Васко Атанасоски е уникатна појава на македонската музичка сцена.

Да беше американче, веројатно ќе имаше уште 3-4 фрикови на сцената со кои ќе можевме да го споредиме или класифицираме, но во таков случај сега веќе одамна ќе беше милионер и легенда од фестивалски и друг тип антологиски размери, следствено ќе беше комплетно недостапен за нас.

Оваков каков што е, со среден раст, ретка кадрава коса и цврста телесна градба, луциден и хиперактивен, може да прошиша покрај вас на улица додека се воодушевувате на билбордот со следниот спасител на Македонија…да баш таков вон контрола, ама нашинец си е.

И како такво едно нашинче, ние од нашава мала државичка и уште помала музичка сцена, треба да си го чуваме, толерираме, па и сакаме. Апсолутно. Сепак најважно од се е да му обрнуваме внимание, што е најмал проблем, со оглед на френетичната музичка и all around активност на господинот Атанасоски.

За ретките кои не знаат, Васко има чистокрвно hard-core punk diy потекло, всушност е еден од клучните за формирање и опстанок на таа сцена кај нас.

Од купот бендови, проекти, фанзини и што уште не, од тој период ќе го издвојам бендот FxPxOx, прекален на концерти и world wide признат во рамките на таа сцена.

Сите панкери кои сакаа да ја надминат фазата на панкот како стил на облекување и претендираа на субстанцијалност и продуховеност, научија како треба од Васко и FxPxOx.

Нивните концерти се некои од најжестоките и најхуманистички урбани настани на кои сум присуствувал.

Нема кој не знае за Bernays Propaganda. Најуспешниот македонски бенд на новото време.

Brainchild на господинот Атанасоски (поетиката е на госпоѓицата Тина Горовска, а не би ги заборавил и Трипе, Џано, Дени…), кој за 10тина години отсвире едно 500-600 концерти и ги увери сите во регионот дека колку и да си немаркетабилен македонски бенд, можеш да бидеш пример за успех.

Го чекам денот кога Bernays Propaganda ќе стане пример на македонските млади бендови. Младите музичари сè уште спијат, но чинам, сенката во која спијат е дебела и пријатна.

Ха Ха Ха е еден од моите најомилени македонски бендови на сите времиња и целосен авторски труд на Васко Атанасоски. Ми се чини дека тука го достигна врвот на својата поетика и сонграјтерски потенцијал.

 

 

Оваа површна (бидејќи има тука уште многу да се зборува и валоризира) хронологија логично доведува до мигот кога господинот Атанасоски решава да тргне соло.

На моменти сакав да дискутирам за нивото на соло на проектот ТК.СК и незаборавната Скопски Педерчиња од пред 15тина години, но не е умно да се навлегува во расправа со Васко. Ако тој вика сега е соло, тогаш сега е соло 🙂

По неколку синглови кои излегоа за неговиот нов label Balkan Veliki, еве најава за дебитантскиот албум, сосем адекватно и мошне згуснато наречен Пази Куче.

За разлика од сировата енергија и беспоштедниот динамизам кои го карактеризираат човекот Васко на улица, албумот е болно приватно подотворање, во кое авторот не се штеди ниту себе, ниту остатокот од светот.

Како да си галкаш, или култувираш отворена рана и полека ја трансформираш во дел од твојот надворешен изглед, туку речи општествено прифатен имиџ.

Токму приватните преокупации со смрт, заедништво, љубов, губитништво, желба за живот и нивната непосредна лирско-музичка експликација, се она што ќе ве привлече и купи на ова плоча.

Да, ПЛОЧА која се појавува на 11 октомври, па побрзајте резервирајте си копија, да не снема кога ќе сфатите дека ви треба 🙂

Кај лиричарот Атанасоски, очебијно е отсуството на цврсти ставови кои беа клучен selling point во минатите проекти, што јас го капирам како развој кој поетот го носи кон изворот, а изворот постои за поетот да се напие. Следствено на ова, сведоци сме на големо музичко ослободување, па албумот изобилува со сонични авантури од даб и кант-авторски гитарчиња, па преку авангардни конструкции, се до неколку бисер песни кои влегуваат под кожа, за таму да останат.

„Градови”, „Ништо нема да не раздели” (дует со Тина Горовска) и особено „Кога љубовта е најдалеку”, ќе ве треснат од земја емоционално и психички, но затоа и слушаме и промовираме музика од вистинските автори, така?

Слабата точка се манифестира преку една, ај ќе речам чудна верзија на големиот Bernays хит „Лажи ме, Лажи ме”. Барем мене не ми се допаѓа. Можеби вие ќе мислите поинаку.

Севкупно, пред нас е албум на еден изграден автор кој има многу што да каже, а верувајте there’s plenty where this came from.

Епа драг мој читателу, вака информиран и со погледот далеку во иднината, преостанува само да резервираш копија во некоја од добрите музички продавници во градот и да го чекаш датумот-херој 11 октомври, за ова прекрасно и автентично парче винил стане дел од твојата винил-фетиш колекција.

 

Comments

comments