Илустрации: Magoz и Miguel Montaner

 

Пред извесно време бев сведок на разговор на шалтер во една институција. Службеничката и клиентот, очигледно познаници, гласно и пред сите присутни дискутираа за трет познаник.

Коментираа дека личноста, да ја наречеме Марко, покажала огромна храброст, накај лудост, што на тие години оставил сигурна работа и заминал да гради нов живот во САД. Да не ги спомнеа набрзо потоа годините на Марко, ќе помислев дека станува збор за 50-годишен човек, кој на зрели години направил сериозна животна промена. Но, не… Марко од нашата приказна всушност имал 27 години.

Ова не е изолирана приказна, не е исклучок. Напротив, идеја која многу често провејува низ нашето општество. Овде некако човек многу брзо станува „стар“. И како и во секоја мала, затворена и патријархална средина има јасно зацртан пат по кој мора да оди. Сѐ што е надвор од таа однапред одредена шема, ретко се поздравува како позитивен исчекор напред. Напротив, почесто се смета за „лудост“, опортунизам и рецепт за неуспех.

40 години во Македонија се смета за „старост“. До тогаш веќе би требало да имаш една иста работна позиција и само да „издржиш“ до пензионирање. Воедно, единствената интимна заедница која се очекува е брачен партнер и две деца. Отскокнувањата од оваа норма се гледаат како неуспех или, во најмала рака, со сомнеж. Штом наполниш 20 години започнуваат прашањата на „добронамерниците“ за кога ќе ти играат на свадба, кога детенце Ако професионално сакаш да се насочиш кон нешто покреативно, нестандардно или поврзано со нови технологии кое не подразбира работа од 9 до 5 во канцеларија, веднаш добиваш совет да си најдеш „сигурна“ работа и да не ризикуваш.

Но, не се ова само коментари на повозрасни генерации за кои е и разбирливо приодот на сигурност да биде единствен правилен избор. Позагрижувачки е што и светогледот на младите луѓе овде исто така останува во тие тесни граници. Еден од доказите се и разни истражувањата според кои мнозинството млади во Македонија посакува по дипломирањето да работи во државна администрација. Токму во годините кога човек треба да истражува, да ризикува, да искуси што повеќе за да се пронајде себе си, ние овде одбираме статичност. Нашата младост завршува со факултетот по кој треба да се врзаме на едно место и во кариера која по инерција ја одбираме затоа што би требала да ни донесе „сигурност“.

 

Илустрација: Мiguel Мontaner

 

За среќа, реалноста нуди многу повеќе избори. И умее да ја цени храброста и обидот да понудиш нешто автентично, нешто поинакво од нормата. Веќе и во Македонија сѐ почесто има опции за преквалификација преку кои може да ги прошириш знаењата и без разлика на возраста да се насочиш кон професија која вистински те исполнува. Интернетот пак, ни го отвора целиот свет како потенцијален пазар на кој може да го понудиме својот талент и да започнеме одново, макар и на 40 години.

И ова не се само празни мотивациски фрази. Напротив, светот е полн со реални примери на луѓе кои своите вистински кариери ги започнале од четвртата деценија, па натаму. Следат неколку од нив.

Светски познатиот писател Charles Bukowski почнал да пишува поезија на 35 годишна возраст. На 50 годишна возраст пак дал отказ од позицијата работник во пошта, за да се посвети целосно на пишувањето. Вистинскиот успех го доживеал дури тогаш, во 5-та деценија од својот живот, оставајќи зад себе творештво од 45 книги.

Модната дизајнерка Vera Wang најпрво се бавела со уметничко лизгање. Потоа работела цели 17 години за Vogue и неколку години за дизајнерот Ralph Lauren. Дури на 40 годишна возраст започнала да работи како дизајнер за венчаници, а својата прва ready-to-wear колекција ја лансирала 10 години подоцна.

Креаторот на омилените супер-херои, Stan Lee во своите 30-ти години решил да создаде карактери, не според тогашната побарувачка на компаниите, туку според својата креативна визија. Новите супер-херои кои ги создал во тој период ги вклучуваат X-Men, Fantastic Four, Incredible Hulk, Avengers, Iron Man и Daredevil. Најпопуларниот карактер на Marvel Comic на сите времиња – Spider Man го создал на 40 годишна возраст.

Актерот John Mahoney познат по својата брилијантна улога во серијата „Fraiser“ како млад се преселил од Англија во САД. Со години работел прво како професор по англиски, а потоа како уредник на магазин од областа на медицината. Со актерство почнал да се бави дури во своите доцни 30-ти години. Вистинскиот успех пак го доживеал на 53 годишна возраст, глумејќи го ликот на Marty Crane.

 

Илустрацијa: Magoz

 

Примери има многу, дури и во нашата најблиска околина. Нивниот успех покажува дека не е лудост да се одлучиш на промена мотивирана од желба за подобро. Напротив, лудост е да стагнираш и да прифатиш просечен, монотон живот поради избор кој си го направил на 18 годишна возраст. Поважно од она што мислиш дека треба е она што чувствуваш дека го сакаш. Кога ќе се одважи да посегнеш по она што го љубиш, без оглед на сѐ, тогаш се случува вистинската магија. И да, навистина никогаш не е касно.

 

Comments

comments