Фотографии: Стефан Рајхл

 

Заработувам пари за нешто што би го правел и во случај од истото да не би заработувал ни денар.

Ја сакам својата професија бидејќи ми овозможува безброј прилики да сум воедно и експерт и аматер во различни ситуации. На секој концерт треба да сум експерт во она што го интерпретирам пред публиката, додека воедно при секоја нова композиција или аранжман сум всушност аматер во однос на приодот кон истата. Патем овој факт воопшто не е страшен, поради тоа што самиот термин „аматер“ всушност значи „љубител“, бидејќи потекнува од латинскиот глагол „amare“, што значи „да сакаш“.

Во последно време покрај настапите и пробите со бендот повторно навлегувам во аматерски води, односно работам на нов материјал. Ова е најтешкиот процес во мојата работа, меѓутоа исто така и најисплатливиот.

 

srp_9918

 

Полека, но сигурно го изработувам својот втор албум, кој од многу свои почитувани колеги ширум светот имам чуено дека е и најтешкиот да се створи. Првиот албум го дефинира звукот, е основоположник на експресијата, односно карактерот на бендот и претставува една потрага по себеси во рамките на краиштата од каде што потекнуваш, меѓутоа вториот албум… ме предизвикува сега истиот тој безбеден и дефиниран Orpheus да го пратам во авантури кои што никогаш не очекувал дека ќе го снајдат.

Предизвикот да се справам со непознатите нови средини во кои текстуално и музички се впуштам е единствено полесен од предизвикот истите тие средини впрочем пред се да ги создадам. Поради оваа помисла, го поистоветувам процесот на творење нов материјал со лов на диво животно. Истите вештини се потребни, само што наместо животното – се ловиш себе, инспирацијата која што вирее во тебе. Пленот, исто како инспирацијата, треба да го намамиш па да го измамиш, за потоа со многу концентрација и посветеност да го уловиш. И исто како и дивечот, твојот сопствен ум умее да ги предвиди твоите трикови, принудувајќи те да бидеш побрз и помудар од себе, за ловот да резултира со успех, со плен.

 

srp_9904

 

Пред се, мојата улога во светов е да забавувам луѓе. Ништо повеќе, ништо помалку. Од друга страна пак, тежнеам во своите песни да имплементирам мотиви и идеи од сферата на филозофијата, историјата, политиката, човечката природа, итн.

Целта е слушателот да може да ја доживее мојата музика на било кое ниво. Можеби само ќе посака да ја чуе музиката, ако му се допадне, можеби ќе го чуе и текстот. Доколку и текстот му се допадне, можеби потоа ќе сака да го слуша во буквален смисол, или пак да навлезе подлабоко во метафорите и аналогијата што зад него се кријат… Моја работа е да му ги понудам сите слоеви, и да му речам „повели, извлечи што и да ти треба“.

Во однос на своите колеги, можам да изјавам само дека сум почестен и привилегиран да се ангажирам и дружам со такви виртуозни музичари и прекрасни луѓе. Тие ме инспирираат вечно да го кревам своето музичарство и да креирам музика која им ги предизвикува, односно одговара на нивните способности. Најмногу ги почитувам и уживам во нивното присуство. Веројатно формулата гласи: „Доколку сакаш да станеш подобар музичар – опкружи се со подобри музичари од себеси.“

 

1

 

Обожавам да пешачам или да возам точак према нашето студио, тој чин ми претставува еден вид на дневна медитација и инспиративен ритуал низ кој ми доаѓаат многу идеи околу музиката, аранжманот или текстовите. Воедно, за време на прошетките често се случува да наидам на еден куп пријатели по улиците на градов, што е убава прилика да разменам и по неколку зборови со многу луѓе што сакам да ги гледам почесто од што можам. Овие прошетки веројатно ми влијаат на творештвото повеќе од што сум свесен.

 

Comments

comments