Пред некоја недела, НаТочак го објави својот 50-ти по ред постер, а по повод 50-тата по ред Критична маса.

Според зборовите на еден од членовите на оваа група, пристигнувањето на овие 50 постери со себе донело многу дилеми, позитивни расправии, бреинстормувања, дебати, безбројни размени на мејлови и какви уште не ситуации.

А за дизајнерите, самиот постер изработен за целите на НаТочак буди емоција еквивалентна на онаа која е присутна при доживувањето на сопствената свадба, раѓање на дете или можеби добивање на помалку од милион долари на лотарија. За на крајот, на денот, ние тука да бидеме сведоци на вистински креативно-иновативни постери, кои некои дури ги споредуваат со постерите за Скопски џез фестивал.

Можеби најинтересниот дел од оваа иницијатива е тоа што се работи за уникатен модел на меѓусебна соработка, од која секој месец произлегува финален продукт во форма на постер – одлика на стилот, карактерот и уникатноста на секогаш различен локален дизајнер, кој целата приказна ја „вози” на волонтерска база.

Подолу е Reborn селекција на нашите омилени постери за Критична Маса. Коментарите под постерите се напишани од тимот НаТочак. За целата галерија на сите 50 дела, погледнете тука.

Воедно, упатуваме апел и отворен повик до секој дизајнер кој се препознава себеси во еден ваков предизвик, да се испроба и да испрати свое дизајн-решение на natochak@gmail.com.

 

Магдалена Дилевска

Критична Маса #3 (2012.07)

Еден од првите постери на Критична Маса, малку можеби и наивен судејќи по слоганот, но наш многу драг. Магдалена Дилевска немаше поим дека сите Критични Маси завршуваат со кревање на точаците, а го илустрираше токму тоа.

 

 

 

 

Мики Стефаноски

Критична Маса #6 (2012.10)

Дел од темите на Критична Маса се посветени и на едукација. Одговорен велосипедист е оној кој се однесува по правилата на сообраќајот и секако, оној кој е осветлен кога е темно. Мики Стефаноски точно сфати што бараме, а меѓу зборовите на постерот ќе најдете и некоја смешка 🙂

 

 

 

 

Ника Гавровска

Критична Маса #7 (2012.11)

Во првата година од Критична Маса, со првите десетина дизајнери го поставивме стандардот за следните години, а Ника Гавровска беше еден од нив. Градот во ма(а)ло, сакавме и уште сакаме улици и за велосипеди!

 

 

 

 

Воислав Димитријевиќ

Критична Маса #19 (2013.11)

Особено интересни постери излегуваат од оние дизајнери со кои лично се познава некој од нас, таков беше Воислав Димитријевиќ, кој направи стилизирана мапа од Скопје во рамките на бројката за да ја претстави економската придобивка од возење велосипед. 0 денари/километар!

 

 

 

 

Никола Војнов

Критична Маса #21 (2014.01)

Тема посветена на загадувањето на воздухот. Еден од подосетливите постери кои сме ги имале. Никола Војнов некако со многу мерак дојде до крајниот резултат.

 

 

 

 

Вања Шерeметковски

Критична Маса #22 (2014.02)

Му пративме бриф на Вања Шерeметковски, а тој ни испрати постер одобрен од прва, тоа беше тоа – јасно стана нашето барање до Државен Завод за Статистика да го вклучи велосипедскиот сообраќај во истражувањата. Ништо не може да се подобри без анализирање на сегашната ситуација и поставување на мерливи цели!

 

 

 

 

Александар Пешевски

Критична Маса #24 (2014.04)

Александар Пешевски ни беше како некој анонимус со кој разменувавме мејлови на секој саат 🙂 Оваа тема беше посветена на еден важен велосипедски момент, а тоа е функционален систем за изнајмување велосипед. Ова сè уште му фали на Скопје!

 

 

 

 

Коста Стаматовски

Критична Маса #33 (2015.01)

Секој месец од годината е за #НаТочак, Јануари не е исклучок. Коста Стаматовски ни помогна да објасниме дека и во зима возењето е убаво, само треба да ја имаш правата опрема. Полека скопјани почнаа да се охрабруваат да возат и на пониски температури, што е за поздрав.

 

 

 

 

Никола Кунгуловски

Критична Маса #39 (2015.07)

Брзината е прва причина за смрт во сообраќајот и во Македонија и во светот. Оваа критична маса сакавме да иницираме ограничување на брзините во сообраќајот во населените места. Никола Кунгуловски од архитект стана дизајнер на еден ден и ни понуди одлично графичко решение. Во Македонија, според статистиката за првата половина на 2014-та, возачите на моторни возила се виновни за 94% од сообраќајните несреќи.

 

 

 

 

Исак Вишњиќ

Критична Маса #44 (2015.12)

Со Исак Вишњиќ дојдовме до финалниот постер после мноооогу работа заедно. Сакавме да испратиме порака дека секој велосипедист е суперхерој на својот град! Особено кога се одлучува да се качи на точак, со маска во зима, кога воздухот е загаден. Велосипедистите се за восхит!

 

 

 

 

Марјан Димиќ

Критична Маса #45 (2016.01)

Ова беше можеби рекорд во најмалку разменети мејлови. Марјан Димиќ во негов стил ни ја испрати илустрацијата на постерот и за нас беше љубов на прв поглед. Зимска Критична Маса, поддршка за велосипедистите кои педлаат и на ладно.

 

 

 

 

Дијана Димитриевска

Критична Маса #47 (2016.04)

Дијана Димитрова ни направи проблем, ни прати две kick-ass решенија и едвај се решивме за едно. Постерот е правен во време кога почнаа да се реконструираат дел од скопските велосипедски патеки, а некои игнорантни шофери во нив препознаа место за паркинг.

 

 

Comments

comments