Веќе една година се спремам да го напишам текстов.   

И сè уште не сум сигурна дека ова е добриот момент, но Диме инсистираше – луѓе се спремале за есенски шетања низ Европа, и вреди да ги слушнат работите за кои он веќе една година слуша. И навистина, повеќе нема никаква дилема дека кога ќе дојдат гости на посета на Варшава, точно знам каде да ги однесам.

Накратко, Варшава е еден од најпотценетите градови. Што од една страна е прилично фрустрирачки, но од друга добро – затоа што слично на мојата прва посета, моите гости кои слетуваат со ниски очекувања, ја напуштаат воодушевени и целосно заљубени. Но се разбира, градот е подеднакво прекрасен и за оние со високи очекувања.

Тешко е да се издвојат само неколку добри места, но вреди да се обидам зашто – доколку се најдеш на продолжен викенд во Варшава или барем на неколку часа пауза од патот накај Гдањск, пробај да посетиш бар една од овие неколку локации на кои јас упорно се враќам иако постојат уште мал милион места кои чекаат да ги проверам.

*Откако го напишав текстот се вратив нагоре за да додадам дека ова ќе биде најверојатно само првиот дел од препораките. Премногу добри места имам, а веќе ми снемува листови на фајлов.

 

Кровот на универзитетската библиотека

Најдобро за: Инстантно заљубување во Варшава

 

Кога Hugh Grant би снимил филм во Варшава, најдобрата сцена (онаа со добрата љубовна песна во позадина) ќе биде од тоа како чита книга на некоја од клупите во градината. Затоа што ова место со феноменален поглед над градот ќе те убеди конечно да ја дочиташ книгата што ја чуваш веќе неколку месеци на полица.

Ако добро се сеќавам, ова беше првото место што го посетив во Варшава и си помислив – „Ова е тоа, ова е местото на кое ќе се враќам секоја сабота наутро“. Се разбира дека не си го одржав ветувањето, многу саботи поминав на други локации, но дефинитивно се вратив многу пати.

 

 

Коперникус центарот за наука

Најдобро за: Музеј-гикови што уживаат во добар научен експеримент

 

Коперникус центарот, исто како и сите добри ствари е генерално наменет за деца. Сместен е во огромна, долга зграда исполнета со физички и хемиски експерименти за кои ти требаат најмалку 4 саати за убаво да ги поминеш. Од соба со бродови и подморници на кои можеш да тестираш правила од механика на флуди, прекрасен планетариум, театар на висок напон, па сè до простории посветени на различните начини на кои детективите истражуваат за убиства. Дефинитивно еден од најдобрите „музеи“ во кои сум била.  

 

 

Charlotte на pl. Zbawiciela

Најдобро за: Вино и француски закуски во 19ч во недела

 

Лажам, реално за секој ден во секое време е. Ама да, ако не си доволно гладна за да идеш во сериозен ресторан, од многу манијачење на французинки на инстаграм ти се пригрицка француско сирење и црвено вино, ова е местото на кое секогаш ќе се враќаш. Charlotte е прекрасно бистро секогаш полно со убави луѓе. А ако си расположена за нешто благо, нема да згрешиш со чизкејкот со бело чоколадо.

 

 

Cuda na kiju

Најдобро за: Пиво и пица на големиот „плоштад“ пред барот во петок вечер  

 

Одличен избор на добро пиво, буквално секакво какво што можеш да посакаш, и уште подобра пица. Секогаш има добра селекција на менито со пива на денот, а имаат и добри комбинации на пица и пиво што не треба да пропуштиш да го провериш. Пример, ако купиш две пици добиваш гратис 1 литар домашно вино.

„Дворот“ на барот функционира така што си земаш лежалка / столче и маса и си ги поставуваш каде сакаш на огромната ширина. Тоа го прави добар за викенд искачања кога градот е преполн, затоа што практично е невозможно да ти снема место за седење.

 

 

Pan tu nie stał

Најдобро за: Поклони за брат ти / другар ти / дечко ти што мораше да го оставиш да те чека во Македонија

 

Варшава, а и цела Полска, е преполна со мали добри продавнички (не само) за облека. Ова е една од моите омилени. Оригинално дечките се од Łódź, град познат по текстилната индустрија и сите парчиња им се феноменално издизајнирани и изработени. Особено добри им се маиците, па спреми се да најдеш по некоја за себе и за секој лик од твојот потесен круг.

 

 

Der elefant

Најдобро за: Морска храна или стек

 

Ова е дефинитивно најубавиот ресторан во кој некогаш сум била. Иако изгледа неверојатно скоцкано, Der Elefant има прекрасна храна за добри пари (ова значи – релативно евтини цени, особено за тоа што го добиваш). Хит од мени-то ми е оброкот со морски плодови, кој доаѓа или како за еден или во големина како за двајца и е комбинација на морски плодови на неколку спрата.

Не би рекла дека е ресторан за секој ден, прекрасен е, па секогаш го чувам за прославување на добар повод.

 

 

KREM

Најдобро за: Добар доручек во центар, а исклучен од гужвата

 

Во Krem прв пат бевме со Мери и Бане, па после продолжив да се враќам. Кафичот е прекрасен, мал и интимен со отворена кујна и добар избор на кул јадења и лимонади за доручек. Патем, кога сме кај тоа, Полска има ептен добра лимонада-култура, па каде и да седнеш можеш без гледање во менито да побараш од домашната лимонада. Ќе ти понудат најмалку три типа со различен вкус, со никој нема да згрешиш.

 

Comments

comments