Добиј плоча од најновиот албум на ПМГ, „ПМГ Колектив Скопје“. Лајкни го статусот на Facebook и шерни го постот и можеби токму ти ќе бидеш среќниот добитник. Добитникот ќе биде одреден на 1.12.2017 (петок).

 

Оваа година напишав рецензии за речиси сите македонски албуми кои излегоа. Издадов и јас албум со мојот бенд ПМГ Колектив и поканив неколку луѓе да му/ми бидат гости-рецензенти. На поканата се прозва единствено Виолета Качакова, менаџер во културата, радиски и клубски диск-џокеј и музички ентузијаст. Ова е нејзиното екстензивно согледување на темата.

По 13 години активна работа и сеприсутност на сцената, ПМГ Колектив, во мај годинава, го издава својот 7-ми по ред студиски албум насловен „ПМГ Колектив Скопје“. Албум кој доживеа своја концертна промоција во Кино Култура/Скопје, по што следеа настапи во другите македонски градови. Додека пак на 24 ноември во Младински културен центар, скопската публика успеа повторно да ги види на сцена ПМГ Колектив со новиот, досега најдобар материјал.

Цели 13 години како бенд, ПМГ Колектив носи модерен градски звук, оставајќи значаен запис за времето, музиката и културата. Нивното континуирано и конзистентно работење се огледува во напредокот и квалитетот на секој нареден албум. Тоа е бенд кој не се плаши да експериментира со звукот, кој главно резонира помеѓу електроника и гитарскиот рок.

Од своите почетоци до денес, бендот доживува неколку промени во составот со вклучување и заминување на колеги од сцената, воглавном соработници на одредени албуми. Во срцето на бендот остануваат тројцата мускетари чиј музички развој, преференци и работа влијаат на музичкиот идентитет и звук на бендот.

Ќе почнам со Мирко Попов, како стамина на бендот, кој пркосно го води преку сите премрежија, секогаш во нова победа. Вокал, автор на музика и извонредни текстови кои со ритмична леснотија и содржинска тежина успешно го доловуваат автентичниот призвук на совремието. Секогаш до него, пријател и коавтор, Синиша Евтимов. Театарски режисер со голем талент и лаконска способност за креација. Музички израснат во пост-панк ерата, со гитара чија автентична лиричност е една од карактеристичните обележја на ПМГ Колектив. Последен, но не помалку значаен Александар Гавровски, кој со чистиот и линеарен бас стабилно ја носи и развива соничната динамика на оваа група. Веќе 4 години со бендот е и младата и талентирана Теа Шалдева. Со нејзиниот карактеристичен вокал и музички талент, ПМГ Колектив добива нов соработник кој квалитативно го надополнува и ја зголемува неговата атрактивност пред публиката.

 

 

Седмиот по ред студиски албум „ПМГ Колектив Скопјени дава комплетно зрел и музички издржан звук. Звук кој ги обединува но и крева на повисоко ниво сите досегашни фази и албуми, од оние со понагласена електроника (Резонатор/2007, Клан Секулар/2012, exYou/2015) до оние со позастапена танцова пост-панк линија (Пријателски оган/2008, ДА4/2010, А векот така добро започна/2011).

Пресвртницата која доведе до денешниот звук на ПМГ Колектив се случи во 2012 година. Дотогаш бендот работи во класична рок постава (вокал, бас, гитара и тапани), која трпи значајна промена со заминување на тапанарот Здравко Кеврешан. Бендот решава да продолжи без тапанар, заменувајќи го овој круцијален инструмент со поразвиени електронски аранжмани преку користење на нова музичка опрема за продукција и изведба на електронска музика. Оваа промена, на почетокот е доста тешка за бендот и од него бара совладување на нови знаења и нов пристап во работата. Подоцна таа се покажува како клучна во понатамошниот музички развој, кој доведе до своевиден креативен врв испорачан преку новиот албум.

