Индог e човек кој константно шири количества позитивна енергија. Тој со леснотија ви дава верба дека црнилата и проблемите се сепак лесно решливи.

Се зближивме периодов со Горан Костовски (Индог), тој меѓу другото беше гостин-артист на нашиот настан во Сектор909, а тогаш сфативме дека неговата мисија е многу слична на нашата. Станува збор за лик кој искрено го сака Скопје и кој безрезервно се вложува себеси и неуморно работи да допринесе кон скопската културата. Лесно најдовме заеднички јазик, ги споделивме сличните пасии и потребата од нешто позитивно и искрено.

Како што е редот, разменивме пар носталгични муабети, од типот на:

„Преголемата депресија и агресија го однесе градот во некоја друга, непозната насока, па најчесто се враќам дома тажен. На Скопје му фали Скопје, му фали живот. Ми недостига радоста и врвулицата од енергијата што ја имаше градов. Кога си ги слушал во иста вечер Kraftwerk и Carl Cox, кога си имал прилика да го гледаш Chick Corea со својот бенд пред себе, Herbie Hancock или да уживаш во ДЏ сетот на Gilles Peterson, James Holden и многу други квалитетни имиња, како да не бидеш носталгичен кон сето тоа што било во тек со сите светски случувања и кое наеднаш сето тоа го снемува.”

Но и неколку оптимистички мисли:

Mи се допаѓаат некои млади групации кои што сконтале дека никој нема да им помогне да направат нешто па презeмаат сè во свои раце. Браво омладина! Културата, на жалост или за среќа, секогаш била привилегија на малкумина што ја разбираат и најчесто не можат да си ја дозволат и поддржат. Но, добро е што секој од нас дава некаков допринос за истата.“

Индог е најинтересен кога се конзумира директно, од тие причини нема повеќе да ги сецкам нашите разговори на ситни парчиња и ќе ви дозволам да го следите нашиот разговор без никакви филтри. Прочитајте го интервјуто во еден здив.

 

Имаш многу пасии: фотографија, илустрација, дизајн, VJ и си поврзан со музика. Која од оваа е вистинската, најголемата љубов?

Имам да, од некои дури и живеам, што е супер бидејки нема ништо подобро да можеш да преживееш од тоа што го сакаш. Веројатно сите ми се драги, бидејки во различни фази од животот работам во различни области. Прекрасно е што можам да експериментирам цело време со сите медиуми, али не би можел да кажам што ми е најголема љубов. Убаво се осеќам и кога работам како VJ на подиумот, а и кога цртам позади компјутерот.

Последниве 2 години сум во улога на професор во една програма за уметност и дизајн како дел од неформалното образование и тоа ептен, ама ептен ми се допаѓа. Се надевам дека ќе имам повеќе прилики да го пренесам своето знаење врз младите луѓе, a и да учам и јас нешто од нив.

 

Од каде идејата за „Celebrate Life“?

„Celebrate Life“ се роди во 2012 година, откако прегорев во светот на адвертајзингот. Реално, морав да се спасам себеси, бидејки креативно бев неисполнет, а и имав огромна потреба од нов инспиративен почеток.

Инаку започна како платформа за дизајнирање на унисекс облека и разни дизајнерски предмети и илустрации. Веројатно во најтешките мигови на нашето општество. Покрај практичниот аспект, платформата има и филозофија зад себе – да се избегне мрачната и неподнослива состојба во секојдневието.

Луѓето престанаа да се смеат. Заборавија на животот и радоста. Сеприсутната агресија, гнев, омраза и непрепознавање на средината ме доведе до стадиум да размислувам и најдам нов начин на изразување. Впрочем, бедата кај мене се пренасочи во продуктивност. „Celebrate Life“ постои за да се потсетат луѓето на моментите кога танцуваат и ги слават убавите нешта.

Стилски различни но, оптимистични. Концептот „Celebrate Life“ имаше за цел од првата продукција на маици, дел од средствата собрани од продажбата, да бидат наменети за бездомните животни и за луѓе на кои им треба некаква помош.

 

Ќе имаш ли наскоро изложба? Имаш ли планови за таков тип на настани?

Имам 2 спремни изложби, од кои едната се вика „Емигрирани во слобода“, станува збор за птици цртани со акрил на картонски отпадоци пронајдени на улиците низ Скопје. Таа го третира односот на луѓето во својата средина и отфрлувањето од истата за да ја пронајдат својата подобра иднина. Другата пак се вика „Емоции за мртвиот град“. Овој пат станува збор за дигитални графики (името кажува сè за нејзе).

Во однос на тоа кога ќе бидат овие изложби испродуцирани не би можел да кажам во моментов, бидејки зависат од многу фактори, а можеби овие дела и нема никогаш да бидат изложени.

Инаку зад себе имам неколку самостојни изложби. Најголемиот дел од нив се реализирани во Скопје, една во Словенија, а сум учествувал и на неколку групни изложби во: Загреб, Париз, Амстердам, Берлин.

 

Како дел од поранешниот „The Club“, во што се разликува ноќниот живот порано и сега?

„The Club“ беше продолжение и освежување на сцената во нова насока. Мало инфо за помладите генерации во склоп на овој муабет, е тоа дека првата техно журка се има случено 1992 година во дискотеката Силекс во Скопје. „The Club“ си одработи најдобро што можеше и допринесе многу работи за истата таа сцена.

За денес, веројатно многу фактори се битни за ноќниот живот да фукнционира, тоа што сме тешка социјала и што не можеме да си дозволиме некои работи е една од многуте нишки. Лично немам право многу да зборувам за подиумите денес бидејки не излегувам во Скопје многу често.

Има ли простор за дополнително развивање на арт-културата? За отворање на нови галерии, за почесто организирање на изложби. Се цени ли доволно уметноста?

Изгубената култура е секогаш инспирација за нови предизвици. Очајно ни се потребни нови простори за изразување на младите луѓе. Нефункционалноста и затвореноста на институциите не е од помош за младите луѓе да останат мотивирани и да започнат некаков процес на работа. Уметноста не се цени бидејки сме духовно сиромашни и визуелно неписмени. Потребна е силна едукација за да имаме некакви прогресивни промени (моето мото е: „едуцирај, не отфрлај“).

 

Што следно да очекуваме од тебе?

Се надевам дека ќе успеам да го реализирам „Celebrate Life“ како што планирам – кон проширување на поинакви работи. Досега се реализирани себе-финансирани 7 мини-колекции, една групна изложба (за прв пат во Македонија) со 13 домашни дизајнери и една самостојна изложба.

Во иднина доколку има можност и донатор, би се фокусирал на промоција на домашни таленти и вмрежување на истите. Исто како и на оформување и организирање на работилници кои што би ги комуницирале маргинализираните проблеми на општеството, кои што се присутни, но сите ги одбегнуваат. Сите досегашни колекции може да ги погледнете тука.

Со Индог моментално имаме повеќе заедничко од вообичаеното, и ние го превртуваме Скопје во секојдневна потрага по талентирани деца кои ќе ги споделиме со светот. Децата кои ќе ја вратат вербата во нас, генерацијата која вреди и која ќе смени нешто. Викни три пати ура и придружи ни се.

 

Галерија

Фотографии: Мартин Пацов Саровски

Comments

comments