„Црната боја е скромна и арогантна истовремено. Црната е мрзлива и лесна – но мистериозна. Но повеќе од сè, црната боја вели: Не ме закачај и нема да те закачам“ – Yohji Yamamoto.

Пред некој ден, Adidas и Alexander Wang ја претставија својата заедничка колекција со што ја официјализираа нивната соработка. Скролајќи низ сликите, ми текна на една постара приказна, а моја омилена: Adidas и Yohji Yamamoto.

Ако не сте чуле за него или не ви текнува, еве прилика да дознаете малку повеќе. За Yohji прв пат слушнав во 2011, кога Adidas станаа погласни за соработката која започнала 10 години порано, во 2001. Тогаш е направен брендот за спортска опрема и патики Y-3 (Y e за Yohji, 3 е за трите ленти на Adidas ❤️). Оваа комбинација ја доживеав како поразлична од три причини:

(1) Емотивната поврзаност што ја имам(е) со трите линии;
(2) Карактерот на Yohji. Неговиот шарм, присебност и скромност;
(3) Ставот за женската мода и начинот на кој тој се справил со кризата во кариерата.

 

y3-1

Y-3 (Есен 2016)

 

„Не сум заинтересиран општо за мода, заинтересиран сум за тоа како се сече облеката“ – Yohji Yamamoto.

Ретко се наоѓа скромност во индустрија полна со его и ретко има некој кој има визија како неговата, па ме убеди да прочитам нешто повеќе за Yohji. Роден е во Токио, има 72 години и 40 годишно искуство како дизајнер (мора да е од рибата) и од тоа што успеав да склопам, шо би рекол другар ми Бошко, Yohji e Based God. Го сметаат за легенда во модата, познат е по авангардниот крој, бегањето од моменталните трендови и дизајнира строго во монохроматски бои што можеби се должи на трагичните настани во неговиот живот и неговата мрачна природа.

Особено впечатливи се неговите ставови за женската мода. Во ова две и пол минутно видео од Nowness, замотан во чадот од цигарите, збори најспоро на свет „еден збор еден Алтан“. Раскажува како неговите жени клиенти сакале да бидат многу женствени, секси, практично како кукли, и колку го мразел тоа. Збори за тоа како му пречело кога нивните партнери плаќале за облеката, а на крај завршува со „I couldn’t stand design bitches clothing“.

Слично на Kawakubo од Comme des Garçons, чија силуета немала никаква намера да го спакува женското тело за да заведува, Yohji ја преиспитува естетиката на женската фигура. Патем, тие двајца во младоста биле пар и заедно ја претставуваат новата генерација на јапонски дизајн во раните осумдесети, за прв пат во Париз.

 

y3-2

Y-3 (Есен 2016)

 

Соработката со Adidas се случила во време кога тој го губел ентузијазмот за работа и се изморил од дизајнирање фенси облека, па инспирацијата ја барал по улиците на Њујорк, Париз и Токио, кога почнал да приметува колку луѓе постојано трчаат наоколу. Време е да се грижиме за телото, им се јавил и им рекол „Сакам да работам со вашата компанија“.

Така започнува Y-3, кое има за цел да понуди спортско-елегантна комбинација, за која тој вели дека е исклучително комплициранa. Yohji ги сака екстремите, од една страна го интересираат носталгични и елеганти аутфити за мажи и жени, а од друга има „футуристички начин на рамислување“ и сака да дизајнира облека за патување во вселената.

 

Y-3 (Есен 2016)

 

На крајот, така стар, многу сталожен, самокритичен и особено симпатичен, Yohji кажува колку му е удобно да е во сенка. „Ќе продолжам да си ја вршам должноста, секоја сезона, секој момент. Мојот сон е да се струполам додека работам“.

 

Comments

comments