Добиј плоча по твој избор од Апотека, МКЦ. Лајкни го статусот на Facebook и шерни го постот и можеби токму ти ќе бидеш среќниот добитник. Добитникот ќе биде одреден на 23.10.2017 (понеделник).

Југославија, Југославија, Југославија… за нешто што одамна не постои, овој збор е премногу присутен во нашето секојдневие. Земјата на вашите татковци, но и земјата на вашиот стар, добар МП, кој редовно го читате на страниците на Reborn.

Многумина живеат во минатото. Некои живеат во лажна слика за минатото. Оние понапредните клинци, чувствуваат одбојност кога повозрасните „малтретираат” за старите добри времиња. Но немојте да брзате да го офирате овој старец (мене)… Овој старец е преполн со приказни, поткрепени со музика. Музика со која уште веднаш можете да ја проверите валидноста на моите приказни и тоа на вашиот домашен грамофон.

Да се биде убав, паметен и млад Југословен во 80тите значеше да се биде во некој филм.

Не во било кој филм, него во правиот филм. Да имаш плочи, да знаеш филмови, да читаш книги… културата беше шминка, или на кратко, КУЛТУРАТА БЕШЕ ВО МОДА.

Токму фактот што СФРЈ не беше дел од „развиениот” и со пребогата поп култура наметлив Запад, а сепак ниту дел од Истокот позади железната завеса им овозможуваше на младите, историски неизживеани, а љубопитни и гладни за култура, да го синтетизираат, копираат, но и да го доведат до високо ниво на автентичност она највредното од таму.

 

 

Југословенската поп култура израсна во една од водечките во Европа затоа што успеа да направи неверојатен сублимат на западните позитивни вредности и да ги стави во сопствен контекст, нудејќи ги на потенцијален пазар/публика од 25 милиони жители.

Ова особено важеше за југословенската музика на почетокот на 80тите. Таква експлозија од креативност и слободоумност, во европски размери, веројатно имаше само уште во Англија.

Југословенските шизици беа панк рок, њу вејв, романтик, дарк, арт, авант и што се не. Даваа се од себе да изгледаат како нивните западни врсници, а на своите плочи на моменти успеваа да звучат и подобро од нив.

Без разлика на модниот или музичкиот стил, југословенската младост имаше сериозна авангардна тенденција, со силно изразен нагон да се биде паметен, убав и квалитетен, нагон кој знаеше да прекипе и во чиста ароганција. Но верувајте му на вашиот стар, добар МП, таа ароганција беше еден од најпрекрасните странични ефекти на поп културното созревање во една земја која само сакаше да биде во топ форма на светско ниво и тоа по сите параметри.

Оваа мала селекција на винили кои можете да ги набавите уште веднаш во Апотека во скопскиот МКЦ, е возбудлив пресек на таа сцена и прекрасна потврда на моите опсервации во овој текст.

Се надевам дека ќе ве поттикнам на размислување, истражување и секако слушање музика.

 

 

VIS Idoli (Jugoton)

Најпаметниот југословенски бенд на сите времиња.

Вистински идоли на генерациите кои ценеа интелигенција, субверзивност, убавина и интернационализам. Амбициозни и незапирливи низ музичките правци и интелектуалните предизвици, овој нивен албум е омаж на југословенскиот шлагер и американскиот рокенрол од 50тите. Знаете, она што за некого се 80тите, за некој друг се 50тите. Мошне софистицирано драги мои. Тукуречи недостижен cool. (песнава горе е напишана за девојка од Скопје, од мое маало, се вика Кети). „Желим да фукам те”. Поздрав4е.

 

 

Dorian Gray – Za Tvoje Oci (Jugoton)

Ако Идоли се од Београд, Dorian Gray се од Загреб.

Двете водечки ју-метрополи по прашањето на напредна музика и чиста шминка. Позади шминката, овие загрепчани прикажуваат неверојатно потентен сонг-рејтинг, моќна аранжерска и лиричарска реализација. Само 2 албума, но доволно за цврст стејтмент и историска издржаност скоро до небо. Да се смрзнеш од cool.

 

 

 

Beograd – Remek Depo (PGP-RTB)

Дали сте чули за опасне игре?
Секс & драгз & рокенрол
Дали сте чули за опасне ствари?
Секс, дроге и алкохол?”

Навистина, дали сте слушнале за ова? Не знам како е денес (океј, знам), но на почетокот на 80ти беше вистинска реткост, на граница на обскурност. Чујте.

 

 

 

Električni Orgazam (Jugoton)

Првиот албум на овој белградски состав е врвно дело на југословенскиот (пост) панк.

Доказ дека панкерите можат да бидат екстра паметни и дотерани. Единствениот белградски бенд од првата генерација на новиот бран, кој постои и работи до ден денес. Оваа плоча е вистинска историја, а небото е слобода.

 

 

 

Prljavo Kazalište – Crno Bijeli Svijet (Suzy)

Од пар екселанс новоталасен бенд, овие момци се претворија во транзициско – националистичко – воено профитерска бљувотина.

Но оваа плоча ќе остане на самиот врв на југословенската музичка приказна, пред се поради вистинскиот став во вистински време, но и поради вечните мега-хитови „Crno Bijeli Svijet” и „Mi Plešemo”. Мој персонален фаворит и нумера вредна како скриено богатство е „Neka te ne Brine”.

 

 

 

Laki Pingvini – Muzika za Mlade (PGP-RTB)

Да да да дааа!!! Музика за млади 🙂

Дотерани белградски шизичиња со фризури и полна уста самопофалби за успеси кај „понежниот” пол. Да се биде популарен, или не дај боже успешен кај жените, беше вистински Sci Fi во тоа време.

Подоцна, со појавата на дезодорансите и ефтината дизајнер гардероба, ситуацијата малку подолабави. Топ плоча за вашата домашна забава и неоптеретено „џускање” (танцување).

И само уште ова: Мојата девојка е најубава!

 

 

 

Sladjana Milošević i Dado Topić – Princeza 12” (PGP-RTB)

Оваа песна освои второ место за избор на песна која ќе ја претставува Југославија на Евровизија во 1984 година.

Изборот се одржи во Скопје и сите бурно-емоционално навивавме за оваа прекрасна балада. Не се сеќавам кој освои прво место и отиде на Евровизија. Се сеќавам само дека сите останавме со скршено срце, а оваа песна се воздигна во еден од најголемите ју хитови на сите времиња.

Hot tip: Не ја барајте во продавницаta, само што си ја купив 🙂

 

Comments

comments