Исланд е едно од оние места на кои се чини дека креативноста, желбата и потребата за создавање на квалитетна музика се генетски вродени. Делува како да постои потреба и обврска таа постојано да тлее и да се дообликува преку традицијата и културата на една ваква островска земја.

Останува дилемата дали причината за тоа е самата местоположба, опкруженоста со вулкани, Атланскиот океан (кој од лично искуство делува чудесно смирувачки и позитивно сонливо), или можеби има некоја тајна во продолжувањето на традицијата на скандинавската уметност, во експериментирањето, неразочарувањето на артистите кои веќе претходно многу добро му објасниле на светот што значи да црпиш креативност од овој студен остров.

Станува збор за едни нови генерации, за млада сила на скромни креативци, сè уште неафирмирани создавачи на звук кој дефинитивно зборува многу повеќе за нив отколку за нивната возраст.

Andri Már (саксафон, клавијатура), Margrét Rán (вокал, клавијатура, гитара) и Ólafur Alexander (гитара, бас) се Vök, бенд формиран во 2013 година во Рејкјавик, Исланд.

 

 

Vök е инди поп електронско трио, кое е резултат на дружењето на блиски пријатели, кои целиот свој живот го моделирале според желбата за создавање на музика. Тие случајно се пријавиле за учество во исландско Músiktilraunir (Battle of the bands) каде е и официјалниот почеток на оваа специфична музичка приказна.

 

 

Vök потекнуваат од малото гратче Hafnarfjordur, популарно познато како едно од најмистичните места во Исланд. Нивната музика е без дилема рефлексија на фолклорната мистериозност за скриените „елфови”, кои се дел од легендите и исландската митологијата (помисли на „Lord of The Rings”). Сонлива, експириментална електроника, совршен вокал и едноставно изведување под кое се крие огромна талентираност и музичка подготвеност.

 

 

Со оглед на тоа дека станува збор за релативно млад бенд, се чувствува дека звукот на Vök сè уште се развива, но начинот на нивното експериментирање несомнено кажува дека еден ден ќе прераснат во чисто генијален бенд. Доказ: 2 албуми до сега, Tension (2013) и Circles (2015).

Препорака за сите кои ги интересира што прави младата и креативна сила во Исланд и за оние љубителите на експерименталниот електро звук.

 

Comments

comments