Мене можете да ме обвините за било што. Тоа е барем лесно.

Ете обвинете ме дека сум анахрон диносаурус кој има тенденција да ја банализира музичката уметност преку избори за најдобри албуми на годината (која неповратно минува), притоа поставувајќи го сопствениот вкус во центарот процесот. Обвинете ме дека сум арогантен шминкер кој живее во сопствениот естетски и социјален меур, па заборавам на промените на генерациите, движењата, стиловите, годишните времиња. Господе, обвинете ме дека ја расипувам младината со мојата потрага по нови, подобри традиции за кршење и субверзивен глад за промена. Признавам се.

Навистина сум виновен, но не и одговорен! God made me do it! Токму божествена сила и тоа во најчиста форма, ја водеше раката/главата на овие вонсериски луѓе кои ги создадоа најдобрите плочи на 2018та.

 

2018: ЕБЕНО КУЛ АЛБУМИ оваа година

Creep Show – Mr. Dynamite [Bella Union]

Албумот на годината? Албумот на годината. Резонира со зла убавина во најчиста форма и грозничава пост-современост, така очигледни на високо софистицираното слушателско уво. Во самото јадро на оваа музика е вткaено целото Cabaret Voltaire искуство (Stehen Mallinder е дел од овој состав), подигнато на ниво на новиот век. Токму така мои дами и господо, ова е она што така долго го очекувавме. Конечно пристигна музиката на 21 век.

 

 

Gabe Gurnsey – Physical [Phantasy]

Се чини далеку подобрата половина од cutting edge електронското дуо Factory Floor. Збунувачки свеж ритам програминг кој дури ја обликува и мелодијата – со силно напреднати поп решенија и вокали кои зрачат со fuck off coolness. Топ 10 во сите светски албумски избори за 2018, го имавме во живо во Скопје пред само еден месец, бонус: интервју во Reborn. Јако & секси.

 

 

Planningtorock – Powerhouse [DFA]

Далеку најсјајното и музички најквалитетното име кое се поврзува со (пост) феминистичката сцена. Но идеолошките и социолошки тенденции паѓаат во вода пред врвната уметност. Jam Rostron е врвен музички уметник, а нејзиниот четврти албум е ужасно модерна, приватна, топла и уникатна божиќна приказна, која сите сакате да ја имате во вашиот дом, во форма на винил. Уште еден албум на годината.

 

 

Laurie Anderson & Kronos Quartet – We Learn to Speak Yet Another Language [nonesuch]

Комбинација од соништата дефинитивно ќе ве научи да зборувате уште еден нов јазик. Барем таков ефект врз мојата свест остави преслушувањето на оваа двојна плоча. Димензија која ви е потребна во вашиот динамичен, но силно напорен урбан живот. Ќе ви ја врати вербата во елегантната реалност и повторно ќе уживате во пристојноста на приватната самосвест.

 

 

Dead Can Dance – Dionysus [PIAS]

Единствените вистински алхемичари на светската музика со нов албум. Како и секогаш, внимателното преслушување резултира со патување низ времето и просторот. Со ова орудие дефинитивно им пркосите на историско-географските ограничувања на земскиот живот. Овој пат, наместо на нивните моќни вокали, акцентот е ставен на музички леери од разни меридијани на глобусот, совршено смиксани во една музика. Веќе реков, светската музика.

 

 

John Coltrane – Both Directions at Once; The Lost Album [impulse]

Coltrane го доживувам како првосвештеник на џез музиката, некој вид поглавар на таа леплива црква. Иако не сум го искусил во неговиот прајм, но непобитно можам да почувствувам неверојатен квалитет и релевантност. Ова е премиерно издание на негов „изгубен” албум од 1963, кое само покажа дека трансцедентноста на музиката е една од врвните сили кои го пронижуваат овој свет. Албумот звучи свежо, како да е снимена вчера. Генијална музика која едноставно мора да им ја овозможите на вашите ушни школки.

 

 

Kamasi Washington – Heaven And Earth [Young Turks]

Го нарекуваат спасителот на современиот џез. Други го обвинуваат дека е повеќе комерцијален од што треба. Заборавете го сето тоа. На оваа плоча има повеќе од три часа современа, виртуозна и сосем генијална џез музика. Ова е за вашата душа, ако сè уште ја имате 🙂

 

 

Svemirko – Tunguzija [Manje Više Zauvijek]

Спријателете се со овој хрватски бенд. Од нивната музика одекнуваат најдобрите традиции на загребскиот звук од 80тите (Boa, Haustor, Dorian Grey), надградени со емоционалната и интелектуална компликација на 21виот век.

Или па можеби соголени до чистината на душата која произведува слатки волшепства. Навистина не знам, но не можам да престанам да се напојувам на овој сладок сладок музички извор.

 

Comments

comments