Синот на Кензо Танге, Пол Танге, пред неколку години го посети Скопје и се заблагодари за сѐ во име на татко си, но искажа и жалење што планот на Кензо Танге никогаш не бил до крај спроведен.

Го слушав и се почувствував како некоја наша врска со Јапонија засекогаш да била прекината со недовршувањето на мастер-планот. Но кога отидов во Токио сфатив дека не е така.

Не сум архитект, но еве што јас знам за мојата омилена архитектура. По земјотресот во Скопје во 1963та година, со поддршка од Обединетите Нации, градот почнал да се гради според мастер планот на јапонскиот архитект Кензо Танге во склоп со најсовремените светски трендови во архитектурата во тоа време. Иако тимот на Танге го дал нацртот на градот, одделни објекти биле дизајнирани од наши локалните архитекти.

 

Ангела Алексова – Fairy Kei

Ангела Алексова – Fairy Kei

 

Голем дел од новите јавни објекти биле изградени од армиран бетон и бетонски блокови, без фасада, без фарба, така што бетонот е видлив и одвнатре и однадвор.

Денес, тој тип на архитектура го препознаваме како брутализам, така наречен по изразот на Ле Корбизје, „béton brut“, односно суров бетон.

Објектите како кампусот на УКИМ, Централната пошта, студентскиот дом Гоце Делчев, и други денес запуштени објекти, се мета или на презир или на восхит, во зависност од убедувањата или податоците што ги имаме за нив.

 

Фото-проект од Зорица Петкоска и Лилика Стрезоска

 

Оваа архитектура често погрешно се перцепира како „комунистичка“/ „социјалистичка“, но всушност е еден тренд на модернизам кој се појавил и развил на запад (Франција, Англија, САД, Канада, Мексико, Бразил) и набрзо се проширил низ целиот свет. Правејќи го мастер планот за Скопје, Кензо Танге добил многу идеи кои подоцна ги применил во Токио, Сингапур итн. (Некои од идеите предложени од Танге за Скопје подоцна станале препознатлив белег на стилот наречен метаболизам.)

Со што и да го поврзуваме брутализмот во Скопје, никогаш не сум чула некого да го потсетува на Јапонија. Од традиционалните храмови, до ултра-модерните облакодери, поп-култура и шарени слики, сме виделе разни работи кои ги поврзуваме со Јапонија. Но јас кога отидов во Токио, го видов и Скопје. И тоа воопшто не го очекував.

На пример, Metropolitan Government Building во Шинџуку, Токио е како кулите во градски ѕид. Стоев збунета пред тоа здание, сѐ додека Симон не ми рече „Оваа зграда е на Кензо Танге“.

 

Мила Куч – Shironuri

Мила Куч – Shironuri

 

Така ми се поврзаа две големи љубови – онаа кон скопскиот брутализам и онаа кон Јапонија. Врската која мислев дека е прекината, всушност ја одржуваат сите фанови на јапонската поп култура (музика, манга, аниме, мода…). И тие, исто како и урбанистичкиот план на Танге, за мене станаа некоја „тајна Јапонија“ во Скопје. Некои мали одблесоци кои не ги гледа секој.

Овие фанови на јапонска култура одржуваат собири под името ЈАПАНОРАМА, а во февруари организираа настан посветен на Хараџуку уличната мода.

Хараџуку е славно маало во Токио, каде се собираат сите кои се облекуваат во модни стилови кои се всушност бунт кон мејнстрим модата и убавината. Исто како и скопскиот брутализам – не се останува рамнодушен на таа естетика.

 

Сара Мисајловска – Mori Kei

Сара Мисајловска – Mori Kei

 

Сите девојки и момци на фотографиите не се модели кои сме ги стокмиле за оваа фотосесија, туку се фанови на јапонска мода и со месеци работеа на целата комбинација во која се фотографираа.

Целиот труд кој беше вложен во овој фото-проект беше од искрена љубов на сите инволвирани. Иако и самата сум аматер-фотограф, соработката со прекрасната Лилика е нешто што овој проект чувствував дека го заслужува, а и Лилика е човек кој е бескрајно инспириран од брутализмот на кампусот на УКИМ и истомисленик за многу работи. И така, се склопија сите идеи.

 

Теа Јованова – Kodona

Теа Јованова – Kodona

 

Овие фотографии кои ги правевме со Лилика Стрезоска се таа нишка која нѐ врзува со Јапонија од 1963-та до денес. Од Кензо Танге до Хараџуку. Од архитектура до поп-култура. Сакавме да претставуваат хармонија на сивилото и шаренилото, на меланхолијата и радоста. И брутално и слатко, како што наговестува насловот на целиот фото-проект.

Фотографииве се надевам го пренесуваат тоа топло чувство дека Скопје и Токио имаат по нешто заедничко. Малку бетон, малку шарена мода, малку сон.

 

Галерија

Фото-проект од Зорица Петкоска и Лилика Стрезоска

 

Comments

comments