Младите луѓе во Македонија изобилуваат со несекојдневен менталитет, кој сам по себе претставува автентична поп култура.

Аналогно на популарната судбина на мнозинството во светот: бунтовни во младоста и конформирани докај триесеттата, македонските младинци се бескомпромисни панкери докај 25 годишна возраст, а потоа дејџоб и незаменливиот комфор пред телевизорот.

На оваа волшебна трансформација секако и претходи најубавата/најкорисна споредна работа на светот: свадбата. Е ова е совршена плоча подарок за македонска свадба.

Зошто? Еве неколку причини:

(1) Свадба е местото каде што младите конечно се среќаваат со суштинската реалност и припадност кон сопствената култура и под максимата: „мора да има малку народно заради моите” се цепа оро до психофизичка исцрпеност. Таа пријатна неможност, всушност битова неволност да се одлепат од цврстите традиции на родната грутка, со неподнослива леснотија го заменува цврстиот панкерски став од пред само неколку недели и претставува симпатичен вовед во култивирање на стомаче.

Оваа плоча се наоѓа токму на половината на патот од последниот панкерски ден до првиот ден кога стомачето (и на младоженецот и на невестата) е супер-пријатна новина.

(2) Оваа плоча можете да ја пуштите слободно целата по ред и од двете страни и сите да бидат задоволни со музиката. И младите и старите.

(3) Плоча е совршен подарок за свадба, а особено доколку сте во можност да додадете и подарок грамофон, па младите да имаат прекрасни денови кога за промена ќе го гаснат телевизорот, а ќе слушаат музика. Оваа плоча секогаш ќе ги потсетува на денот на свадбата и на некој начин ќе можат било кога, верно да ги преживуваат специјалните мигови на тој силно значаен ден. И сето тоа наместо да ги прегледуваат оние ефтини аматерски видеа од најменото фото студио кое им ја снимало свадбата. Знаете, музиката е единствениот докажан начин за патување низ времето, значи вие штотуку сте им подариле временска машина.

Да драги мои, целата оваа приказна е составен дел од рецензијата за најновиот, последен албум на еден од нашите најреномирани етно состави, Љубојна.

Извонредно насловен како „Радио Љубојна“, тој претставува верна слика за она каде се движи/ат звукот, но и амбициите на овој бенд.

 

 

Тоа се врвни музичари и прекрасни луѓе кои отсекогаш го знаеле она што ние, задртите „алтернативци” мораме да го откриваме 2 до 3 децении: македонските бендови треба да прават македонска музика, а тоа подрзабира користење на народниот мелос, на ова или она ниво, во оваа, или онаа форма.

Љубојна мелосот го користи директно, буквално го црпи од бунарот на македонското сознание и го трансформира во современа форма, која во ниеден момент не оди предалеку од „народното”.

Осовременувањето го реализираат преку умно дозиран џез, блуз, поп, хип хоп, па и на моменти доста пријатен хумор. Во оваа сфера, на мигови се допираат (па и меѓусебно си влијаат) со нивните сограѓани Фолтин (уште еден од македонските музички титани на совремието).

„Огреала Месечина” е далеку најуспешниот излет во овој правец на оваа плоча и се чини вистински хит за македонските радио станици. Сепак, Љубојна немаат никаков проблем да завијат оро, па дури да заиграат и мрсен чочек („Стани да не Станиш”, „Кратово виа Бразил”, „Баиро виа Бебек”).

Разбирливо, па и ослободувачко е ова отсуство на било какво интелектуализирање на народната музика и нејзино претставување во речиси чиста (на моменти и свадбарска) форма. Ова особено игра улога при нивното претставување во странство, а Љубојна, со повеќе од солиден успех, редовно концертира и надвор од границите на нашата земја.

Композициите како „Моме Оди на Вода”, „Многу ми го Фалат Вашето Девојче” и „Охрид виа Доломбаче”, се осврнуваат директно кон оние пософистицирани македонски музички традиции и тоа го прават на тукуречи совршен начин. Тука до израз доаѓаат извонредните вокални способности на Вера Милошевска, но и нејзината прекрасна чувственост кон овој наш кревок и емоционално густ мелос. Несомнено е музичкото мајсторство на човекот со визија позади овој бенд, господинот Оливер Јосифовски, неговите композиторски, продуцентски, аранжерски и секако свирачки способности, а додатно плени неговото чувство за мерка, во обидот да направи современа етно поп музика.

На Радио Љубојна свири и една вистинска македонска all star екипа, што на плочата и додава мошне високо ниво на реализација, па и очигледна надградба на оригиналните замисли на композиторот. Се на се, доколку е ова ваш cup of tea, време е да исукате паричникот и да обезбедите винил копија за вашата музичка ризница. Дури и ова да не е по ваш ќејф, сигурен сум дека имате пријател кој прави свадба. Купете му ја плочата барем нему.

Со љубов,
стариот добар МП

 

Comments

comments