Да снимиш и издадеш плоча (винил) овие денови е скапо.Скапо чини целиот процес, трае долго време и на крај завршуваш со еден куп плочи кои си ги подарил наоколу од пуст мерак дека целиот процес навистина се случува.

Океј, нешто и ќе продадеш, но не се надевај дека ќе вратиш значителен дел од вложените средства (животна енергија, време, пари), освен ако не си подготвен да се изложиш на екстензивна турнеја по балканските и европски клубови, клубчиња, барови, андерграунд дупки и по некој, далеку под нивото посетен, културен центар… Што повторно цеди непроценлива животна енергија.

Затоа, денес велиме дека издавањето на еден албум на винил, за музичарот, а особено сиромашниот балкански музичар, претставува приказ за сериозна намера.

Решителен потег на рамниште на современа потрага по светиот грал на внатрешното себеспознавање како музичар. Едноставно речено: дали си скроен за овој живот, или не.

Но освен подготвеноста неповратно да вложиш и застанеш цврсто позади сопствениот материјал, има уште една круцијална карактеристика во мозаикот на успешен современ музичар: да ти биде добра музиката. Тоа е точката каде што се одвојуваат „момчињата од мажите” (нека ми простат на оваа флоскула феминистките, жените, политички коректните). Навистина, која е поентата да влезеш во продавница, купиш скап винил, ако музиката не е сјајна? Нема поента. Затоа, Винил Фетиш држи до квалитет.

Овие денови, моите раце и уши ги израдува еден извонреден „регионален” албум, излезен на винил, цд. Плоча која ги обединува сите есенцијални причини, зошто некој би се занимавал со музика и би ја издавал истата: идеја, потреба, талент, реализација и најважното од се – умешност да се напише добра песна.

Hyperbola е албум на сараевскиот мултиталент Берин Тузлиќ, објавена под името dRUMELODY. По вокација тапанар и мајстор на удиралки, од сеприсутниот животен грув кој не опкружува, господинот Тузлиќ успеал да синтетизира неколку извонредни композиции, кои ги доживеав како пријатно изненадување и вистинско освежување.

 

 

Hyperbola е албум кој комотно лежи во внимателно одработена електроника и дел од него може совршено да одигра на подиумот за танц, но сепак неколку вокални композиции просто зрачат со силен радиско-хитовски потенцијал. Насловната тема„Hyperbola” и првиот сингл„Blood”, се типичен пример за современ кросовер помеѓу модерно продуцирана, игрива електроника и вокална амбиција која е толку добро напишана и изработена, да поседува потенцијал за многу повеќе од „само регионален” успех.

Не знам дали сè уште постои MTV (Музичка Телевизија), но вакви песни се најдоброто нешто кое денес би можела да го емитува. Особено „Blood” е композиција која би можела да победи на некаква интелигентна Евровизија.

Мојот персонален фаворит од оваа плоча е композицијата Golden Vine”. Суптилно испродуцирана dub-house ритмичка линија, врз која како вистински празник за интелигентното уво, се распостила раскошна емоција од паметно напишан и совршено отпеан вокал (Берин вели роботите најдобро пеат деновиве:). Атмосфера и мелодија која просто опива и ме враќа во деновите кога уживавме во врвот на бристолската dub-breakbeat-trip hop сцена. Всушност, кога оваа песна би ја потпишале Massive Attack, би била светски хит. Гарантирано.

Влијанието на славните електронски 90-ти не запира тука. Можам лесно да ги насетам Leftfield во Take Money Baby”, или Orbital во London Islam и Impulse”, но сето тоа е одлично вклопено и транскрибирано преку авторскиот филтер на dRUMELODY кој само по неколку преслушувања на албумот, јасно му се наметнува на искусниот слушател. Токму присуството на автентичен авторски агол и став е тоа што мене ме прими ова дело да го доживеам како сериозен албум и винил вреден за инвестиција.

 

 

Ако ме прашате за негативните страни, нема да можам да замижам на моментите каде некои песни („Groteska” е типичен пример, има и пар други) траат предолго и несреќно се одразуваат на динамиката на слушањето. Веројатно се работи за неискуство во слагање и планирање на албум, но проблем кој никако не би смеел да застане помеѓу вас и преслушувањето.

Погоре споменав дека Берин Тузлиќ е мултиталентиран господин, па освен музичар, тој е и одличен дизајнер (стрип цртач, илустратор), што автоматски го квалификува да го одработи и омотот за сопствениот албум. Споредувајќи го неговиот неспорен цртачки талент со решението за омотот, не можам да сокријам благо разочарување. Имено, дизајнот за овој ЛП е нешто што најмалку ми се допаѓа на него, а потенцијалот на дизајнерот проектира многу повисоки очекувања.

Би резимирал: Hyperbola на dRUMELODY е музичка авантура, повеќе од вредна за доживување. Дозволете си да ја доживеете преку било кој медиум. Јас најтопло ќе ви препорачам да тоа биде винил инвестиција, но нема да боли ниту ЦД… Па ниту Youtube.

 

 

Сигурно се прашувате како да си купите плоча. Тука влетувам со добра вест. dRUMELODY ќе настапи во реномираниот скопски локал Vinyl/Винил следниот четврток, на 24 мај. Бидете паметни како што сте убави и да се видиме таму.

 

Comments

comments