Добрата работа кај ваквите трендови е што се менуваат баш во моментот кога ќе ти се смачи од нив.

Мене лично, Wabi Sabi ми се допаѓа многу повеќе од Hygge. Не затоа што не верувам во данскиот начин на уживање, напротив, благо сум опседната со сè Данско – од Ableskiver крофните и Flying Tiger, па до столиците на Arne Jacobsen.  

Но ако треба некој тренд да биде популарен до Hygge-степен, тогаш би го избрала Wabi Sabi.

Пред неколку месеци баш читав книга на темата, мислејќи дека е нешто што случајно сум го купила, за после некое време да дознаам дека всушност има капацитет да биде следното големо движење во светот.

 

Што е Wabi Sabi?

Накратко, Wabi Sabi е јапонска филозофија која зборува за убавината на несовршеноста. Оригинално се појавува во Кина и има корени во Зен Будизмот, а подоцна препраснува во јапонско движење, кое најчесто е поврзувано со традиционалните јапонски церемонии за чај.

Слично како Hygge, и Wabi Sabi не може да се преведе, но бар може лесно да се изговори. Зборот „Wabi“ некои го преведуваат како „рустикална едноставност“ или „потценета елеганција“ со фокус на идеологијата – „помалку е повеќе“. Додека пак зборот „Sabi“ значи „наоѓање на задоволство во несовршеноста“.  

 

Wabi Sabi е јапонска филозофија која зборува за убавината на несовршеноста

 

Убавината на грешките и несовршеноста е основата на оваа филозофија. Античките јапонски Шогуни и Императори верувале дека величањето и прифаќањето на несовршеноста ќе ги донесе еден чекор поблиску до просветлувањето. Во оваа филозофија се охрабрува почитувањето на природниот тек и стареење на нештата, како контраст на западната култура која го воздигнува новото и совршеното.  

Wabi Sabi знае дека стареењето е неизбежно и верува во неговата убавина, без разлика дали станува збор за предмет или за личност.

 

 

Wabi Sabi и Kintsugi

Еден важен дел и совршен пример за Wabi Sabi е задржувањето и поправањето на скршените и старите предмети преку техниката наречена Kintsugi. Во превод „златно спојување“, Kintsugi е форма на уметност во која пукнатините и поправањето на предметите се доживува како дел од нивната приказна и историја.

За разлика од западот каде моментот кога некој тањир или керамичка чаша ќе се скрши веднаш го фрламе, во Јапонија кршливите керамички и порцелански предмети се лепат и поправаат со користење на смола измешана со златен или сребрен прав. На овој начин пукнатините се поправени, предметот може да се користи, но неговите несовршености се истакнати.

 

Kintsugi (во превод „златно спојување“)

 

Kintsugi не се користи само за лепење на скршени работи. Некои јапонски уметници оставаат суптилни пукнатини при изработката на вазните и садовите, како потсетник за Wabi Sabi природата на животот.

Следниот пат кога ќе забележиш колекција на рачно изработени несовршени садови од глина, асиметрични чинии или вазни со неправилна форма – заблагодари му се на Wabi Sabi за влијанието.  

 

 

Wabi Sabi и церемониите за чај

Во јапонските церемонии за чај, керамичките садови кои често се користат имаат рустичен и едноставен изглед. Пример, Hagi садовите, со несиметрични форми, бои и текстури го истакнуваат едноставниот и нерафиниран изглед.

Ова може да се интерпретира како еден тип на Wabi Sabi естетика, кој понатаму се појачува со начинот на кој бојата на садовите обложени со стакло се менува со текот на времето бидејќи постојано врз нив се истура жешка вода (Sabi) и со фактот дека садовите за чај се често намерно пукнати или скршени на дното (Wabi), што е една од ознаките на Hagi-yaki стилот.

 

Hagi сад за чај

 

Се разбира, има многу, многу да се каже за Wabi Sabi, а целта на овој текст е само да ги сподели најосновните информации кои ќе служат како насока и мотивација за да прочиташ нешто повеќе за оваа неверојатна филозофија.

 

Comments

comments