ПМГ Колектив Скопје

И покрај тоа што живееме во земја која не е заинтересирана да креира услови за современа музичка продукција, постоењето на музички материјал како „Скопјепокажува дека имаме сериозни музички автори посветени на континуирана креација и развој на современа музика која по сите параметри е светски рецентна.

Скопјее резултат на професионална и континуирана работа на бендот ПМГ Колектив и неговата соработка на одредени песни со современите џез виртуози Владан Дробицки (тромбон), Павел Дробицики (бас), Васко Бојаџиски (саксофон) и Тина Горовска (Бернајс Пропаганда). Надевајќи се дека условите за продукција и поддршка на домашната „алтернативнасцена ќе се подобрат во иднина, оваа музика дотогаш останува како отворена покана за танц, љубов кон својот град, поставена мерка за квалитет и секако инспирација за една нова генерација творци и љубители на музиката.

Веќе споменав дека „Скопјее најдоброто студиско остварување на ПМГ Колектив. Со вкупно 8 композиции, ова е сериозен и комплетно заокружен албум во кој секоја песна има свој живот и музичка авантура. Албум во кој се отсликува еден современ македонски, но и приватен авторски „градсвет”.

Со променлива drum’n’bass динамика и ритам кој изнедадувачки совршено комуницира со звукот на тромбон, песната Музика е една од најдобрите остварувања на овој албум. Како некој шлагер од 70тите да се откачил темпорално и влетал во фуриозен модерен динамизам. Во сосем поинаква комбинација, врз trip hop основа (споро по брзина но динамично), тромбонот дава една високо естетска и меланхолична нишка, која одлично се надоврзува на текстот и вокалната изведба на Попов во 2 Милиона.

Во стилот на динамичен електро ритам, на кој не можеш а да не танцуваш, се развива еден од моите фаворити, песната Sex Rap!. Песна со одлични и компатибилни вокали на Шалдева и Горовска и емотивен набој во содржината која достигнува експлозивна кулминација со рецитирањето на Горовска на стихови од песната AA XXX  (Peaches) комбинирано со зборовите Sex Rap!, кое пак совршено преоѓа во елегичен рефрен на крајот од песната.

 

 

90ти е синглот кој го најави излегувањето на овој албум, и песната која го затвора албумот во верзија посветена на Канал 103. Во модерен, динамичен и танцувачки house ритам, 90ти доловува атмосфера на безгрижност и младост, слика за една генерација која со себе носи нови и поинакви вредности, мошне релевантни денес. Концептуално, 90ти може да се разгледува како дел од трилогија Скопјанка (Резинатор) – 80ти (exYou) – 90ти (Скопје). Сите три песни даваат музичка слика на модерно, секогаш свежо и инспиративно Скопје кое опстојува преку различни генерации кои меѓусебно комуницираат и се инспирираат. Токму ова Скопје на овој албум си доби уште една, за него посветена љубовна пена.

Поплавите кои го зафатија градот во летото 2016 година беа директна инспирација за создавање на текстот, а подоцна и песната Улиците Пеат. Песна исполнета со оптимизам и пркос кон минати и идни природни и политички катастрофи кои го напаѓаат градот, а во карактеристичен ПМГ ритам кој те повикува на танц.  

Арабиа уште од самиот почеток инстиктивно те придвижува и освојува на прво слушање. Неочекувано добра комбинација на електро бит, гитара со елегичен звук типичен за македонска народна песна и саксофон. Комбинација која отвора нов музички светоглед, битен како оној кому му е посветена песната (David Bowie). Градска плажа: уште една средба на генерации на исто место, но во различно време, споделена носталгија и емоција помеѓу оние тука и тие што заминале.

ПМГ Колектив Скопје е комплексно, но питко дело, исполнето со љубов и меланхолија и неверојатна подготвеност за комуникација. Плоча вредна за вашето ценето внимание. Купете си го овој албум токму на плоча, еден ден ќе ви биде подрага одошто можете да замислите.

 

Comments

comments