21 век. Буквално секој Македонец е јавна личност.

Поттикнат од неверојатната моќ на ready made манекенскиот изглед на Instagram и магијата на летните фотографии на Facebook; инспириран од опцијата за сосем неодговорна анонимност на Twitter; современиот Македонец/ка има изградено високо профилиран естетски имиџ, на кој единствено адекватен му е цврстиот став од кој не отстапува во никој случај.

Во тој волшебен свет на два милиони мега ѕвезди со доминантен философски поглед на нештата, навистина е тешко да се формира политичка, забавна, или не дај боже културна понуда, која би можела да задоволи така префинето битие. Како Македонецот. Еден од годишните настани кои сериозно се обидуваат да им доскокнат на тие софистицирани и продлабочени потреби на Македонците, е фестивалот Здраво Млади.

Осма година по ред, упорно и непоколебливо, во организација на водечката културна институција во Македонија, а куриран од господинот Владица Младеновски – Грга, фестивалот се обидува да одговори на прашањето: „Што е тоа нова, модерна музика?“.

Се чини, оваа година се многу блиску до совршениот одговор на нивната благородна заложба, а одговорот на прашањето е всушност едноставен: „Тоа е музика за млади“. Излегува дека решението цело време било тука на дофат, а се содржело во името на фестивалот.

Супер име, кое јасно повикува на ревитализација и комуникација помеѓу генерациите, што многу лесно може да излезе како решение за сите проблеми во општеството. Без да отидам предалеку во мојата (се разбира македонска) преголема мудрост, ќе спомнам само уште дека овогодишната програма делува особено свежо, токму поради фактот дека избраните бендови се вистински миленици на помладата публика.

 

 

Cigarettes After Sex е главната причина зошто оваа година билетите за Здраво Млади летаат однапред со вртоглава брзина. Да драг мој читателу, летаат, па побрзај купи карта, да не биде после квази-интелектуално цимолење околу повредената македонска-супер стар суета по социјалните мрежи. Амбиент поп бенд од El Paso, Texas (USA), со етеричен сонлив звучен ефект, лирика посветена на романса и љубов, андроген вокал. Совршен магнет за современата млада генерација, која очигледно ги кристализирала своите потреби: љубов, страст, слобода. Е тоа е нешто ново!

Wooden Shjips се од San Francisco. Повторно американски бенд. Знаеме сите дека ние и Америка сме г’с и гаќи во последно време. Експериментален рок, психоделија, дрон. Повторно надоле. Сега тоа е модерно. Надоле е новото нагоре. Прашајте ги клинците ако не ви е јасно.

Repetitor се гласни, нервозни и добро познати на нашата публика. Кој друг е гласен и нервозен? Ќе речете клинците. Не! Сите македонци се гласни и нервозни, затоа Repetitor од Белград се ужасно популарни не само кај нас, туку на целиот Балкан.

 

 

Младите обожаваат трап (new wave), а за тој дел од потребите ќе се погрижат домашните Donplaya и Bon Praskiza. Одличен потег на организаторот. Ако сè уште не сте сфатиле која е фората со трапот, крајно е време да се вклучите, инаку чао чао на буништето на историјата.

Скопските Palindrom се мојот персонален фаворит на овој список. Полни со неверојатна количина младешка енергија и желба за свирење, ќе бидат вистински локален украс на овој сјаен line up, кој има уште неколку имиња (Eric Copeland, Flohio, Dj Fitz, Ogie X Petr, Druggy), дефинитивно вредни за вашето ценето внимание. Затоа потрчајте и набавете билет додека има.

 

 

Со Blanck Mass, сонично повторно одиме надолу (сетете се: доле е новото горе), со тоа што тие користат електроника. Доаѓате и слушате без коментар, англичани се тоа, прецизно знаат што прават уште од 15тиот век. Camera се од Берлин, а со себе го носат звукот наречен краут рок, кој Германија така несебично и го подари на светската поп култура. Баш сега ги проверив на Youtube, стварно се супер.

ПС. Апелирам да обрнете сериозно внимание на театарската претстава Црнила Ремикс во режија на нашиот актер-првенец (сега и режисер), господинот Јордан Симонов. Да, ќе има и театарска претстава, цела со рапување. Не сте гледале нешто такво досега? Се разбира дека не сте. Еве сега да гледате. Исто така утрото на 1 септември, со почеток во 12:00 часот, ќе има и јуниор Здраво Млади програма, со настап на атрактивниот 5+ Бенд. Донесете ги вашите клинци. Оние од 1 метар.

За крај, Здраво Млади, Убави и Паметни е фантастичен фестивал кој обединува (минимум) три генерации. Еден од најубавите, најхуманите и најнапредни настани во земјава. Македонија. Да си го сакаме и посетуваме.

 

Comments

comments