво, всушност претставува одличен документ за сериозноста и достигнувањата на електронската продукција во регионот. Воглавном доминира електро, од секаков тип и без пардон. Има тука пар слушачки бисери, пар клубски бенгери, пар супер излети во техно, но и за жал пар утки. Но животот не е совршен, па не е ни плочава.

Па, драги винил фетишисти, фанатични мои поклоници на музиката врежана на пластична маса (со крцкање, со све!), направете напор да ја набавите оваа двојна плоча.

Според квалитетот, дефинитивно се заканува да стане и остане документ за заедничкиот музички именител на една разединета, но талентирана група братски народи. Со надеж дека Електролиза овде нема да застане, ами ќе продолжи да организира квалитетни настани и издава супер музика како во овој случај.

 

 

Comments

comments