Написот е преземен од платформата за дизајнери, House of 1000 Designers
Фотографии: Елена Фиданска

 

Зоран и Филимена Радоњанин веќе имаат традиција на започнување добри проекти и уште подобри приказни.

Сигурни сме дека не постои млада (а и не толку млада фамилија во Македонија), која досега не слушнала за нивниот најуспешен проект. Станува збор за трансформабилниот мебел, кој уште од 2006 година се продава под името FEYDOM.

Идејата за трансформабилен мебел, Зоран и Филимена ја добиле уште во 2004-2005 година додека живееле на релација Австралија – Кина, кога нивната дневна соба служела истовремено функција на канцеларија, приемна соба за гости и на детска игротека во едно. Кога во продавниците за мебел не успеале да го најдат мебелот кој го барале, тие започнале размена со локалните фабрики во Шангај каде тие на фабриките им давале бесплатни цртежи од своите прототипи, а они за возврат бесплатни модели.

Најновата приказна на Зоран и Филимена е проектот House of Thousand Designs (HOIOOOD), за чиј почеток нема да има потреба да читаш 10 години подоцна, затоа што и ти ќе бидеш дел од него. Интервјуто во продолжение ќе ти помогне да бидеш во чекор со развојот на проекти, со тоа што ќе ти ја објасни идејата на овој проект и како е предвидено да се развива.

 

 

Зоран и Филимена, знаеме дека Feydoom функционира како бизнис уште од 2006 година, а моментално има повеќе од 40 продавници низ Европа. Како FEYDOM се развиваше во тоа што е денес?

Проектот FEYDOM започна кога сфативме дека индустријата за мебел воопшто не е пријателски структуирана за freelance дизајнери, а особено за онакви како нас кои го посветуваат сето свое време и енергија на проектите во кои што влегуваме.

Ситуацијата беше онаква да паралелно со дизајн на производите, отпочнавме со дизајн и организација на еден поинаков бизнис модел, во кој иновацијата и дизајнот се валоризираат и третираат паралелно со процесите на производството и дистрибуцијата на производи. Тоа резултираше со поставување на производна линија во Скопје, во која денес на простор од 4000м2 работи една прекрасна екипа од околу 80 луѓе; организација на интернацинална промоција на концептот на повеќе од 20 интернационални саеми и изложби годишно; и секако, создавање на дистрибутивна мрежа со 15 mono brand продавници и 40–тина shop in shop продажни места во вкупно 13 земји низ Европа.

 

Реткост е дизајнер со оригинален продукт успешно да се пласира на толку голем пазар, особено кога станува збор за македонски (па и балкански) продукти. Како го постигнавте тоа со FEYDOM? Што е тоа што ги направи овие дизајни и продукти успешни?

Уште на самиот почеток на проектот FEYDOM, ние го дефиниравме пазарот во Европа како дефинитивна цел. Имајки ја на ум софистицираноста и захтевноста на тој пазар, знаевме дека за да нашиот производ биде прифатен, треба да е многу подобар од конкуренцијата во сите три сегменти: „иновативност“, „квалитет“ и „цена“.

Па така, кога целите и критериумите при дизајнирањето на производот ќе се постават точно, успехот е само прашање на време. Во целиот процесот прилично помогнаа и неколкуте добиени награди од типот на „interior innovation award“ „iconic awards“ и „German design award“, кои според German Design Council се едни од најпрестижните во светот од овој тип.

 

 

Кажете ни нешто повеќе за проектот HOIOOOD. Како се одлучивте за ваков проект? Што сакате да постигнете со него? Кој сè може да биде дел од оваа платформа?

Проектот HOIOOOD е всушност отворање на вратата на нашето студио за дизајн и развој на производ, преку кој бизнис моделот кој што го создадовме за FEYDOM се претвора во отворена бизнис платформа достапна за креативниот свет во земјава, регионот, па и пошироко.

Основна цел на проектот е претворање на идеите во добри дизајни, и понатаму во успешно пласирани производи на интернационалните пазари. Платформа направена од дизајнери за дизајнери, при што како „дизајнери“ подразбираме инвентивни луѓе кои пронаоѓаат решенија да ги унапредат предметите околу нив, без разлика дали се образовани професионалци, талентирани студенти или пак вешти мајстори во одредени занаети.

Дополнително, како платформа, HOIOOOD е отворена за колаборации и партнерства со сите организации кои во нејзиното развивање ќе препознаат бенефит. ИМЕ, е прва од тој тип која се приклучи на проектот, преку поддржување на процес кој се стреми да стане самоодржлив.

 

Кажете ни нешто повеќе за начинот на кој функционира HOIOOOD?

Работата во HOIOOOD е поделена на три основни функционални единици:

  1. Онлајн платформа HOIOOOD.com, која е главен информативен медиум за дизајнерската заедница и место каде што се објавуваат конкурсите и нивните резултати;
  2. Студио за дизајн и развој на производ, каде што избраните дизајни поминуваат низ фазите на изработка на модели, прототипи и соодветен промотивен материјал; и  
  3. Бизнис акцелератор, каде што сега веќе производот ќе се развива заедно со производителите, дистрибутерите и инвеститорите, до момент на неговото поставување на пазарот како профитна единица.

Она што е важно е дека целосниот процес е тотално транспарентен а дизајнерот учествува во целата процедура. Сите авторски права остануваат во сопственост на дизајнерот и тој се стекнува со право на продажба на дозвола за користење на дизајнот или наплата на процент од продажбата на производот. Целата процедура важи како за нас, така и за сите други инвентивни луѓе кои ќе се приклучат во заедницата.

 

 

Што според вас го прави еден дизајн да биде „добар дизајн“?

Ние се трудиме на секој можен начин да што поедноставно ги дефинираме поимите, задачите и целите кон кои стремиме. Добар дизајн за нас е оној кој веќе е претворен во производ и кој се наоѓа кај оној кому е наменет. Лошиот дизајн е сè уште само цртеж или експонат на некоја изложба, па таму изгледа убаво.

 

За крај, кој е вашиот совет за апликантите на конкурсите на HOIOOOD?

Сите апликанти, а особено оние чии идеи ќе бидат прифатени за понатамошен развој, треба да знаат дека нашата заедничка крајна цел не е да се постават експонати на некоја изложба, туку е да се постават производите на полиците на интернационалните пазари.

Дали и кога тоа ќе се случи во добар дел ќе зависи од нивото на иновативноста на нивните идеи, но сепак најмногу ќе зависи од нивната посветеност на работата. Очекуваме самите дизајнери да бидат проект менаџери во сите фази на развојот на производот а со тоа капиталот на знаење што ќе го стекнат за тоа време ќе постане цврста подлога за понатамошна успешна соработка.

 

Проектот HOIOOOD е поддржан од Програмата за зголемување на пазарната вработливост, ИМЕ

 

Comments

comments