Фотографии: Александра Костадиновска

 

Господинот Кирил Џајковски, без двојба, е еден од нашите најуспешни музичари.

Неговата кариера започнува во кревките тинејџерски денови; се простира низ неколку децении и повеќе силно релевантни бендови/проекти (Бастион, Леб и Сол, Апаратчикс со Влада Дивљан), а го доживува можеби својот врв во денешницата, во која Кирил е редовно присутен по светските музички фестивали.

Во сличен манир со кој му успева да го задржи својот креативен потенцијал, тој сè уште изгледа младолико, свежо и го сретнав во силно позитивно расположение. Деновиве е повторно супер-актуелен со неговиот (сега веќе) легендарен електро поп состав Бастион, од првата половина на 80тите години, поради најновото винил реиздание на оваа сублиминална скопска плоча.

Во кои околности постоеше Бастион? Дали во 80тите сите се разбираа во магија?
Дали навистина тогаш Господ одел по земјата? Со што побогу ве хранеа во 80тите години? И одговори на многу други прашања, дознајте во ЕКСКЛУЗИВНОТО ИНТЕРВЈУ, кое Кирил Џајковски го даде за Reborn.

 

 

Од денешен аспект, слушајќи ја музиката на Бастион, човек лесно може да влезе во расположение да мистифицира времиња, расположенија, атмосфери. Младите, па и постарите, премногу лесно зборуваат за легендарноста на 80тите. Како гледаш ти од денешен ракурс на тие сепак пионерски времиња? Прва половина на 80тите, времето и условите во кои настанаа Бастион во Скопје, Македонија.

Се сложувам дека секогаш постои тенденција да се мистифицираат минатите времиња, но за тој период слободно може да се каже дека е период кога веројатно се правеше најдобра музика во бившата југословенска држава, блиска до актуелните музички трендови, но и со автентичен белег.
Светската музичка сцена е во креативен бум со новите влијанија од пост панк, пост њу вејв, синт вејв сцените, влијанија кои силно ќе се почувствуваат на овие простори. Сето тоа во голема мера се рефлектираше и на македонската музичка сцена. Во тоа време имаше многу групи кои работеа, снимаа и настапуваа, а добро се сеќавам дека музичарите меѓу себе имаа одлична комуникација. Слободно можеме да зборуваме за една активна и креативна сцена.

 

Бастион е базично електронски (електро-поп) бенд. Се сеќаваш ли на други такви бендови во тој момент од Скопје? Јас лично не можам да набројам премногу наши електронски бендови од тоа време. Беше ли тоа нова (можеби револуционерна) приказна за ова миље тука?

За ова ќе треба да се консултираме со луѓе кои го следат развојот на македонската музика во минатите децении. Во моментов не можам да се сетам, ние, претпоставувам, бевме меѓу првите. Мислам дека наскоро излегува македонска рок енциклопедија, па сигурно ќе можеме да го добиеме и одговорот на ова прашање. Имиња што од тоа време ми останале во сеќавање, а мислам дека влегуваат во таа категорија на електро израз се Алгоритам и Дизајн.

 

Како се собра Бастион. Приказната вели дека Милчо Манчевски е сврзното ткиво. Како се случија нештата од твој агол?

Првичниот контакт со Милчо беше на моја иницијатива околу можна соработка за филмска музика за неговиот филмски проект кој го развиваше во тој период. Но нашата комуникација доби друга димензија и тој активно се вклучи во Бастион во улога на текстописец и член во сенка кој ќе се грижи и за визуелната и медиумската презентација на бендот.

По негова иницијатива ја контактирав Ана Костовска, која со својот прекрасен глас перфектно ќе се вклопи и првите демо снимки ги правиме во МКЦ во текот на 1982. Во тоа време член на Бастион е Тоше Поп Симонов кој свири гитара, но наскоро го отвора своето музичко студио и се посветува на музичка продукција, па на негово место доаѓа басистот Љупчо Стојсављевиќ и така се комплетира групата. Со Љупчо работиме интензивно на албумот пролетта 1983та и ќе го снимиме во август истата година. Во октомври јас заминувам во ЈНА.

 

 

Како гледаше публиката на овој аутфит? Имавте и пар концерти тука. Како реагираа на оваа музика скопјани во 1984?

Музиката на Бастион беше добро прифатена од публиката која слушаше таква музика и од музичките критичари, а имаше и поддршка од радиските диск џокеи. Ние имавме мала промотивна турнеја низ неколку града во Македонија по излегувањето на албумот, но генерално се работи за релативно кус период на работа и постоење на групата, па и немаше доволно време и услови да се испромовира во живо материјалот и можност да се настапува вон Македонија. Но преку радијата, а делумно и преку видео спотот за Хот Деј ин Мексико кој го режираше Милчо, музиката успеа да дојде до публиката на бившиот југословенски простор.

 

Збор-два за снимањето на плочата и односот со ПГП РТБ, една од водечките дискографски куќи во тогашна Југославија.

Материјалот за албумот на Бастион беше комплетно независно издание. Ние материјалот го снимивме летото 1983та, во сопствен аранжман за само три дена во студиото М2 при МРТ. Со ПГП договоривме дистрибуција ми се чини во ноември истата година. За жал, албумот се појави во продажба дури пролетта 1985та.

 

Зошто се распадна Бастион?

Бастион престана со работа од многу логични причини. Милчо замина за Америка каде што ја продолжи својата филмска кариера, а Ана за Суботица каде што се вработи во театарот што го водеше Љубиша Ристиќ. Реално, веќе немаше услови да функционира проектот понатаму, така што и јас и Кучкар продолживме со музичките активности во рамките на други проекти.

 

 

Свесни ли бевте дека креирате нешто што ќе има далекусежни последици?

Нашиот пристап во креирањето на таа музика беше комплетно ослободен од калкулации или уметнички претензии. Работевме вредно, но и многу инстиктивно и лесно и во таа смисла немавме некаков план или пак конкретни очекувања. Тој материјал беше еден верен запис на нашите креативни размислувања и импулси во тој период.

 

Колку и што ти значи ова пролонгирано интересирање за твојот бенд и твоите композиции (сепак ти си главно автор на музиката) од тоа време? Реиздание во 2007, реиздание во 2018та. Дали се чувствуваш влијателен како што те доживуваат новите генерации?

Убаво е да се види музика создадена во едно друго време и други околности да го преживее тестот на времето, а што е уште поинтересно после толку години да ги прошири границите на интерес и кај публиката надвор од балканските простори. Изгледа како чудна коинциденција, но во исто време кога го договаравме реизданието со Флора од АЦЦ Рекордс, се јавија и дискографски куќи од Германија, Австралија, Англија и Полска сите со желба да го реиздадат албумот на Бастион во рамките на својот каталог.

 

Можно ли е реоформување на Бастион, па макар само за еден концерт?

Не сум разговарал за тoa со останатите членови, нe ја исклучувам таа можност, времето ќе покаже.

 

Comments

comments