По деценија пауза и една година активна работа, овој луциден и талентиран трол спреми нова серија.

Првата сезона на „Who is America“ има 7 епизоди и како што самиот наслов кажува, пробува да покаже кој е Америка денес, кој ја владее и какви профили го сочинуваат нејзиниот лик. А бидејќи ова се времиња во кои сите сме „обединети“ преку американскиот конзумеризам и глобализам, серијата не кажува само кој е кој во САД, туку е релевантна и за нас тука.

Овојпат, Sasha Baron Cohen си игра со 5 карактери, сите на различни страни од социјално-политичкиот пејсаж. Billy Wayne Ruddick Jr. е десничар кој се обидува да ги разоткрие „конспирациите“ (како онаа дека Obamacare го „разболела“, затоа што му овозможила да отиде на доктор каде му дијагностицирале дијабетес, а претходно кога не одел на лекар бил баш здрав). Потоа ја имаме неговата спротивност, убер либералниот хипстер-левичар-активист-за-сѐ, Dr. Nira Cain-N’degeocello, кој се извинува за тоа што е хетеро маж. Двајца од карактерите се „уметници“. Едниот е Ricky Sherman, бивш затвореник кој создава уметност од измет и срамни влакни, а другиот е Gio Monaldi, милијардер кој е моден фотограф. Секоја епизода завршува со израелскиот експерт за контра-тероризам, Erran Morad.

 

 

Карактерите можеби не се хистерично смешни како Ali G или Borat, но затоа имаат една друга тежина. Сепак, од Ali G до денес, светот се промени многу. Така, Cohen на почетокот од милениумот тераше важни личности да разговараат со „идиот“ како Ali G и им ја тестираше толеранцијата со Borat.

Концептот беше да ги руши социјалните норми и да ги гледа реакциите на „големците“ додека им кажува бизарни и недолични работи. Но деценија и пол подоцна, многу од нормите се срушени, и тоа токму од политичарите кои често зборуваат и се однесуваат бизарно и недолично. Тешко е да приредиш скандал кога претседател е скандал-мајстор како Трамп. Границата на она што е шокантно е многу повишена, а лажното претставување веќе не е толку возбудливо кога секоја втора вест е лажна. Затоа, „Who is America“ не е толку урнебесно смешна, но е одличен пресек на светот денес, поискрен и попрецизен од било кој медиум.

Да не се разбереме погрешно, серијата е интелигентно духовита и полна изненадувања. Sasha Baron Cohen и овој пат се покажа како одличен изведувач и пишувач. Актерските трансформации од карактер до карактер се многу вешти, а сценариото преполни мајсторски игри со зборови. Финишот на секоја епизода, со контра-терористот Erran Morrad, е најмоќниот момент на серијата и делот каде што се гледа сета генијалност на Cohen.

Сепак, не можам да речам дека „Who is America“ e само комична, ниту тоа треба да ви биде главното очекување од серијата. Да, дефинитивно ќе ве заболат стомачни мускули од смеење, ама ќе ви се згрчи и стомакот од непријатност и неверување. Има многу реалност во целата таа надреалност. Реалност која не сакаме да (си признаеме дека) постои. Реалност која мислиме дека е претерување. А не е.

Да, светот се промени многу од времето на Ali G. Сега нема веќе потреба тој да прави кловн пред фините големци. Сега сѐ е циркуз. Фала ти Cohen што умееш да нѐ насмееш додека ни покажуваш колку сме отидени во бестрага.

 

Оцена
4.5Оцена
Reader Rating 1 Vote

Comments

comments