По 5 години постоење и исто толку изданија, фестивалот Земјотрес успеа да прерасне во една од најубавите и секако најуспешни приказни на македонската музичка сцена.

Замислен како своевиден саем на според изданијата, моментално најактуелното што се случува кај нас, фестивалот успеа да привлече пред се млада публика и секако да биде распродаден секоја година.

Фантастична е свежината со која најпаметната македонска младина зрачи низ коридорите на Младинскиот Културен Центар Скопје, додека циркулира по трите музички стејџови. Секако, не е за потценување ниту интеракцијата со музичарите (кои ги има минимум 150 на овој настан), но и помеѓу самите нив.

Општо е мислењето дека се работи за еден вистински комјунити настан, каде се оди да се слуша музика, да се види и да се биде виден, но и да се размени искуство и да се почувствува дека сепак сме дел од нешто поголемо, поубаво, нешто за што вреди да се бориме. Како ретко каде, на Земјотрес се мешаат рокери, панкери, хард корци, металци, шминкери, технаџии…и никој не размислува за она што ги дели. Напротив, чувството на припадност кон онаа искрена, независна македонска музичка сцена е обединувачки фактор, а токму уживањето во различностите е најголемата обединувачка сила.

Што ни носи овогодишното, шесто по ред издание на Земјотрес, кое не очекува оваа сабота на 3 февруари во МКЦ? Тоа се традиционалните 3 стејџа, 23 македонски артисти и, се надеваме, околу 2000 расположена публика, како и секоја година до сега. Но, да одиме по ред.

 

 

Една од главните и за мене најубавите карактеристики на Земјотрес, е тоа што рамо до рамо, по сите параметри, рамноправно партиципираат бендови од секаков тип и не се прави никаква разлика дали се афирмирани, или можеби апсолутни почетници.

На главната сцена, или популарно наречената Dancing сала, сепак главно среќаваме поафирмирани имиња. String Forces и Љубојна веќе одамна припаѓаат во класата најреномирани македонски бендови и ќе биде вистински предизвик за нив да настапат пред радозналата толпа клинци кои обично „дупка“ ја полнат салата.

Тука некаде спаѓаат и џез ветераните Sethstat, традиционално навикнати на повозрасна публика. Ќе ги слушнеме и Pogan Pagan со нивниот сериозно исчашен поп и Љупа Ангелов, кој по големиот успех со неговите проекти The John и Lepi Xhoni, работи соло и под сопственото име. За мене, приватно и професионално, неизмерна возбуда изнудува дебитантскиот настап на Александар Велики, чив деби албум со нетрпение го очекувам за рецензирање во Reborn.

Вечерта во денсинг халата ќе ја отвори кумановскиот пост-рок состав Khara, а боите на енергичниот инди рок/хард кор ќе ги бранат Palindrom, You и Нема Лабаво. Вистински шарена и мошне квалитетна понуда од чистокрвно тврдолглави македонски бендови кои несомнено ќе ја поведат публиката во непредвидлива музичка авантура. Еден од најквалитетните и најхрабри фестивалски line up-и кои било каде сум ги видел.

 

 

Вистинско уживање за љубителите на цврстиот гитарски звук ќе понуди програмата планирана за фоајето на кинотот Фросина. Вечерта ја отвара Сашо Митревски, фронтменот на популарните Милко, кој во последно време е актуелен со неколку соло изданија. Атмосферата ќе ја подигнат кумановските Морфеј, скопските Јаничари и Astrolungs, а потоа, до самиот крај, децибелите ќе бидат на максимум, а слушателите залепени за таван со настапите на бучните хард кор и метал бендови: Short Fuse Hero, Trendkill, Gargoyles, Schwartzen. Ќе биде жешко.

 

 

Земјотрес секоја година ги угостува и љубителите на електронската музика. Букирани се артисти кои имаат актуелни изданија, а техно стејџот е секогаш преполн, весел и затвора последен, токму кога ќе се изнаиграат и најнеуморните посетители на фестивалот.

Mammoth & Yashem, со своите фино џезирани, амбиентални саундскејпи ќе го започне електорнското возење околу полноќ, веднаш над фоајето каде гитарите ќе владеат со просторот. Во продолжение ќе може да се проследи E.B.A.M. – мошне интересен електро проект од Скопје, а за посериозно подигање на атмосферата би требало да се погрижи искусниот и извонреден продуцент, диск џокеј и label owner, техно ветеранот, Душко Јаневски. Фестивалот, со диџеј сет, традиционално го затвара стариот добар Мирко Попов. Така ќе биде и овој пат.

Земјотрес не е фенси фестивал со мноооогу познати странски гости и гламурозни спонзори. Тоа е фестивал на македонските независни дискографски куќи и музичари, кои соработуваат без некои посебни финансиски очекувања, но со голем ентузијазам и решеност да го покажат несомнениот квалитет кој го поседуваат, патем правејќи неверојатно квалитетна, автентична и достапна забава за најпрекрасната македонска младеж.

Во целата приказна на македонската културолошка безнадежност, МКЦ Скопје е единствената институција која стои рамо до рамо со цветот на македонската музичка сцена и безрезервно верува дека културата е единствениот начин да се постои и напредува. Ги повикувам сите паметни и убави деца на оваа чудна земја, да ни се придружат на Земјотрес 6, оваа сабота.

Набавете си побрзо карти во претпродажба. Ќе снема.

 

Comments

comments