Од екипата на Reborn ме прашаа дали би можел да напишам нешто за уметник / дело кое најмногу имало влијание врз мене.

Доста размислував за кого да пишувам. Во ралични периоди, различни уметници имаат оставено длабоки траги врз мојата љубов кон уметноста, а и на животот.

Се одлучив за Salvador Dalí. За мене тој беше еден од најголемите живи сликари и во исто време најконтроверзен во секој поглед. Вистинска експанзија на Дализмот ја доживеав како студент, и како што кажа и мојот пријател, академскиот сликар Проф. Тони Васиќ на отворањето на мојата изложба:

„Со Зоран Кардула истовремено ги започнувавме своите први чекори во светот на ликовната уметност. Воодушевени од светот на надреализмот и тематиката на сликите на Salvador Dalí, филмовите на Luis Buñuel во тогашната Кинотека, откривајќи ги убавините во светот на црно-белиот филм“.

Тоа беа времиња кога многу потешко од денес се доаѓаше до монографија или било каква литература поврзана со Dalí. Една опција беше книжарницата до Академијата за музичка уметност, каде можеше да се најде нешто литература поврзана со уметност, друга беа книжарниците во Солун.

 

dali-modern-rhapsody-1957

Salvador Dalí — Modern Rhapsody (1957)

 

Некако, сосем случајно, до мене стигна неговата книга – „Diary of a Genius”. На корицата на оваа книга беше еден портрет на Dalí, кој веднаш штом го видов извадив хамер и графитен молив и како во транс за околу 20 минути го нацртав. И самиот не знам како успеав, а резултатот беше навистина одличен. Таа слика е една од моите први дела и ми помогна во тој момент да заклучам дека тоа е она што сакам да го работам.

Иако бев студент на електро факултетет, сликањето и опсесијата со Dalí беа неразделен дел од мојот живот. Истата таа слика, за време на целото мое студирање, ја чував над креветот и со некоја чудна енергија ме тераше секој ден да цртам по нешто. Истовремено со Dalí логично и нераскинливо се наметна и надреализмот како правец кој ме воодушевуваше.

Дали е претставник на надреализмот, но тој секогаш бил како потстанар во покретот на André Breton и никогаш не се чувствувал пријатно, па затоа неговиот надреализам е личен и не потсеќа на никој друг.

Заедничко за сите надреалисти е тоа што ја задржуваат традиционалната техника на сликање, на начин што го прават големите Rafaello Ossola и Eugène Delacroix.

Нивната главна цел е фотографско доловување на ситуацијата во зависност од состојбата на сликарот.

Во надреализмот постојат 3 значајни претставници: Max Ernst, Yves Tanguy и Dalí.

Dalí не би бил Dalí ако нè оди чекор понапред. Според него универзумот не треба да се прифати онака како што го гледаме, или замислуваме, туку треба да се искористи имагинацијата.

 

Salvador Dalí — The Great Masturbator (1929)

 

Негова заслуга е прифаќањето на параноја на критиката чија теорија е дека секој пејсаж, секој објект треба да ја отфрли неговата непроменлива форма и во истиот момент самите тие да создадат други поинакви облици во просторот.

Тука Dalí е непобедлив, дури го става во втор план најголемиот илузијанист, Hieronymus Bosch.

Dalí не ги разликува различните агрегатни состојби на материјата. Кај него времето и часовниците се разлејуваат како топено сирење, телефонот е оставен на чинија спремен за јадење, нозете на слоновите завршуваат како тенки екстремитети на комарец, устата на убавото женско лице е полна со мравки итн. Сето тоа создава една атмосфера на бунило и чудење и нè тера никогаш да не излеземе од таа состојба.

Оваа имагинација е присутна и во неговите 2 филма кои ги направи заедно со режисерот Buñuel (за мене еден од најголемите режисери). Се работи за филмовите „Un Chien Andalou” и „L’Age d’Or”, снимени 1929 и 1931 година.

Перфектен пример за кратки филмови кои ја објаснуваат токму тој вид  имагинација. Од сè срце им ги препорачувам на сите оние кои ги немаат погледнато – да ги погледнат. Тие филмови оставија голем белег врз мене и мојата љубов кон европскиoт филм.

За Dalí би можел да пишувам и зборувам до 101 и назад. Неговото влијание врз мене може да се забележи преку 2 работи кои ги имам направено во негова чест.

 

Salvador Dalí — The Temptation of Saint Anthony (1946)

 

Првата ствар е тоа што свадбеното патување со сопругата одлучивме да биде Шпанија и Португалија и задолжителната посета на Фигуерес и неговиот музеј. Тоа е како да се влезе во имагинарниот, генијалниот ум на Dalí.

Втората работа е мојата тетоважа посветена на 2 значајни уметника. Се работи за череп поделен на 2 дела каде едниот дел го претставува Dalí, уметник кој ме натeра да се занимавам со сликарство, а другиот дел е Frida уметница која е заслужна за мојата идеологија и борба за правдина.

На крај ке завршам со неговата мисла: „Јас не земам дрога, јас сум дрога“, која комплетно го опишува Dalí.

 

Comments

comments