За некои чудесен лек, за други наркотик.

Канабисот е билка присутна и користена од дамнина, а последниве децении сѐ почесто дел од јавниот дискурс. Голем е бројот на луѓето ширум светот кои тврдат дека своето здравје и поквалитетен живот го должат токму на маслото од канабис. Тоа е и причината истото да биде декриминализирано и користено во медицински цели во повеќе земји.

„Зелена алтернативна“ е здружение на граѓани кое во Македонија се обидува да ги едуцира граѓаните и стручната јавност за оваа супстанца и да донесе системски промени на темата. Разговаравме со Филип Достовски, основач на здружението, кој со помош на ова масло има победено сериозна болест и кој заедно со своите соборци работи на рушење на митовите и табуата за канабисот.

Интервјуто го правевме изминатиот период, а денес Филип го очекува судење во Основниот суд 1 поради поседување на канабис. Како реакција, „Зелена Алтернатива“ во 10.00 часот организираше мирен протест пред оваа институција. Велат дека овој собир е за негова поддршка, но и против законот кој ги третира пациентите, корисници на канабис, како криминалци. Велат дека овој собир е за негова поддршка, но и против законот кој ги третира пациентите, корисници на канабис, како криминалци.

Денес, исто така, е и роденден на Филип. Искрено му го честитаме и се надеваме дека правдата нема да биде слепа и дека ќе може да продолжи со својот активизам.

 

Како започна „Зелена алтернатива“, со колкумина и кои ви беа првите активности?

„Зелена Алтернатива“ официјално се формираше во 2014 година, како здружение на граѓани. На ова му претходеа неколку години функционирање неофицијално на терен и директна работа со болни лица.

 

„Зелена алтернатива“ е активен учесник во законските регулативи поврзани со канабисот и продолжува да работи на темата. Кое е вашето мислење за моменталната состојба во Македонија по ова прашање, кои се главните пречки и недостатоци?

Македонија во моментов е лидер по прашање на употреба на канабисот во медицински цели на просторите на Балканскиот Полуостров.

Но имаме чувство дека иако првично иницијативата уживаше брз позитивен раст, моментално како да е во фаза на стагнација. Сепак, сме оптимисти дека ова е само привремена состојба и дека процесот набрзо непречено ќе продолжи кон своето целосно остварување.

 

На македонскиот пазар веќе има легално достапно масло од канабис, а докторите имаат дозвола да го препишуваат. Колку ова во реалноста функционира? Сметате дека нашите доктори се доволно отворени и едуцирани за ваквиот третман?

Досегашните искуства на голем број на членови на групата на Зелена Алтернатива на Facebook ни говорат дека многу мал број на лекари го прават тоа, или го прават кога веќе ги имаат исцрпено сите можности кои им ги нуди конвенционалната медицина. За жал, пациентите немаат право на избор кога е во прашање препишувањето на екстракт од канабис, што несомнено може да биде погубно во голем број на случаи.

Друг проблем е тоа што, дури и ако постои расположеност кај лекарите да препишат екстракт од канабис со висок процент на ТХЦ, во моментов не постои голем избор на производи, што се надеваме дека во иднина ќе се промени под притисок на нашето здружение, пациентите и јавноста.

Во однос на отвореноста и едуцираноста на докторите по однос на канабисот, можеме да кажеме дека не е на високо ниво. Сепак, мора да разбереме дека за нив ова е нешто ново и дека е потребно време канабисот да го добие заслуженото место во третирање и лекување на голем број на болести и состојби. Сведоци сме дека секојдневно излегуваат истражувања и студии кои ги рушат митовите дека канабисот е дрога и не е безбеден за користење.

 

 

Дали користењето на канабис и кај личност без здравствени проблеми може да има здравствени придобивки? Треба ли воопшто да постои законска граница меѓу медицинска и рекреативна употреба?

Многу е погрешно и глупаво да се прават разлики помеѓу рекреативна и медицинска употреба на канабис. Тоа е исто како да зборуваме дека доматното пире е добро, а доматот не е. Поставете си го прашањето од што се добива екстракт од канабис и ќе го најдете одговорот дали постои и дали треба да има законска разлика помеѓу медицинска и рекреативна употреба.

Сите ние како индивидуи имаме свој ендоканабиноиден систем и неговите рецептори се пронајдени низ целото тело: во мозокот, органите, сврзното ткиво, жлездите, и имунолошките клетки. Во секое ткиво, канабиноидниот систем врши различна задача, но целта е секогаш иста: хомеостаза, одржување на стабилна внатрешна средина и покрај флуктуацијата на надворешната средина. Со конзумирањето на канабисот и внесување на канабиноиди ние ги активираме рецепторите, така што неговата употреба на било кој начин може да влијае позитивно кај секого.

Државата треба да обезбеди услови граѓаните да имаат слободен пристап до канабис и да остави на секоја индивуда да одлучи дали ќе го користи или не. Алкохолот и цигарите се штетни, но сепак се достапни и сами одлучуваме дали и колку ќе конзумираме од нив. Канабисот не е штетен, не создава зависност, а сепак е забранет, што на државата и носи само финансиски загуби, што наметнува потреба од брзи и неопходни законски измени.

 

Во мај и јуни организиравте вечерно училиште за правење екстракти од канабис, како и семинар на 19 мај, на кои говореа светски познати експерти. Како би ги сумирале овие настани?

Работилниците поминаа одлично, но сепак ако земеме во предвид дека дневно, администраторите на нашата FB група добиваат 40-50 пораки во просек, очекувавме многу поголема посета. Охрабрете се луѓе, за вас се работи.

На 19 мај организиравме семинар и дебата „ Канабис, 1000 зошто – 1001 затоа. Разбивање на митот: рекреативен или медицински канабис?“, што претставуваше седми едукативен настан организиран од страна на Зелена Алтернатива. Во првиот дел, свои предавања имаа Д-р Пол Хорнби, доктор со повеќе од триесет годишно искуство во третирање на пациенти со канабис. Воедно, познат како човекот кој прв стандардизирал канабис екстракт со кој се таргетираат специфични болести. Потоа, научникот заслужен за откривањето на ендоканабиноидниот систем, Д-р Лумир Ондреј Хануш, кој работи во Израел и е носител на најважните откритија од полето на канабисот и ендоканабиноидниот систем. Предавања одржаа и Д-р Роберт Меламед, доктор по молекуларна биологија и Д-р Јонас Вандерсван, доктор од Канада.

Вториот дел од овој настан претставуваше јавна дебата, на која за жал и покрај тоа што беа поканети голем број на доктори, беа присутни само 10 македонски лекари, а останатите 120 учесници беа во најголем број пациенти. Целта на дебатата беше да се приближат ставовите помеѓу пациентите и докторите, да се чујат нивните барања, нивните дилеми, стравови и прашања во врска со користењето и третирањето на пациенти со канабис и затоа решивме да оставиме поголем простор за дебата и размена на мислења, што беше целосно искористено од учесниците.

 

Досега разговаравме од перспектива на „Зелена алтернативна“ како организација. За крај, кој е твојот личен став за канабисот?

Мојот личен став е дека канабисот треба да биде ослободен од сите законски регулативи, секоја индивидуа да може да си го посади и користи за своите потреби на начин на кој најмногу и одговара.

Македонија треба да разбере дека канабисот е стратешки ресурс за економската иднина на една модерна и развиена држава, и неговото инкорпорирање во поголем број на индустриски гранки има неограничен потенцијал што мора да се искористи.

 

Comments

comments