Неодамна гледав документарец за бонсаи уметноста во Јапонија. Бонсаи се оние мали дрвја кои се одгледуваат во саксии, кои всушност се секојдневни, нормални дрвја, но кои преку долг процес на култивирање стануваат свои мини верзии.

Особено впечаток ми остави одговорот на бонсаи мајсторот чија лична приказна беше пренесена во филмот. Имено, кога го прашаа дали има ученици, тој одговори дека досега не се чувствувал доволно искусно за да пренесува знаење на други. Сепак, иако бил свесен дека има уште многу да учи, тој рече дека конечно размислува за прв пат да прифати ученик. Конкретниот бонсаи мајстор имаше 87 години.

Тој негов одговор малку ме сецна. Набрзо си направив паралела со сопствениот број на години и „самодовербата“ која ја имам за некои теми. Која најверојатно делумно доаѓа од локалната убеденост дека после дипломирањето стануваш „експерт“, дека нема повеќе простор за наобразба и останува уште менаџерските позиции да ти тропнат на врата.

Но во реалноста нештата скоро никогаш не се одвиваат така. Почесто е случајот дека завршуваш факултет, убеден си дека знаеш сосема доволно и дека само треба да си ја најдеш работата по мерка. Набрзо, согледуваш дека изборот на потенцијални работни места е многу поограничен од што замислуваше. Сепак, уште имаш оптимизам дека некако магично, токму тебе ќе те побараат. Не се трудиш особено, не аплицираш, не сакаш да направиш компромис, ниту да се надградуваш. Само седиш и чекаш. Проаѓа време, ти проаѓа оптимизмот, а и животот почнува да те притиска. Веќе не си младиот човек кој „се бара“. Сега си возрасен и твоите сѐ почесто и сѐ помалку суптилно ти кажуваат дека нема уште долго да те издржуваат. Конечно, прифаќаш било каква работа и се убедуваш дека нема друг избор, а своите таленти и желби ги оставаш закопани во сеќавањата.

Да се разбереме, никако не ја негирам неповолната локална општествена состојба. И да, младите луѓе не се виновни што не може баш лесно да се вработат по дипломирањете или тоа што да работат по струката е често и невозможно. Но тоа е ситуацијата. И затоа што е особено тешка, значи дека треба повеќе да се потрудиме, ако не сакаме да бидеме уште една жртва. А не помалку, како што обично овде правиме.

Како тука се вклопува приказната на 87-годишниот бонсаи мајстор, ќе прашате? Во делот со искуство и кондиција за постојан долгорочен труд. Квалитети кои овде хронично недостасуваат, а нивниот недостаток е значително одговорен за ситуацијата во која се наоѓаме како општество. Не залудно велиме дека сме земја на „експерти“. Самопрогласени, за секоја тема и за животот на другите. Не и за себе. Го завршуваме факултетот и веќе сме врвни во областа. Искуството не е овде фактор. А трудот? Него само се трудиме да го избегнеме.

Знам, не ни помагаат ниту социјалните мрежи и дигиталните технологии. Ни го забрзуваат чувството за време и нѐ навикнуваат на инстант решенија, инстант задоволување на потребите. Само неколку клика и готово. Но тие правила на дигиталниот свет сѐ уште се малку различни од оние во аналогниот, реалниот. Овде е потребен подолгорочен процес за успех. Многу повеќе време, внимание и трпение од тоа што обично сакаме да дадеме.

Често, бараме бегство во соништата за странство. Дека ако само отидиме во друга земја, сѐ ќе биде поинаку. Тоа ни дозволува да се чувствуваме како жртви на судбината и да продолжиме со пасивноста. Притоа, игнорираме еден многу важен дел во приказните кои си ги раскажуваме за развиените земји. Таму младите луѓе работат од 16 години. Студираат, плус работат како келнери, во супер маркет, во McDonald’s и слични места, за да се издржуваат самите. И по дипломирањето, често мораат да работат по две работи одеднаш. Не чекаат добрата понуда да им падне од небо, туку собираат препораки, полнат CV-ја и зголемуваат портфолија. Често прифаќаат позиции не-баш-од-соништата, за да добијат искуство. Свесни се дека искуството, кое е доказ за трудот, е она што носи позиции, а искуството бара време. По дипломирањето едноставно го немаш. Факт, кој ние некако тешко го прифаќаме.

Светот е полн со примери дека успешните луѓе зад себе имаат многу неуспешни први обиди. На пример, Walt Disney, чија креативност во анимацијата сѐ уште останува ненадмината, бил отпуштен од работата како илустратор во весник со образложение дека „му недостасува креативност и добри идеи“. И не, ниту по ова успехот не му се насмебнал. Следеле повеќе бизнис-обиди кои завршувале со фијаско и банкрот. Сепак, не се откажувал, преку праксата создавал искуство и конечно го пронашол мега-успешниот рецепт.

Тука е и Oprah Winfrey, ТВ магнатот. Жена која растела без родители, била злоставувана, и имала низа на кариерни неуспеси, меѓу кои и отказ како ТВ водител со коментар дека „Немала ѕвезда за телевизија“. Неколку децении подоцна, прогласена е за најбогатата медиумска личност.

Или пак, Steve Jobs кој не завршил факултет, бил отпуштен од сопствената компанија (Apple) во 1985 година, по што имал серија пропаднати бизнис обиди. Дури деценија подоцна, се вратил во компанијата, па следеле идеите кои создадоа историја.

Дури и личностите како Kardashians за кои ни се чини дека успехот им паднал од небо, всушност инвестирале време и обиди пред да станат мега популарни. Во нивниот случај, тоа значело повеќе од деценија обиди. Отвориле бутик, па епизодно се појавувале во туѓи reality shows или емисии како Dancing With the Stars, пред воопшто да добијат договор за своето шоу Keeping Up with the Kardashians.

Примери од овој тип има безброј. Прогуглајте, ќе се изненадите колку од вашите идоли поприлично се потрудиле и почекале пред да станат успешни.

Одвишок самодоверба – недоволно искуство; многу амбиции – малку труд; Ова се дел од контрастите кои нѐ држат заробени во нереални очекувања, лоши компромиси и нефункционалност. Токму неподготвеноста да се гради искуство преку труд е една од главните причини како за личниот, така и за општествениот неквалитет. Сакаме сѐ, лесно и веднаш. Затоа, обично добиваме ништо, и тоа на долги стази.

За да се издигнеме од медиокритетот и да не бидеме уште една жртва на квази-стандардот, неопходно е да се вложиме многу повеќе. Да прифатиме дека нашата наобразба не завршува со факултетот, напротив тогаш започнува. Да согледаме светот нема да дојде да нѐ побара, туку дека ние треба упорно да му се нудиме. Да се помириме со тоа дека додека да бидеме конкурентни, ќе треба да пројдеме многу одбивања и неуспеси. И конечно, да запомниме дека квалитетот доаѓа од искуство.

Големиот мозаик на успехот секогаш е составен од многу мали, и често не толку успешни, камчиња кои му претходат. Колку побрзо се помириме со нелагодноста на почетоците, толку повеќе ќе уживаме во наградите од посветеноста. И како индивидуи и како општество.

 

Comments

comments