Фотографии: Стефан Рајхл

 

„Јас сум Флора Питоло од Палермо, Италија. Во Македонија дојдов пред 5 години за една конференција. Би сакала да ги посетам сите нејзини краеви, но признавам, сè уште не ја познавам Македонија. Сепак испадна дека пуштив корења во Скопје и веднаш се почувствував како дома.

Наспроти многуте негативни коментари кои ги слушам од овдешните луѓе, воопшто не мислам дека ова е шупакот на Европа, а особено бидејќи јас доаѓам од место кое луѓето исто го сметаат за шупак на Европа. Напротив, го сметам Скопје за апсолутно фасцинантно и прекрасно.

Се сеќавам на првата вечер кога дојдов овде и пуштив телевизија, а на програмата имаше концерт на групата Анастасиа. Неверојатно – си помислив! Па каква е оваа телевизија која емитува ваква музика во 20 часот? Веднаш знаев дека сум на некое специјално место.

На ова ќе додадам дека ми се допадна она што Мирко Попов го напиша во Reborn за излегувањето на Бастион плочата во 1984, кое резултирало во инстант уверување дека Скопје може да биде како Лондон, или Њујорк. Тоа ме потсети на времето од крајот на 70тите и почетокот на 80тите и стејтментот на панкерите од The Great Complotto во Проденоне (мало гратче во северна Италија): „Проденоне може да биде Лондон, но Лондон никогаш нема да може да биде Проденоне. Идеите расцветуваат многу понезависно и поинтересно во местата кои чувствуваат дека не се центарот на светот.“

 

 

Ова се зборовите на почитуваната госпоѓица Флора Питоло, која стои позади дискографската куќа A Colder Consciousness (ACC), која го реиздаде на винил, култниот македонски албум од 80-тите, слободно ќе речам – пророчки наречен Бастион.

Ре/изданието го промовираа минатиот петок, со пригоден настан во Младинскиот Културен Центар. Силно пријатна афера, која обедини разни генерации и типови луѓе на едно место, сите конечно свесни, дека градот полека дораснува до музичкото, естетско и културолошко ниво, со кое кротко експлодира ова есенцијално дело на поновата македонска музика/култура, уште пред 35 години.

 

 

Судејќи по атмосферата на промо настанот, A Colder Consciousness понудија една малку помрачна (можеби андерграунд) верзија на согледување на феноменот Бастион, што е новост за мене, но и показател дека оваа музика има потенцијал да биде толкувана од разновидни лични ракурси и амбиции за пероснален културолошки напор. Покрај неверојатната медиска покриеност, најкул момент вечерта, беше фактот што за помалку од 40 минути отиде целиот расположив тираж на плочата Бастион. Растур.

Феноменот Бастион полека но сигурно, и секако оправдано, дoбива мошне погодна историска траекторија и просто не можам да го сокријам задоволството од таквиот развој на настаните. Одговорноста за подбутнувањето на есенцијата на современиот македонски идентитет, во оваа епизода, на своите плеќи ја натовари една симпатична Италијанка, полна со ентузијазам за автентични културни богатства.

Прочитајте уште неколку спрата од размислувањата на госпоѓицата Флора Питоло:

„Една од моите најсреќни скопски околности, е средбата со Ѓорѓи Јаневски (еден од најдолготрајните музички соработници на Канал 103 и човекот кој стои позади Ако Никој не Свири). Опседнатоста со се што е музичко и моето искуство во лондонското Resonance FM радио, спонтано не фрли во екстензивни и интензивни разговори за музика. Добив огромна желба да слушам македонска современа музика. Ѓорѓи со задоволство ја прифати улогата на презентер. Во еден момент ми ги пушти Бастион, а јас едноставно веднаш ги засакав. Просто е незамисливо како е возможно некој да не биде заинтересиран за оваа плоча, неверојатно свежа и мистериозна во исто време. Пријател од Лондон ми го подари ЦДто кое го издаде PMG Recordings во 2007 со оригиналните Бастион песни+обработки и оттогаш едноставно не можам да престанам да го слушам.”

„Со оглед на тоа дека имам големо искуство со реизданија, но и како музички новинар и радиски/клубски диџеј, ме растажи фактот дека оригиналната Бастион плочата е ултра-ретка, ултра-скапа и сега веќе никој не може да ја набави на винил. Решив токму јас да бидам таа која ќе ја извади од историскиот архив и ќе и даде нов живот. Веќе споменав дека овој албум беше реиздаден пред 11 години од локален лејбл и вљубеници во Бастион, па си замислував дека токму истиот сентимент ме носи мене кон добра цел. Буквално инволвирајќи се во скопската сцена, се обидов да и понудам нешто назад, а особено на диск џокеите, колекционерите, но и винил ентузијастите на интернационално ниво. Згора на тоа, со емисијата A Colder Consciousness, веќе некое време сум присутна и на вашето култно радио Канал 103. Наоѓајќи се во уникатно напоредно искуство со мојата лондонска Resonance FM радио афера, почувствував потреба за адекватна прослава на мојата внатрешна врска помеѓу овие два града. Тоа за мене претставува оваа плоча.”

 

 

Па, драги мои пријатели, дами и господо, мои сакани Римјани… Еве ви парче сирово, но совршено уметничко кураторство. Возвишен пример за хуманизмот, но и безтежинскиот патриотизам на глобализацијата. Токму вие, кои го читате овој текст, ја сочинувате критичната маса, духовното јадро на оваа запоставена, но талентирана татковина.

Примете ги овие зборови со отворено срце, но збревтан ум, гладен за оплеменување, со око за освојување, сепак подготвен за асимилирање. Цивилизацијата ординира на овие простори далеку пред нашето замислено живеење во денешниот вид слобода.

Подготвени сме за повисоки дострели од корумпирана држава, или депресивен и нервозен „слободарски” Facebook. Бастион резонираат со таков потенцијал веќе неколку децении. Животот е пред нас.

 

Comments

comments