Идејата на овие мини-водичи што ги правиме за симпатични гео-локации не е да ги докажеме нашите гугл-вештини, туку да споделиме со тебе и со остатокот од светот пар (не)популарни места што нè воодушевиле.

Овој месец поминав една недела во Прага, градот за кој има посветено безброј водичи, а за кој јас се осудувам да напишам уште еден. Храброста доаѓа од тоа дека ми успеа во тоа што сите се трудиме да го постигнеме – да доживееме еден нов град како локалец. Ова како локалец” е премногу напумпано, нели, невозможно е, но тоа што дефинитивно е возможно е да поминеш една недела во град без да се чувствуваш како американец на Segway.

Прага е прекрасна. Неверојатна е, од кој агол и да ја гледаш. Сакаш од аголот на (не)остварен архитект, од аголот на скулптор, аголот на самопрогласен хедонист или од оној на смртник со изострен осет на естетика.

Овој пат, како и секој нареден пат кога ќе почувствувам нагон да препорачам добри места за посета, тоа ќе бидат претежно кафичи, ресторани, слаткарници и музеи. Не верувам дека некогаш ќе препорачам дискотека, досадна сум јас, за тоа прашај го Бане.

 

 

Café Louvre

Кога првото место што ќе го посетиш во еден град е феноменално, очекуваш остатокот од престојот да го поминеш во константно разочарување. Овој пат тоа не беше случајот. Да, Louvre е неверојатно место, но некако магично, такви беа и сите други што ги посетив после него.

 

 

Louvre се наоѓа во строгиот центар на градот, а ние бевме таму на кафе и доручек, и двете беа подеднакво прекрасни. Местото сакам да верувам дека е инспирацијата за The Grand Budapest Hotel, па токму таму и ќе мислиш дека се наоѓаш додека го јадеш прекрасниот омлет, а гостите околу тебе читаат весници и пушат цигари.

 

 

Mistral Café

По Louvre бев на неколку места што за жал не заслужија место во листава, а утредента за појадоксо Kate и Adam се најдов во Mistral. Иако појадокот беше прекрасен, тоа што ми текнува е дека Mistral е најверојатно единственото место на светот што не нуди јајца за појадок, скроз лудо.

 

 

Но сендвичите и кафето беа прекрасни, исто како и природното светло што паѓаше низ плафонските прозорци. Најдобрата соба, таа со прозори во плафонот, е собата на крајот, така да не се давај препрано и прошетај го убаво кафичот пред да одлучиш каде да се сместиш.

 

 

Café Montmartre

Знам, чизи името не ветува баш. Ама ако му дадеш две минути шанса, ќе се заљубиш во Motmartre и во сè во врска со него. Кафичот за прв пат е отворен во 1911 година, а помеѓу локалците е познат под името „Кабаре Motmartre”.

 

 

Освен што е прекрасен локал во најстрогиот центар на градот, место кое не е никогаш преполно, посетено само од домашни луѓе” и евтино, најхаризматичната приказна зад ова кафуле е тоа што пред многу години било местото каде чешките боемски автори ги пишувале своите книги, а меѓу нив и самиот Кафка.

Денес, сè уште е најпопуларно помеѓу локалните автори и студенти по литература, кои одат таму за да пишуваат и да уживаат во лошото евтино вино. 

 

 

DOX Centre for Contemporary Art

Во моментот кога го посетив музејот, а и во моментот кога го пишувам текстов, покрај сталната изложба, во DOX се привремено исложени и фотографии од Václav Havel. Фотографиите се феноменални, и само ја потврдија мојата теорија дека Václav е (поточно, бил) неверојатен мангуп и пример за каков еден претседател треба да биде.

 

 

Зградата на музејот, сместена во мојот омилен дел од градот (Прага 7), изгледа прекрасно, со огромен дрвен цепелин кој лебди над неа и симпатично кафуле во неа.

 

 

Paralelni Polis

На само неколку метри од музејот DOX се наоѓа Paralelni Polis, совршениот кафич за секој гик. Основан од хакери / активисти, дел од познатата чешка Ztohoven group. Просториите, покрај убавиот кафич, служат и за одржување на настани за подигнување на свеста за интернет безбедността.

 

 

Кафето нема да можеш да го платиш со картичка, ама нема да може ни со кеш, затоа што единствена валидна валута во Paralelni Polis е Bitcoin. На самиот влез има машина на која ќе можеш да купиш Bitcoin кредит доколку веќе немаш (а немаш).

 

 

 

Beergeek

Искрено, не ме воодушеви местово, ама да речеме дека чувствувам притисок да напишам за бар едно место што служи пиво. Beergeek нема ништо заедничко со ниту еден друг чешки бар што досега си го видел. Чист е, мириса добро, можеш да го видиш тој што седи спроти тебе и нуди огромен избор на пиво, огромен. За тие што не сакаат да си замислуваат дека се наоѓаат во Прага 40 години порано од тоа што навистина е, ова е местото за вас.

 

 

 

Továrna

Továrna е напуштена фабрика која сега е простор каде се одржуваат настани од секаков тип. Ние бевме на божиќен базар, а можеби беше само базар, зашто кога ќе размислам подобро – не видов ништо божиќно. Отидовме зашто Kate требаше да направи неколку фотографии од pop up shop-от на книжарата Page Five. Фантазијата ме предаде, па не можев да смислам начин како да ги транспортирам дома прекрасните постери што Page Five ги продаваше. 

 

 

Се разбира, ако планираш да го посетиш Továrna, ќе мора да внимаваш да се случува нешто дента.

 

Comments

comments