Скратена верзија објавена во „ПОРТРЕТ“ (Октомври 2016)
Фотографии: Лилика Стрезоска

 

Во последниот број на Портрет, Reborn-секцијата ја посветивме на трите диви на македонската електронска сцена.

Минатата недела ја објавивме долгата верзија од разговорот со Mileskaya. Денес ја продолжуваме приказната на трите „ДЏ-ски грации” со Дијана Димитриевска – D.Lite.

Дијана, или Диди, за тимот на Reborn е повеќе од обичен познаник. Затоа, со сигурност можеме  да кажеме дека е вистински професионалец, одличен ДЏ, графички дизајнер и изработувач на накит. Или со два збора и еден сврзник – девојка на место.

 

didi-final

 

Да погодам како би изгледал твојот совршен ден. Се будиш негде блиску до море и палми, си спремаш некое овошје, одиш во работилницата за накит и се забораваш. Нешто пак се јаде – зеленчук (никако месо), работиш малку дизајн за нешто шо ти светнало и на крај ставаш слушалки и си миксаш музика за играње додека дува ветре, погодив?

Апсолутно ДА 🙂 Храничка зачинета со љубов, форми и текстури што олицетворуваат визуелна експресија и музика што ни ја соблекува душата во градиент од изгреј до зајдисонце… Нека трае подолго и нека трепка.

 

Во музиката се движиш помеѓу два музички стилови: драм енд бејсот и техното. Ако треба на глув човек да му го раскажеш звукот што ќе кажеш за двата правци?

Хмм… зезната работа… Патување низ ѕвездено сонливо море на вселенски лотус, меѓу хипнотизирани веслачи кои параметрички го следат тактот од воздишките на месечината кои натежнуваат како леплива магла врз твојот набљудувачки пулс и бескомпромисно го дави во нејзината чиста убавина… без разлика на музичките стилови, тоа што го чувствувам тежнеам да го пренесам низ моите сетови.

 

dsc_0121

 

Дел си од една екипа аудиофили, музичкиот колектив D2 кој практично може да се поистовети со драм енд бејс сцената во последните години, а стоиш и зад серијата забави Heart Beats. Што го држи ентузијазмот толку голем меѓу вас?

Бесценето е поврзувањето со публиката кога музиката е единствено средство за комуникација. Секој еден кој е дел од овој „ритуал” е излезен од својот секојнедневен кожурец, надвор од сите стеги и форми, разголeни рецептори допуштаат да ги милува вибрацијата во етерот. Сè дур има танцувачи на подиум ќе нè има и нас ентузијасти спремни да споделиме вибрација.

 

dsc_0127

 

Како и Кате, и ти си единственото женско во колективот. Кое е твоето искуство по прашањето на машко/женските релации во дџ-ството?

Колективите во кои се движам, надвор од сите маргинализирани ставови го вреднуваат и поддржуваат меѓусебниот напредок. Впрочем тоа и нè држи заедно. Буквално на секој од нив сум благодарна што несебично го споделија своето стекнато знаење и искуство дoдека јас го усовршував дјингот како техника. (Од друга страна дури и сум среќна што можам да сметам на повеќе машки раце за носење грамафони хаха).

 

 

Comments

comments