Живееме во ера на фестивали. Ок, барем ние, младите 🙂

Ротирајќи околу сопствената оска, во постојан обид да им доскокне (или да ги предизвика) на промените, музичката индустрија не убеди дека фестивалите се хип моментот на современото уживање во популарната музичка култура. Ова особено важи за летните open air збиднувања, кои привлекуваат милиони млади, па и не толку млади луѓе, ширум светот.

Како големи вљубеници во се што е светкаво, дотерано и модерно, така и ние Македонците практикуваме фестивали. Малата бројка на население, отсуството на музичка индустрија (па донекаде и култура), сиромаштијата (како финансиска, така и духовна) и дегутантната естрадизација на институциите кои би требале да се занимаваат со култура, воопшто не помагаат во приказната. Сепак, голема среќа е што љубовта кон музиката, ентузијазмот и водството на Младинскиот Културен Центар Скопје, се на страната на доброто и прогресот, па летното македонско фестивалско лудило може да почне.

Тоа прекрасно лудило во кое младите луѓе и квалитетните бендови имаат централна улога, веќе 7ма година по ред, започнува со фестивалот Здраво Млади, организиран од споменатиот МКЦ, а куриран од господинот Владица Младеновски, во македонските алтернативни кругови познат како Грга. Позитивна аура, бујна брада и добро расположение кое веднаш се препознава во неговите куси, но содржајни одговори кои би изгледале некако вака:

 

Slowdive ќе бидат на Здраво Млади 2017

 

Каква е атмосферата во тимот пред 7мото издание на Здраво Млади и дали се тече според планот?

Се спремаме, решаваме детали, добри сме.

 

Најголемиот број инди ориентирани ликови се логично напалени на Slowdive. Ај откриј ни некој од бендовите гости оваа година што е топ, а ние сè уште не сме сфатиле. На што да обрнеме внимание?

Kreidler, King Khan And The Shrines, Kite Base, K-X-P, The Underground Youth, Tapan, 33.10.3402, Demek, Wo0.

 

За 7 години постоење, Здраво Млади успеа да изгради јасен идентитет. Оние кои знаат – знаат, за оние кои не знаат, дали би можел да ни дадеш мал сублимат за она што овој фестивал го претставува?

Поднасловот на Здраво Млади е „фестивал на нова музика“.

 

Колку далеку гледа Здраво Млади во иднината?

Подалеку од времето потребно да се распадне во почва пластична чаша од кафе.

 

Преградениот простор пред МКЦ (оваа година на тревникот помеѓу МКЦ, МАНУ, МРТВ и Судовите) е јасен знак дека летото е во градот, а со него и некои извонредни бендови кои досега само сте сонувале да ги послушате/погледнете во живо.

 

Bernays Propaganda на Здраво Млади 2015

 

Знаете, една од главните карактеристики на Здраво Млади е дека носи свежи, интересни алтернативни бендови од сосем различен тип, без да игра на „сигурна карта” и бескрајно повторување на оние кои „работат”, нешто што е сосем нормално за македонските фестивалски организации. Токму тоа е силата на овој фестивал и тука тој ја добива несебичната поддршка од сите чинители на нашата мала алтернативна сцена.

Наканата да се изненади публиката, да се биде поинаков, е авантуризам што ретко кој си го дозволува во нашава цинично-примитивна средина. Тешка е таа борба, но ако се има јасна културно индуцирана визија и малку институционален „грб”, се е можно, па дури и во Македонија.

Седум години постоење е доказ дека Здраво Млади е на добар пат и се надевам има доволно цврсти темели да продолжи понатаму со извонредната работа која ја врши за сите нас, гладници за квалитетна културна (музичка) дразба.

Lee Ranaldo, Moon Duo, Legijata, Bernays Propaganda, Prinzhorn Dance School, !!! (Chk, Chk, Chk,), The John, China Woman, Girls Names, Matias Aguayo, Bomb The Bass… се само мал дел од имињата кои настапиле на овој веќе реномиран фестивал.

Нема да наидете на друг фестивал кој оди во овие правци и останува на линијата, без застранување во нешто полесно за промоција, или #недајбоже за продавање повеќе карти.

Здраво Млади нема намера да расте во безумен квантитет и да стане машина за правење пари. Неговата намера е јасна: топ свежа понуда за најпребирливата македонска алтернативна публика. Така и оваа година, на 10 јуни (колку убав датум), ќе имаме можност да погледнеме мошне интересна музичка селекција:

Slowdive се вистински легенди за генерациите кои растеа со инди музика на крајот на 80тите и во 90тите (вклучувајќи го радосно и авторот на овој текст). Бенд кој со сета своја прекраснотија е вграден во темелите на она што подоцна ќе стане популарно како Shoegaze.

King Khan & The Shrines, хиперсексуален гараж-панк од Канада виа Берлин.

 

King Khan & The Shrines ќе бидат на Здраво Млади 2017

 

Katie Base класичен инди став и песна врз електронски ритам.

The Underground Youth, манчестерски психоделичен пост-панк бенд, кој е најтопло препорачан да се види во живо.

K-X-P се електронска, транс-рок-фри џез атракција од Финска, која се карактеризира со костимиран и неверојатно енергичен жив настап.

Kreidler, еклектична дистописка авантура.

Tapan доаѓа од Белград и е нетипичен техно/електронски бенд, кој синтетизира ориентализам и џез импровизации.

Demek е скопско, пост-пост комбо, кое се одликува по мешање на различни жанрови и тоа не само од музички карактер. Вистинска пост-колонијална егзотика.

WoO невозможно за стилска определба, тие носат таг на обскурно среќна музика.

33.10.3402 е белградски изведувач на окултни модуларни сонични колажи.

Драг мој читателу, претпоставувам дека си интелигентен млад човек, подготвен за дружење и музичка авантура. Покажи дека во исто време си одговорен и далековид, барем онолку колку што си млад и убав, и веднаш, ама ВЕДНАШ купи си карта за Здраво Млади и биди дел од скопското соѕвездие есенцијални настани. Се е можно, дури и во Македонија.

 

Comments

comments