Waves of Ambience #2 е годишна прослава на експериментални и амбиентални музички медитации, како мал „DIY“ фестивал организиран од www.ampeff.com.

Фестивалот ќе се одржи на две локации во Скопје, почнувајќи на 14-ти февруари во Ла Кања, и две вечери во Социјалниот центар Дуња на 16-ти и на 17-ти февруари, со артисти од Македонија и од Малта.

Најавените изведувачи за оваа година се Amplidyne Effect, Vedis, Likvidator, Robert Farrugia, Post Global Trio, Brotherhood of Dada и квартетот Омерагиќ / Георгиевски / Спировски / Мартиновски.

Во продолжение можете да ја погледнете деталната програма на фестивалот.

 

14 февруари (четврток) во Ла Кања
Почеток: 21.00 часот

Vedis [Скопје, MK] (DJ SET)
Vedis-holy spirit of the forest е синематичен амбиентален проект на Klara, мултимедијален артист од Скопје која на електронската музичка сцена работи како продуцент, диџеј, вокалист и live изведувач. Vedis како проект егзистира од март 2017 година и цели кон трансмисија на разни искуства и приказни инспирирани од природата, космичките сили и од ведските списи преку: звук, вибрација и фреквенција. Нејзиниот звук може да се опише како длабок, сензационален, меланхоличен и спиритуален.

Amplidyne Effect [Скопје, MK] (DJ SET)
Amplidyne Effect e мултимедиjален проект изведен од продуцентот, музичар и графички дизајнер Мартин Георгиевски. Заземајќи форма на импровизиран музички проект, а под влијаније на експерименталниот/психоделичен спектар на звуци како drone, noise, ambient, contemporary minimalism па се до пост-рок, краут рок и IDM елементи, тој својата инспирација ја црпи од: уметноста, музиката, филмот, природата и самата технологија.

Likvidator [Скопје, MK] (DJ SET)
Likvidator е уметничкото име на продуцентот Андријан Апостолоски од Скопје. Неговата музика може да се опише во јадрото како индустриски dub со мрачни дисориентирачки пејсажи, инспирирани од ритамот на трип-хопот со доза неправилности и мрачен амбиент во најдлабоките подрачја на звучниот спектар.

 

 

16 февруари (сабота) во Социјален центар Дуња
Почеток: 20.00 часот

Robert Farrugia [Моста, Малта] (LIVE)
Robert Farrugia е амбиентален, експериментален и неокласичен артист од Малта кој има издавано за музички етикети како „Assembly Field“, „Whitelabrecs“ и со поново издание за шпанската етикета „Archives”. Иако неговите поранешни изданија се базирани на експериментален гитарски звук, Robert е класично образован пијанист и се фокусира на пијано записи од 2013 година. Како негови главни влијанија ги има цитирано артистите Olafur Arnalds, Stars of the Lid и Taylor Deupree. Музиката на Роберт обично започнува со мали мотиви кои се поставени во главно импровизациски пристап.

Post Global Trio [Скопје + Битола, МК] (LIVE)
Post Global Trio е проект меѓу Тони Димитров, Димитар Додовски и Мартин Георгиевски, настанат како континуитет на одредена комуникација, соработка и пред се нужност за развивање на одредена сцена. Mузиката на Post Global Trio е сочинета од теренски снимки, суптилни делници, текстури и незабележливи репетитивни ритми кои резонираат некаде помеѓу апстракцијата и нарацијата, оставајќи те без здив со својот звучен тек.

 

17 февруари во Социјален центар Дуња
Почеток: 20.00 часот

Brotherhood of Dada [Скопје, MK] (LIVE)
Brotherhood of Dada е музички проект без константна постава.
Под тоа име до сега имаат објавено само еден музички колаж со наслов Sekai, достапен на YouTube. Исток Ј. Улчар е наводно писател и сигурно сечач, лепач имонтирач на звучни колажи.

Омерагиќ + Георгиевски + Спировски + Мартиновски [Скопје, МК] (LIVE)
Импровизаторски експериментален квартет помеѓу Дени Омерагиќ (Контрабас), Нинослав Спировски (Кларинет, Саксофон), Мартин Георгиевски (Електроника, Гитара) и Владимир Мартиновски (Тамбура, Кавал, Удиралки).

Влезот на сите настани е со донација за артистите.

 

Comments

comments