После повеќе од 5 години на секојдневно растење, созревање, страв од времето и од дваесетите кои летаат како денови од годишен одмор, стигна и моментот кога треба да се збогувам од Девојките (Girls).

Неконвенционални и посебни како секогаш, Hannah, Jessa, Marnie и Shoshanna беа девојки кои своите несовршености ги ставија на пиедестал, жени кои на сатиричен начин се потсмеваа со своите недостатоци. Оние апсурдни ситуации, онаа голотија и слобода пред камера која на почетокот беше неприфатлива и шок за гледачите, до крајот на серијата стана нешто најнормално и тотално кул.

Додека светот беше навикнат да гледа фотошоп, среќни краеви, згодни задници, успешни кариери и многу пари, Girls постави едни сосема други стандарди. Всушност, Девојките ни ја покажаа реалноста разговарајќи за многу суштински прашања. И очигледно од почетокот тоа беше тешко за голтање, затоа што тие агресивно ги потенцираа сите нивни лоши страни, а нели секој сака за момент да застане пред телевизор и да заборави на комплексите. Епа овие девојки можеби не му го дадоа од старт тоа задоволство на гледачот, но на истиот му ги отворија видиците и сетилата, му дадоа храброст да се сака себе ти таков каков што е и после завршувањето на епизодата.

Понекогаш се идентификувате со нив, понекогаш и не, а тоа и најмалку им е важно на оние кои ја создадоа серијата. Затоа што дефинитивно никој не се обиде да се наметне како нечиј идол и слично. Hannah беше анкциозна и себична, Jessa боемка со многу пороци и завидувачки слободен дух, Shoshanna во сериозна борба со самата себе и сосема погрешни ставови за тоа што е успех, а Marnie опасно наивна и најлојална другарка. Едноставно не може да ти се идоли, а не ни треба да ти бидат. Филмот и уметноста постојат за да ти направат убаво чувство, но и да ти го отворат умот. Да те едуцираат, да те натераат да размислиш и да извадиш нешто подобро од себе. Да те потсетат дека не си сам, наместо да те залажуваат.

Авторката на оваа серија и главниот лик во истата Hannah (Lena Dunham) им докажа на сите оние кои и се потсмеваа дека и покрај нивните предрасуди таа нема да се откаже од целта и до крајот на серијата ќе ги натера гледачите да не им биде главна тема нејзиниот целулит и неиздепилирани пазуви.

Овие девоjки се храбри и слободни, девојки кои зборуваа за феминизмот, ја актуелизираа женската сексуалност, ги скршија табуата и се потсмеваа со стереоптипите. Пет работи кои мене ме асоцираат на Girls се: Слобода, грешки, сексуалност, соочување со реалност и младост.

Не сакав да оставам да се збогувам само преку моето доживување, затоа што мислам дека ни Hannah не би го сакала тоа. Па затоа замолив неколку прекрасни девојки да ми кажат што они мислат за Girls, преку одговарање две прашања. Наидов на различни одговори, негативни и позитивни, но едно нешто за што се согласивме сите се два збора: слобода и реализам.

 

 

Кристина Леловац

Зошто треба да ги гледаш Girls?

За да ти станат јасни барем дел од постапките и изборите што си ги направила во последниве години, за да прифатиш дека постојат еден куп различни женски тела и дека секое кога е голо е убаво и секси, за да помислиш дека можда треба да престанеш да се согласуваш на бесмислени пријателства, исцрпувачи врски и омаловажувачки секс, за да прифатиш дека неуспесите се составен дел на созревањето. И секако, зашто без Elijah и Shoshanna во животот, потешко се живее!

 

Кои се 5-те зборови кои те асоцираат на Girls?

Може 6? „I’m a woman, hear me roar!“

 

 

Катарина Величковска

Зошто треба да ги гледаш Girls?

Girls ми беше предложена како серија која автентично ги третира проблемите, па затоа решив да го занемарам грозното чувство што го добив уште после првите неколку епизоди и изненадувачки заокружив цели две сезони. Зошто немам пофални зборови за серијата? Прво, не успеав да засакам или барем да се прврзам за ниеден лик, дури напротив, секој ми беше засебно одбивен. Да, целата смисла е да се соочиме со различни карактери, секој збунет и чуден на свој начин, но крајноста во која тие се движат ми беше наполно бесмислена.

