Во овие извонредно тешки и сложени мигови не само за машко-женските односи, туку и времиња брутални – во кои човек се плаши од сопствениот одраз во огледало, дозволете ми за момент, да ве пренесам во еднo тукуречи кротко историско катче, погодувате – 80титe.

Фабулозните 80ти и скратена верзија од приказната како растевме и пораснавме тука кај нас, во Скопје, југословенска Македонија: Машките ги облекуваа во сино, девојчињата во розево. Машките играа фудбал, девојчињата ластик. Малку подоцна машките ги фаќаа девојчињата за г’с, а овие бегаа. Машките као идеа во војска, девојчињата како беа болничарки. Машките се заљубуваа и девојчињата се заљубуваа. Машките сакаа секс пред брак и девојчињата сакаа секс пред брак. Машките сакаа да бидат рок ѕвезди и девојчињата сакаа да бидат рок ѕвезди. Машките пораснаа и девојчњата пораснаа. Машките станаа диџеи и девојчињата станаа диџеи.

Приметувате дека на почеток машките и девојчињата имаа навидум различни интереси, но многу брзо интересите, па и амбициите станаа сосем идентични. Така некако се одвиваше и мојот музички/поп културен развој.

Првите бранови на духовно и естетско влијание ги добивав од машки музички ѕвезди, со нив се идентификував и го градев својот (бев убеден) напреден идентитет…. кога одеднаш, почнав да чувствувам необична привлечност, која набрзо се трансформираше во манично истражување и резултираше со длабоко разбирање за радијантната женска енергијата наоколу.

Тука почна мојата авантура од „другата” – женската страна на нештата, само за да сфатам дека нема друга страна, ами тоа се две страни на една целина наречена човек. Две навидум спротиставени сили, кои со својот уникатен придонес го сочинуваат самиот сјај на нашата цивилизација во Универзумот. Придонесот е сосем рамноправен, но реалноста во која живееме не е адекватна на тој суштински баланс. Човечката сировина, насилството и катастрофалните навики се некои од причините, поради кои неретко ја наоѓаме есенцијата на женската енергија окована во пранги. А токму ослободена и рамноправна, таа сила ни помага да се родиме, да научиме да сакаме, да бидеме креативни, процветаме и секако напреднеме/еволуираме. Но да се вратиме на мене, едноставен поданик на музиката, кому некои женски гласови ми го променија животот.

Дозволете му на стариот добар М.П. да ви понуди од оригиналниот еликсир на животот излезен од женското грло, директвно во важите уши и церебрални предели.

 

Lisa Gerrard

Lisa Gerrard е чиста трансцедентност. Нејзиниот глас ве подига како нежна, но сигурна мајчинска рака и лаконски ве води на пат околу светот. Кога околу светот ќе ви стане малку, таа ве поведува на пат низ времето.

Се чини планетата Земја и сите нејзини чеда и чуда се втакени во нејзината грлена текстура, а вие сте соединети со вашата мајка, оваа прекрасна планета која упорно создава простор за сите нас, машки, женски, луѓе, нелуѓе.

 

 

 

Ana Kostovska

Ana Kostovska на мои 13 години ме извади од памет, а потоа ме прикова во Скопје, со нејзиниот комплетно out of ordinary вокал, кој буквално трешти и предизвикува, врз електро поп музичката подлога склопена од најдобрите скопски фраерчиња од тоа време (1984).

Моќ, уверливост, сензитивност и кршливост…сето тоа на едно место и во едно формативно време не само за мене, туку и за градот.

 

 

 

Nathalie Merchant

Нејзината појава кон крајот на 80тите го означи почетокот на „паметните девојки кои сами си ги пишуваат и пеат песните”.

Тренд кој подоцна ќе го продаде на големо Музичката Телевизија (MTV), а голем број девојки ќе направат мега успешни кариери. Е, Nathalie беше прва и веројатно најдобра од тој бран.

Се гордеевме со плочата Blind man’s Zoo на 10.000 Maniacs во сопствените колекции и се правевме важни дека сме укапирале колку се релевантни девојките.

 

 

 

Wendy Smith

Пратечки вокал во Prefab Sprout, најсовршениот поп бенд на сите времиња и креативно кралство на ужасно софистицираниот композитор и лиричар, Paddy MacAloon.

На сите овие суперлативи кон споменатиот господин, ќе додадам дека без воздушестата гласовна, но и ликовна обвивка на Wendy Smith, целата легенда за овој бенд ќе отидеше по ѓаволите. Таа тука го прави она што жените го прават за мажите со векови: им измислуваат и ослободуваат простор за овие да испаднат фраери.

 

 

 

Kim Gordon

KIm Gordon се наоѓа на самиот врв на листата на влажни соништа на момчињата од мојата генерација. Знам дечки кои би убиле само за еден допир на оваа совршена поп културна икона. Ма и ја би убил! Барем со зборови се недофатни количините coolness кои ги поседува оваа госпоѓа, небаре рокенрол божица. Ма божица! Простете, сега ќе се стрчам до детска соба нешто.

 

 

 

Patti Smith

Песната Dancing Barefoot ми прави да чувствувам дека сум сфатил што значи тоа вистинска жена. Веднаш простете за мојава можеби наивна евокација на вистината, но има некои работи кои ги чувствувате со целото свое битие. Можеби се работи само за емпатична или љубовна еуфорија во мене, но има едно згуснато чувство, со речиси неподнослив габарит, кој ме позиционира прецизно и недвосмислено на мојата изјава. Дајте и се на песнава, проверете ги моите неверојатни чувствени способности.

 

 

 

Vanja Lazarova

Гласот преку кој го апсорбирав битот на мојот народ. Реката која го влева духот на мојот народ во океанот наречен човекова цивилизација. Нашиот уникатен и возвишен придонес кон светското културно богатство. Можеме да им бидеме само благодарни на боговите кои за тој свет чин го употребија гласот на оваа фантастична госпоѓа.

 

Comments

comments