Рап, Трап, Нов Бран… можете да го нарекувате како сакате најактуелниот дериват на Хип-Хопот, несомнено тоа е доминантната поп музика на денешницата во светски, но и наши, локални размери.

Модерна, брза, индивидуална, технолошки издржана духовна размена, која може да се аплицира во секое маало, буквално пред секој влез, или стан од било која зграда било каде и секој да има автентичен израз и да биде успешен, доколку доволно интелигентно ја раскажува својата приказна.

Македонскиот Хип Хоп промисленд започна со крајно сериозната реторика на Чиста Околина и САФ; уште повисоко ниво му дадоа Легијата и Токсикологија, како доминантни формации по квалитет, квантитет и влијание; за потоа да се случи неконтролирана, но посакувана експанзија во сите скопски/македонски маала, па да ги добиеме денешниве деца, најновата генерација која полека но сигурно почнува да доминира со етерот.

Ми се допаѓа новата генерација. Суверено владејат со изразот, без да изгубат ни тронка од ивицата која во аманет им ја оставија постарите. Амбициозни се продукциски, но и визуелно, што јасно говори за сериозната намера да се наметнат, во што и успеваат.

Reborn песната за месец март дојде од ултра успешната/ултра провокативна битолска трап банда (Принцес Донатсу, Бон Праскиза и маестралниот Дон Плеја) и буквално растури на Youtube, но и сериозно социолошки прочепка низ главите на темпераментните скопјанчиња. Песната за овој месец пак, е резултат на најфината скопска урбана хип хоп глазура. ZeeBomb се ужасно млади господа, кои ги запознавме како дел од опкружувањето на веќе популарниот Matej Foltz, а нивната најнова песна Лаганини просто разоружува со прекрасна спонтаност и што е најважно позитивен животен дискурс.

 

View this post on Instagram

SOON! 💣

A post shared by ZeeBomb (@zeebomb_31) on

 

Инспиративен е секојдневниот скопски живот, кој овие деца го делат со уште неколку стотици илјади души во овој отровен град, па сепак, за разлика од многумина, кај нив, ведрината на духот и еволутивната способност да се прилагодат ги издвојува од масата. Она што најмногу плени кај оваа екипа е нивната подготвеност да се соочат со секојдневните проблеми без горчина и мрак, туку со чиста душа, извлекувајќи го најдоброто од дадената ситуација. Вистински водич за фини деца низ градскиот живот. Навистина годи отсуството на потреба да се истакнува поседот на скапи автомобили, скапи патики, пари, жени и дроги… нешто што до тешка баналност го донесоа огромен број современи т/рапери, кои преку потенцирањето на скапи нешта, всушност јасно кажуваат што им недостига. ZeeBomb користи супер вајби игрив ритам, за да ни претстави идентично таков однос кон животот, вистински win-win за нивната генерација, но и за поискусната екипа од која доби искрено одобрување во само пар недели, колку што оваа песна виси на Tube.

Голема победа за ведрината и едноставноста на скопскиот урбан дух и супер основа за развој на кариерата на уште едни супер-автентични дечки од нашиот крај.

 

Comments

comments