Се согласувам дека стереотипите за женска убавина се далеку од надминати, но можеби треба нешто повеќе од само простачко инаетење за тоа да продолжи да се актуелизира. За време на тие две сезони немав прилика да слушнам еден убав дискурс од лутата режисерка која сама го моделира својот лик. Ништо повеќе од блуткави и излитени фрази, бунтовничко однесување и барање писателски права за кои дури ни на гледачите (so far) не им докажа дека ги заслужува. 

Втората работа која не ме задржа беше апсолутното отсуство на искреност меѓу сите ликови. Не спрема самите себе, без тоа самиот заплет би бил невозможен, но онаа искреност со пријатели. И трета, и веројатно најсубјективна причина зашто престанав да ги гледам Girls, е затоа што ја доживувам како пренагласена слика на една многу груба реалност.

 

Кои се 5-те зборови кои те асоцираат на Girls?

Приземје, фасада, отуѓеност, пиштење, мит.

 

 

Изабела Андонова

Зошто треба да ги гледаш Girls?

Затоа што Girls претставува отпор кон конвенционалната ТВ естетика и многу сериозно, на несериозен начин, ги разработува меѓучовечките односи во пост-адолесцентниот период. Главните ликови се толку егоцентрични и апатични што му даваат порив на гледачот да развие повисоко ниво на емпатија и несебичност. Најважно, серијата е многу смешна.

 

Кои се 5-те зборови кои те асоцираат на Girls?

Растење, возбуда, убавина, апатија и немарност

 

 

Ивана Павлаковиќ

Зошто треба да ги гледаш Girls?

Girls треба да гледаш за да се смееш до зајдување, да си поплачеш тивко, да ја прифатиш реалноста каква и да е и да си се пронајдеш во многу ситуации кои тебе лично ти се случиле и на моменти си ги преќутела, а после 2 пијачки си ги коментирала со твојата екипа чурки и си викала ете, ете – истото ми се деси.

 

Кои се 5-те зборови кои те асоцираат на Girls?

Чурки, другарство, сурова вистина, љубов на астал, слобода на духот.

 

 

Горица Наџинска

Зошто треба да ги гледаш Girls?

Затоа што девојките се реални.

Затоа што те тераат да смееш на работи кои се болни во животот.

Затоа што отвораат важни прашања и

Затоа што хуморот е одличен!

Затоа што можеш да се пронајдеш во некој од ликовите на Лена и да се чувствуваш помалку осамено.

 

Кои се 5-те зборови кои те асоцираат на Girls?

Њујорк, Другарки, Дечковци, Врски и Jessa.

 

 

Ања Макеска

Зошто треба да ги гледаш Girls?

Затоа што Girls го прикажува патувањето од 20-ка до 30-ка онакво какво што навистина е – една неславна борба полна со разочарување.

 

Кои се 5-те зборови кои те асоцираат на Girls?

Духовитост, реално пријателство, скршени срца, awkward секс, одличен кастинг

 

 

Горјана Јордановска

Зошто треба да ги гледаш Girls?

Girls треба да ги гледаш зашто допираат теми кои се актуелни за младата генерација и затоа што генерално станува збор за серијата снимена на еден многу неформален и „алтернативен“ начин (во однос на Сексот и градот).

 

Кои се 5-те зборови кои те асоцираат на Girls?

Духовитост, жени, Њујорк, современост, другарство.

 

 

Наташа Петровска

Зошто треба да ги гледаш Girls?

За сите ние кои го фативме Сексот и градот, ама бевме премногу мали за да го живееме тој филм, Girls ни се погоди во вистинско време. Четири жени во Њујорк, четири животни приказни, но овој пат раскажани на многу пореален начин, или како што би кажала јас – на многу подлабок начин. Girls е серија за секоја девојка која се наоѓа на некаква животна раскрсница, за сите оние на кои им треба искачувањето на последната скала за да станат нешто што потајно го посакуваат.

Во најмала рака, сите ние кои израснавме со серијава, на крај заедно со Хана станавме жени! Girls ја опишува најдлабокота женска психологија во своето постоење, со сета своја убавина и проклетија во исто време. Серијата ќе ви помогне да се себеоткриете во сегменти кои никогаш не сте ни знаеле дека постојат. За крај, ја препорачувам на сите кои сакаат да го перцепираат светот од малку поинакви агли.

 

Кои се 5-те зборови кои те асоцираат на Girls?

Џеса, пријателство, дијалози, младост, себеспознавање.

 

Comments

comments